Eurelectric: Eнергијата од ОИЕ ги ублажи ценовните шокови

октомври 2, 2026

Европскиот електроенергетски систем покажа поголема отпорност на енергетските шокови во 2026 година, но потребни се побрзи инвестиции во складирање, мрежи и флексибилност. Ова е главната порака од новиот извештај „Power Barometer 2026“ на Eurelectric, објавен на 30 септември.

Од февруари до август, цените на електричната енергија во ЕУ пораснале за 22,8%, додека цените на гасот скокнале за 88,4%. Според организацијата, производството од чисти извори го ограничило пренесувањето на поскапувањето на фосилните горива врз пазарот на струја.

Разликата била особено видлива напролет: по блокадата на Ормускиот Теснец, гасот поскапел за 41% од февруари до мај, додека цените на електричната енергија се намалиле за 7%. Летните топлотни бранови потоа донеле нов притисок, со повисока побарувачка, послабо хидропроизводство во нордиските земји и намалена расположливост на нуклеарните електрани.

Батериите ги ублажуваат вечерните ценовни врвови

Бугарија е издвоена како пример за влијанието на складирањето. Според Eurelectric, со развојот на батериски системи со вкупна моќност од 5,4 GW, разликата меѓу бугарските големопродажни цени и просекот на ЕУ се намалила: од околу 21% над европскиот просек во 2024 година на 8,3% во 2026 година.

Батериите ја складираат електричната енергија произведена од фотонапонските електрани во пладневните часови и ја испорачуваат навечер, кога соларното производство опаѓа, а цените растат.

Сепак, европските капацитети за складирање сè уште заостануваат. Во 2025 година, големите системи за складирање во ЕУ имале вкупна моќност од 64 GW, со доминантно учество на пумпно-акумулационите хидроелектрани. Извештајот укажува на потребно ниво од 200 GW до 2030 година.

Eurelectric повикува на побрзи дозволи за мрежи, складирање и чисто производство, посилни стимулации за флексибилност и предвидливи услови за инвестирање. Покрај батериите, значајна улога има и приспособувањето на потрошувачкатa, користење повеќе електрична енергија кога таа е достапна и поевтина, со намалување на товарот во најскапите часови.

ECI

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *