Канада ја става електрификацијата во центарот на енергетската стратегија

јули 8, 2026

Наместо новата енергетска политика да ја гради околу поединечни технологии, Владата на Канада ја поставува електрификацијата како темел на идниот економски развој, енергетската безбедност и конкурентноста на земјата.

Во официјалната најава на премиерот Марк Карни за новата National Electricity Strategy, Канада поставува една од најамбициозните цели меѓу развиените економии, а тоа е удвојување на производството на електрична енергија и капацитетот на електроенергетската мрежа до 2050 година.

Според владата, побарувачката за електрична енергија ќе се удвои во следните 25 години како резултат на електрификацијата на транспортот, греењето, индустријата, забрзаниот развој на вештачката интелигенција и изградбата на дата-центри. Затоа, електроенергетската инфраструктура се третира како стратешки национален приоритет, а не само како дел од климатската политика.

Четири столба на новата стратегија

Националната стратегија ќе се темели на четири клучни насоки:

  • удвојување на производствените, преносните, дистрибутивните и складишните капацитети;
  • поврзување на денес фрагментираните провинциски електроенергетски мрежи преку нови интерконекции;
  • обезбедување и обука на повеќе од 130.000 квалификувани работници потребни за изградба и одржување на системот;
  • развој на домашна индустрија за производство на технологии и компоненти за електроенергетскиот сектор.

Електрификацијата како економска политика

Во своето обраќање, премиерот Марк Карни нагласи дека идната конкурентност на Канада директно зависи од достапноста на доволно електрична енергија.

„Патот до достапна енергија е електрификацијата. Патот до конкурентност е електрификацијата. Патот до нето-нула емисии е електрификацијата“, изјави Карни при претставувањето на стратегијата.

Поврзана вест: Повеќе за тоа како електрификацијата во Европа забрзува прочитајте во анализата на Energy & Climate Index.

Владата проценува дека со забрзана електрификација и инвестиции во енергетска ефикасност, седум од десет канадски домаќинства ќе имаат пониски вкупни трошоци за енергија до 2050 година, при што вкупните заштеди би достигнале околу 15 милијарди канадски долари.

Големи инвестиции во мрежата и производството

Стратегијата предвидува значителни инвестиции во нови хидроелектрани, нуклеарни капацитети, ветерни и соларни проекти, модернизација на преносната мрежа и системи за складирање на енергија.

Истовремено, федералната влада најавува забрзување на процедурите за реализација на клучните инфраструктурни проекти и продолжување на даночните поттикнувања за инвестиции во чиста енергија.

Со околу 80% производство на електрична енергија од нискојаглеродни извори, Канада веќе располага со еден од најчистите електроенергетски системи меѓу земјите од Г7. Новата стратегија има цел таа предност да ја претвори во двигател на економскиот раст, индустрискиот развој и долгорочната енергетска безбедност.

Поврзана вест: Електрификацијата станува приоритет и во глобалната климатска агенда, вклучително и во подготовките за COP31.

ECI

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *