Халки: малиот грчки остров што стана пример за зелена енергетска транзиција

август 7, 2026

Фотонапонска електрана во сопственост на локалната заедница, електрични возила, соларен брод и паметна инфраструктура го претворија Халки во првиот грчки GR-eco остров

Халки, еден од најмалите населени острови во Додеканезите, стана препознатлив европски пример за тоа како сончевата енергија може да им донесе директна економска корист на жителите.

На островот со површина од 28 квадратни километри и околу 330 постојани жители е воспоставен модел што ги поврзува локалното производство на електрична енергија, енергетската заедница, електричната мобилност и дигиталните јавни услуги.

photo credit: ec.europa.eu

Проектот е реализиран во соработка со француските компании Citroën, Vinci Energies и Akuo Energy како и грчките компании ALD Automotive, PPC, Vodafone & Papastratos, под покровителство на Владата на Грција и Амбасадата на Франција во Грција.

Електрана со 2.246 фотонапонски модули

Проектот беше официјално претставен на 5 ноември 2021 година како прва реализација во рамките на грчката национална иницијатива GR-eco Islands. Целта на иницијативата е малите грчки острови да се развиваат како модели на зелена економија, енергетска автономија, дигитални иновации и еколошка мобилност.

Главниот енергетски проект на Халки е фотонапонска електрана со номинална моќност од 999,47 kWp. Таа е изградена на површина од околу два хектара, во близина на плажата Канија и новото пристаниште.

photo credit: ec.europa.eu

Електраната се состои од 2.246 фотонапонски модули, секој со номинална моќност од 445 Wp, и четири инвертори. Поврзана е со среднонапонската мрежа на 20 kV и располага со систем за далечинско следење и контрола на работата.

Проценетата годишна потрошувачка на електрична енергија на островот изнесува околу 1.700 MWh. Инсталираната моќност на електраната била определена токму според овие потреби, со цел локалното фотонапонско производство на годишно ниво да ја покрива потрошувачката опфатена со проектот.

Енергетската заедница ChalkiON денес наведува производство од приближно 1,8 GWh чиста електрична енергија годишно и 178 членови-сопственици.

Жителите се и производители и потрошувачи

Посебната вредност на проектот е што фотонапонската електрана не работи само како комерцијален производствен капацитет. Нејзин сопственик и оператор е локалната енергетска заедница ChalkiON, во која учествуваат жители, компании и општината.

photo credit: ec.europa.eu

Преку виртуелното нето-мерење, производството од заедничката електрана се распределува на членовите и се признава на нивните сметки за електрична енергија. Тоа им овозможува да користат локално произведена сончева енергија без да поставуваат сопствени фотонапонски модули на покривите.

Секој член на заедницата има еден глас, со што локалното население учествува и во носењето одлуки за нејзиниот понатамошен развој.

Според податоците објавени од европската иницијатива Clean Energy for EU Islands, проектот овозможил просечно намалување на сметките за електрична енергија од 55% за опфатените жители, деловни субјекти и општински објекти. Проценетата вкупна заштеда изнесува меѓу 180.000 и 250.000 евра годишно.

Со заменувањето на дел од електричната енергија произведена од нафтени горива во електроенергетскиот систем на Родос, проектот треба да придонесе за намалување на емисиите за околу 1.800 тони CO₂ годишно.

Електрични автомобили и брод на сончева енергија

Енергетската трансформација на Халки е проширена и кон транспортот. Во првата фаза биле обезбедени шест електрични возила за потребите на општината, полицијата и крајбрежната стража. На пристаништето биле поставени четири станици за нивно полнење.

photo credit: ec.europa.eu

Посебна атракција е електричниот брод дизајниран според традиционалната грчка бродоградителска архитектура. Бродот е долг 10 метри, може да превезува 12 патници и развива максимална брзина од осум јазли.

Енергијата ја добива преку интегрирани фотонапонски модули, а може да се полни и директно од електричната мрежа. Изработен е од семејна бродоградителска работилница на островот Патмос и е наменет за локален превоз и туристички обиколки околу Халки

Во рамките на проектот се воведени и дигитални системи за следење на општинските возила и нивната потрошувачка на енергија. На тој начин, електрификацијата е поврзана со подобро управување со целиот јавен возен парк

Од паметно осветлување до телемедицина

Халки го искористи енергетскиот проект и за поширока технолошка модернизација. Јавното осветлување е надградено со енергетски ефикасни светилки и паметни системи за управување, со што се намалува потрошувачката и се подобрува контролата на осветлувањето.

На островот биле развиени и 5G и широкопојасна телекомуникациска инфраструктура, безжичен интернет и дигитални услуги за учење од далечина и телемедицина. За учениците биле предвидени и образовни програми од областа на науката, технологијата, инженерството и математиката.

Дел од соларните точки на островот обезбедуваат бесплатен Wi-Fi и можност за полнење мобилни телефони и електрични инвалидски колички. Така инфраструктурата за чиста енергија добива и директна практична и социјална функција.

Модел што се развива и понатаму

Енергетската заедница веќе разгледува нови проекти, меѓу кои проширување на фотонапонските капацитети, мали ветерни електрани и иновативна мрежа за ладење што би користела морска вода како извор на енергија. Целта е моделот постепено да опфати уште повеќе жители и нови области од локалната потрошувачка.

Халки е вклучен и како пилот-локација во европскиот проект AQUAMAN, посветен на одржливото управување со недостигот од вода на медитеранските острови и туристички крајбрежни подрачја. Во проектот учествуваат девет партнери од шест земји.

Примерот на Халки покажува дека енергетската транзиција на една мала заедница може да биде многу повеќе од изградба на фотонапонска електрана. Кога жителите се вклучени како сопственици и корисници, придобивките се гледаат во пониските сметки, почистиот транспорт, модерните јавни услуги и развојот на локалната економија.

Токму комбинацијата од сончева енергија, заедничка сопственост, електрична мобилност и дигитална инфраструктура го направи Халки еден од најинтересните модели за зелена трансформација на малите европски острови.

ECI

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *