Малопродажниот синџир ја забрзува целосната електрификација на логистиката за три години, со нови мегаватни полначи, батериски системи и соларна енергија во дистрибутивните центри
Lidl планира од 2027 година сите свои 440 продавници во Холандија да ги снабдува исклучиво со електрични камиони, со што целта за целосна електрификација на националната логистика би била постигната три години порано од првично планираното.
Продавниците во регионите Северна Холандија и Флеволанд веќе целосно се снабдуваат со електрични камиони, по пуштањето во употреба на новиот центар за брзо полнење во логистичкиот комплекс на Lidl во Алмере.
Од биогорива кон целосно електрична логистика
Lidl во Холандија уште од 2024 година ги снабдува своите продавници без употреба на дизел, користејќи алтернативни горива како Bio-LNG и HVO100. Компанијата, сепак, ги смета биогоривата само за преодно решение кон целосно електричен транспорт.
Според Lidl, компанијата одлучила рано да инвестира во електрификацијата, наместо да чека нови законски обврски и регулаторни барања. Целта не е само замена на дизел-камионите, туку создавање интегриран енергетски систем кој ќе обезбеди доволно електрична енергија за полнење на тешките возила и во услови на ограничен капацитет на електроенергетската мрежа.
Компанијата не објави колку електрични камиони ќе бидат потребни за целосно снабдување на сите 440 продавници.
Полнење со моќност до 1,2 MW
Новата инфраструктура за полнење во логистичкиот центар во Алмере располага со повеќе CCS брзи полначи, како и со полнач според стандардот Megawatt Charging System – MCS.
Капацитетот на MCS полначот во иднина треба да достигне до 1,2 мегавати, што ќе овозможи брзо полнење на тешки електрични камиони за време на кратките паузи меѓу логистичките тури. Lidl засега не објави дополнителни технички детали за бројот и моќноста на останатите полначи во центарот.
Соларни централи и батерии го намалуваат притисокот врз мрежата
Електрификацијата на транспортот е поврзана со пошироки инвестиции во сопствено производство и складирање електрична енергија.
На покривите на логистичките центри Lidl поставува соларни панели, додека батериските системи се користат за складирање на произведената електрична енергија и за намалување на врвната потрошувачка при истовремено полнење на повеќе камиони.
Во логистичкиот центар во Алмере е инсталирана батерија со капацитет од 1 MWh. Со интелигентен систем за управување, компанијата го прогнозира енергетскиот биланс на центарот на минутно ниво и го приспособува полнењето на камионите кон расположливата енергија.
Кога полначите не се користат, Lidl наведува дека дел од сопствено произведената зелена електрична енергија може да им биде достапен и на други компании. На тој начин се намалува оптоварувањето на мрежата и се поддржува електрификацијата на транспортните операции на други логистички оператори.
Помала зависност од горивата и транспортните давачки
Lidl оценува дека раните инвестиции во електричниот транспорт ја намалуваат изложеноста на компанијата кон променливите цени на горивата и кон трошоците поврзани со давачките за камиони.
Извршниот директор на Lidl Холандија, Петер де Рос, изјави дека со паметни инвестиции во електричното снабдување компанијата се обидува да ги задржи ниски цените на прехранбените производи и да покаже дека одржливоста и достапноста можат да се развиваат паралелно.
Холандскиот министер за инфраструктура и водостопанство, Винсент Кареманс, оцени дека електрификацијата на патниот товарен транспорт е важна за енергетската независност, подобрувањето на квалитетот на воздухот и намалувањето на емисиите на јаглерод диоксид.
Lidl тврди дека со целосната електрификација би станал првиот синџир супермаркети, па дури и првиот малопродажен синџир во светот што ги снабдува сите продавници во една држава со електрични камиони. Electrive забележува дека ваквото тврдење тешко може независно да се провери, но оценува дека проектот во секој случај претставува еден од најнапредните примери за електрификација на малопродажната логистика.
ECI

