Vattenfall ќе гради два ветерни парка на море со најмалку 1,8 GW

август 9, 2026

Данската агенција за енергетика го избра Vattenfall за изградба на ветерните паркови на море „Nordsøen Midt“ и „Hesselø“, со вкупен минимален капацитет од 1,8 GW. Двата проекта ќе произведуваат електрична енергија еквивалентна на потрошувачката на околу 1,8 милиони дански домаќинства.

Агенцијата ги спроведе тендерските постапки во рамките на новиот дански модел за развој на ветерната енергија на море, кој овозможува државна поддршка. Vattenfall победи со најниски понудени цени од околу 67,5 евра/MWh за „Nordsøen Midt“ и 72,7 евра/MWh за „Hesselø“.

Најмалку 1 GW во Северното Море

„Nordsøen Midt“ ќе се гради во Северното Море, на околу 20 километри од западниот брег на Јитланд. Ветерниот парк ќе има минимален инсталиран капацитет од 1.000 MW, а на тендерот пристигнаа две понуди.

„Hesselø“ ќе се наоѓа во Категат, на околу 30 километри од северниот брег на островот Зеланд. Проектот ќе има минимален капацитет од 800 MW, со можност конечната инсталирана моќност да достигне до 1,2 GW. За овој ветерен парк пристигнаа пет понуди.

За двата проекта е резервиран капацитет за приклучување кон електропреносната мрежа. Точките за приклучување ќе се наоѓаат приближно 50 километри во внатрешноста на земјата.

Производството треба да започне во 2032 година

Следниот чекор предвидува проверка на документацијата и потврда дека Vattenfall ги исполнува сите правни и тендерски услови. По завршувањето на овие формалности, надлежните институции ќе ги потпишат договорите со компанијата.

Двата ветерни парка треба да започнат со производство на електрична енергија во 2032 година. Дозволите ќе важат 30 години, со можност за продолжување за уште десет години.

Vattenfall Vindkraft A/S ги обезбеди двата договора заедно со две свои подружници. Компанијата е во целосна сопственост на шведската енергетска групација Vattenfall AB.

Новиот модел го врати интересот на инвеститорите

Данска ги отвори тендерите во ноември 2025 година врз основа на политичкиот договор за нови 3 GW ветерна енергија на море. Новата рамка следуваше откако претходната тендерска постапка без државна поддршка не привлече понуди поради повисоките инвестициски трошоци, каматните стапки и проблемите во синџирите на снабдување.

Тендерскиот модел предвидува можност за државна поддршка преку референтна цена. Реалниот финансиски ефект за државата ќе зависи од движењето на пазарните цени на електричната енергија во периодот на поддршка.

Vattenfall веќе управува со пет ветерни паркови на море во Данска, со вкупен капацитет од околу 1,5 GW. Тие произведуваат приближно 6,5 TWh електрична енергија годишно, доволно за снабдување на околу 1,5 милиони домаќинства.

ECI

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *