Вештачката интелигенција ја менува енергетиката: кој ќе инвестира, а кој ќе го преземе ризикот?

ноември 15, 2026

Развојот на вештачката интелигенција отвора ново прашање за електроенергетските системи: кој треба да ги финансира инвестициите во мрежата потребни за приклучување на дата центрите и кој ќе ги сноси трошоците ако планираните проекти не се реализираат?

Според Меѓународната агенција за енергија (IEA), инвестициите во дата центри во 2025 година надминале 550 милијарди долари, додека нивната потрошувачка на електрична енергија пораснала за 17%. Во следните пет години се очекува потрошувачката да се удвои.

Овие показатели се дел од извештајот Powering Artificial Intelligence – Strategies for integrating data centres into electricity systems, кој анализира регулаторни практики во повеќе од 34 јурисдикции, со околу 90% од глобалните капацитети на дата центрите.

Но зад растот на дигиталната економија стои сериозен инфраструктурен предизвик. Новите дата центри бараат голема и сигурна електрична моќност, а нивното приклучување често подразбира нови трафостаници, далекуводи и зајакнување на постојната мрежа.

Кој треба да ја плати електроенергетската инфраструктура?

IEA разгледува два основни пристапа за распределба на трошоците за приклучување.

Кај моделот shallow connection charging, инвеститорот го плаќа непосредниот приклучок, додека зајакнувањето на пошироката мрежа се финансира преку регулираните мрежни тарифи. Кај deep connection charging, инвеститорот покрива и дополнителни мрежни инвестиции што може да се припишат на неговиот проект.

Разликата е суштинска. Ако приклучувањето на голем дата центар бара значителни инвестиции во мрежата, нивното финансирање преку општите тарифи може да значи дека дел од трошоците ќе ги платат домаќинствата и останатите компании.

Од друга страна, новата инфраструктура може да има поширока корист за електроенергетскиот систем. Затоа регулаторите треба да утврдат кои инвестиции се неопходни исклучиво поради конкретниот проект, а кои носат придобивки и за други корисници.

Суштинското прашање, според тоа, не е дали електроенергетските мрежи треба да се развиваат за потребите на вештачката интелигенција, туку како ќе се распределат трошоците и ризиците. Инвеститорите во дата центри треба да ги финансираат приклучоците и дополнителните мрежни инвестиции што се неопходни исклучиво за нивните проекти, како и да обезбедат финансиски гаранции за преземените обврски. Мрежните оператори треба да продолжат да инвестираат во инфраструктура со поширока системска корист, со трошоци што се оправдани и контролирани од регулаторите. На тој начин развојот на дигиталната економија може да се поддржи без неговиот приватен инвестициски ризик да се префрли врз домаќинствата и останатите компании.

Грција воведува конкретни обврски за инвеститорите

Грција е еден од најновите примери за регулирање на ова прашање. Со законските одредби изгласани во ноември 2026 година, инвеститорите во дата центри се задолжуваат да ги покријат трошоците за приклучување, како и дополнителните инвестиции за проширување и зајакнување на електроенергетската мрежа што се предизвикани исклучиво од нивните проекти.

Со тоа се воспоставува принцип според кој трошоците за инфраструктура што е потребна за конкретна приватна инвестиција не треба автоматски да се префрлаат врз останатите потрошувачи.

Дополнително, се предвидува банкарска гаранција од 200.000 евра за секој мегават максимална потрошувачка. За дата центар од 100 MW тоа претставува гаранција од 20 милиони евра.

Целта е да се ограничи резервирањето мрежен капацитет за проекти што немаат доволна инвестициска подготвеност и да се намали ризикот од непотребни инфраструктурни инвестиции.

Грчкиот пример е особено важен бидејќи го поврзува правото на приклучување со финансиската одговорност на инвеститорот.

Ризикот од нереализирани проекти

Проблемот не е само кој ќе ја финансира мрежата, туку и што се случува ако дата центарот не се изгради или користи помала моќност од договорената.

Во одредени региони барањата за приклучување на дата центри ја надминуваат постојната максимална потрошувачка на електроенергетскиот систем. Но барањето за приклучување не е гаранција дека проектот ќе се реализира.

Ако мрежниот оператор инвестира врз основа на неизвесни проекти, може да остане со скапа и недоволно искористена инфраструктура.

Затоа во Вирџинија, САД, од 2027 година се предвидуваат долгорочни договори, минимални плаќања поврзани со договорениот капацитет и финансиски гаранции за големите потрошувачи.

Грција и Вирџинија применуваат различни механизми, но имаат заедничка цел: финансиските ризици од големите приватни проекти да не се префрлаат неоправдано врз останатите корисници на мрежата.

Може ли новата потрошувачка да поттикне и нови енергетски инвестиции?

Дата центрите не мора да бидат само дополнително оптоварување за електроенергетските системи. Тие можат да поттикнат изградба на нови електрани, батериски системи и мрежна инфраструктура.

Според IEA, во првата половина на 2026 година операторите на дата центри склучиле долгорочни договори за набавка на електрична енергија (PPA) за околу 45 TWh, речиси 20% повеќе од истиот период претходната година.

Се развива и моделот Bring Your Own Power, според кој инвеститорите обезбедуваат дополнителни производствени капацитети за своите потреби. Во Ирска, за одредени нови дата центри се бара обезбедување капацитети со кои може да се управува според потребите на системот.

Дополнителна можност е флексибилното приклучување, при кое потрошувачката може привремено да се ограничи кога мрежата е оптоварена. IEA проценува дека ваквите пристапи потенцијално би можеле да овозможат дополнителни 750–900 GW глобален мрежен капацитет за прифаќање потрошувачка.

Сепак, флексибилноста има цена. Не секоја пресметковна активност може да се прекине или одложи, па економската исплатливост зависи од видот на услугите и условите во електроенергетскиот систем.

Дали дата центрите се решение за вишокот соларна енергија во електроенергетските мрежи?

Брзиот развој на фотонапонските електрани отвора уште една дилема: дали новите дата центри можат да се лоцираат таму каде што соларното производство ја надминува локалната потрошувачка?

Ова прашање е релевантно и за Македонија. Со зголемувањето на соларните капацитети, во одредени периоди електричната енергија тече од дистрибутивната кон преносната мрежа, бидејќи локалното производство ја надминува потрошувачката.

Тука се поставува прашањето дали дел од новата потрошувачка може да се развива поблиску до производството, наместо целокупниот вишок да се пренесува кон оддалечени потрошувачи.

Дата центрите би можеле да придонесат за поголемо локално искористување на соларната енергија, особено ако дел од нивните пресметковни активности може да се пренасочи во часовите со високо производство.

Европска научна студија од 2026 година покажува дека флексибилното работење на дата центрите може да го намали ограничувањето на производството од обновливи извори во моделиран електроенергетски систем.

Но дата центрите имаат потреба од електрична енергија и навечер, кога соларните електрани не произведуваат. Тоа отвора нови прашања за дополнителните производствени капацитети, складирањето енергија, мрежната инфраструктура и вкупните трошоци.

Дали дата центрите, со соодветна локација и флексибилност, можат да станат дел од решението за интеграција на обновливите извори, наместо само дополнителен товар за електроенергетскиот систем?

Одговорот не е однапред даден. Но токму овие прашања покажуваат дека развојот на вештачката интелигенција треба да се разгледува заедно со планирањето на производството, потрошувачката и електроенергетските мрежи.

д-р Виктор Андонов

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *