Шпанија постигнала импресивен напредок во трансформацијата на својот енергетски систем во изминатата деценија. Земјата повеќе од двојно ги зголемила капацитетите за производство на електрична енергија од обновливи извори, речиси целосно го елиминирала јагленот од електроенергетскиот микс и значително ги намалила емисиите на стакленички гасови.
Ова е главната оценка на Меѓународната агенција за енергија (IEA) во најновиот извештај Spain 2026 – Energy Policy Review, објавен на 5 ноември 2026 година.
Според IEA, постигнатите резултати се темелат на амбициозна енергетска и климатска политика, поддржана со Националниот енергетски и климатски план, Законот за климатски промени и енергетска транзиција и институционални механизми за забрзување на декарбонизацијата.
Агенцијата особено го истакнува шпанскиот пристап кон праведната транзиција, кој ги поврзува инвестициите во чиста енергија со вработувањето, регионалниот развој и социјалната вклученост.
Обновливите капацитети надминаа 119 GW, а јагленот речиси исчезна
Во периодот од 2015 до 2025 година, инсталираните капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори се зголемиле од 51 GW на приближно 119 GW.
Истовремено, уделот на обновливите извори во производството на електрична енергија се зголемил од 35% на 56%, додека сите нискоемисиони извори, вклучувајќи ја и нуклеарната енергија, обезбедувале околу 75% од производството во 2025 година.
Особено значајна е промената во користењето на јагленот. Неговиот удел во производството на електрична енергија се намалил од речиси 20% во 2015 година на само 0,7% во 2025 година.
Во истиот период, уделот на нафтата се намалил од 6,2% на 3%, додека природниот гас учествувал со 21% во производството во 2025 година.
Трансформацијата е придружена и со значителни подобрувања во енергетската ефикасност. Енергетскиот интензитет на шпанската економија се намалувал во просек за 2,4% годишно меѓу 2015 и 2025 година.
Емисиите на стакленички гасови се намалиле за 19% меѓу 2015 и 2024 година, при што најголемиот придонес доаѓа од производството на електрична и топлинска енергија, каде што емисиите се намалиле за 64%.
IEA оценува дека растот на домашното производство од обновливи извори ја зајакнал енергетската безбедност на Шпанија, ја намалил изложеноста на нестабилните цени на фосилните горива и придонел за пониски големопродажни цени на електричната енергија.
Следниот предизвик е трансформацијата на целата економија
И покрај значителниот напредок во електроенергетскиот сектор, IEA предупредува дека Шпанија сè уште се соочува со сериозни предизвици во транспортот, индустријата и греењето.
Во 2024 година, електричната енергија учествувала со 25% во финалната енергетска потрошувачка, додека националната цел за 2030 година изнесува 35%.

Транспортот останува еден од најголемите предизвици. Емисиите во овој сектор се зголемиле за 7,7% меѓу 2015 и 2024 година, за разлика од значителните намалувања во електроенергетскиот сектор и индустријата.
IEA посочува дека релативно високите крајни цени на електричната енергија, поради даноците, давачките и мрежните тарифи, го ограничуваат преминувањето кон електрични технологии, и покрај конкурентните големопродажни цени.
Паралелно, брзиот развој на обновливите извори бара поголеми инвестиции во електроенергетските мрежи, складирањето и флексибилноста на системот.
Шпанија има поставено цел од 22,5 GW капацитети за складирање до 2030 година. Дополнително, националниот план предвидува 76 GW соларни и 62 GW ветерни капацитети, со цел обновливите извори да достигнат 81% од производството на електрична енергија.
IEA предупредува и на потребата од порамномерен развој на обновливите технологии. Соларните електрани учествувале со повеќе од 90% во новододадените обновливи капацитети во 2025 година, што создава ризик од ограничување на производството и намалување на пазарните цени во часовите со високо соларно производство.
Дополнителен предизвик претставува планираното затворање на нуклеарните електрани меѓу 2027 и 2035 година. Агенцијата препорачува внимателно управување со овој процес и разгледување на можноста за продолжување на работниот век на постојните реактори, по соодветни безбедносни проверки.
Енергетската транзиција ја зајакнува конкурентноста на Шпанија
IEA оценува дека Шпанија влегува во следната фаза од енергетската транзиција од позиција на стратешка сила, со една од најголемите бази на обновливи електроенергетски капацитети меѓу земјите членки на агенцијата и развиена институционална рамка.

Сепак, зависноста од увоз на енергенти останува висока и во 2024 година изнесувала 69% од вкупната енергетска потрошувачка. Целта на шпанската влада е оваа зависност да се намали на 50% до 2030 година.
Според националниот енергетски и климатски план, за реализација на енергетската транзиција се проценуваат вкупни инвестициски потреби од околу 308 милијарди евра во периодот 2021–2030 година, при што приближно 82% се очекува да дојдат од приватниот сектор.
Економските придобивки од досегашната трансформација веќе се видливи. Според процените на IEA, развојот на ветерната и соларната енергија во периодот 2011–2024 година ѝ овозможил на Шпанија да избегне кумулативни трошоци од околу 26 милијарди долари за увоз на природен гас. Без новите обновливи капацитети, увозот на гас во 2024 година би бил речиси 40% поголем.
IEA заклучува дека следниот чекор е постигнатата трансформација на производството на електрична енергија да се прошири врз целата економија. Забрзаната електрификација, модернизацијата на мрежите и развојот на флексибилноста ќе бидат клучни за Шпанија да стане модел за сеопфатна енергетска транзиција.
ECI

