Европската комисија постави цел до 2040 година да го удвои уделот на електричната енергија во финалната потрошувачка, и тоа од сегашните 23% на 46%.
Според Брисел, тоа може да ја намали сметката на Европската Унија за увоз на фосилни горива за до 260 милијарди евра годишно, истовремено зајакнувајќи ја конкурентноста, енергетската безбедност и декарбонизацијата.

Европската комисија го претстави Акцискиот план за електрификација, со кој сака Европа да стане првиот „електрифициран континент“ во светот. Документот ја поставува електрификацијата како главен двигател за намалување на зависноста од увозна нафта, природен гас и јаглен, но и како клучна алатка за намалување на трошоците за енергија и зголемување на конкурентноста на европската економија.
Паралелно со европскиот план, и претстојниот COP31 во Анталија предлага глобална цел електричната енергија да учествува со 35% во светската финална потрошувачка на енергија до 2035 година, во споредба со нешто повеќе од 20% денес, што ја потврдува електрификацијата како еден од клучните столбови на глобалната енергетска транзиција.
Канада неодамна ја претстави својата Национална стратегија за електрифицирана економија, со која планира да го удвои производството и капацитетот на електроенергетската мрежа до 2050 година
260 милијарди евра помалку за увоз на фосилни горива
Најсилната порака од планот е економската придобивка. Европската комисија проценува дека, доколку до 2040 година уделот на електричната енергија во финалната потрошувачка достигне 46%, Европската Унија ќе може да ја намали сметката за увоз на фосилни горива за до 260 милијарди евра годишно.
Во моментов, ЕУ увезува повеќе од 80% од природниот гас што го троши и повеќе од 90% од нафтата, поради што останува силно изложена на геополитички ризици и ценовни шокови.
Електричната енергија треба да стане главен енергенс
Денес електричната енергија учествува со само 23% во финалната потрошувачка на енергија во Европската Унија, удел кој практично стагнира цела деценија.
Со новиот план Комисијата поставува референтна цел од 32% до 2030 година и 46% до 2040 година, што претставува речиси двојно зголемување на електрификацијата на европската економија.
Речиси половина од електричната енергија веќе е обновлива
Комисијата посочува дека предусловите за ваквата трансформација веќе постојат. Во 2024 година, 47,5% од произведената електрична енергија во Европската Унија потекнувала од обновливи извори, во споредба со 28,6% пред десет години.

Следниот чекор, според Брисел, е оваа сè почиста електрична енергија да се користи многу повеќе во транспортот, зградите и индустријата.
Електрични автомобили, топлински пумпи и електрификација на индустријата
Планот предвидува забрзана електрификација во сите сектори на економијата. Тоа вклучува побрзо воведување на електрични возила, замена на гасните котли со топлински пумпи, електрификација на индустриските процеси и забрзана изградба на инфраструктура за полнење и електроенергетски мрежи.
Документот наведува дека на европските патишта веќе има повеќе од 8 милиони батериски електрични возила, а во употреба се околу 28 милиони топлински пумпи.
Комисијата наведува дека електрификацијата може да донесе директни придобивки и за потрошувачите. Според анализите, користењето батериско електрично возило може да биде до 78% поевтино од еквивалентно возило со мотор со внатрешно согорување, додека замената на гасен котел со топлинска пумпа може да ги намали трошоците за греење до 60%.
Истовремено, Комисијата предупредува дека успехот на планот ќе зависи од намалувањето на цената на електричната енергија, забрзаната изградба на преносните и дистрибутивните мрежи и инвестиции од стотици милијарди евра во електроенергетската инфраструктура во наредните години.
ECI

