Ирска надмина 3 GW капацитет од фотонапонски централи

септември 2, 2026

Ирска за првпат надмина 3 GW инсталиран фотонапонски капацитет, соопшти Министерството за клима, енергија и животна средина. Новото ниво ги опфаќа сите сегменти, од покривните системи на домаќинствата и деловните објекти до големите фотонапонски електрани приклучени на мрежата.

Брзината на растот е особено впечатлива: пред малку повеќе од десет години Ирска имала само 2 MW фотонапонски капацитет, додека денес располага со повеќе од 3.000 MW.

Новиот праг беше достигнат во недела во која ирскиот електроенергетски систем забележа и рекордно производство од големите фотонапонски електрани.

Рекордно производство од 1,3 GW

На 24 август производството од големите фотонапонски електрани во Ирска за првпат надмина 1,3 GW. Според официјалното соопштение на ирската влада, во тој момент тие обезбедувале околу една третина од вкупното производство на електрична енергија во системот.

Претходниот важен рекорд беше поставен во април 2026 година, кога производството од големите фотонапонски електрани за првпат го надмина прагот од 1 GW.

Извршниот директор на операторот на преносниот систем EirGrid, Катал Марли, оцени дека брзиот раст на производството претставува јасен показател за напредокот во трансформацијата на ирскиот електроенергетски систем. Според проценката на EirGrid, производство од 1 GW е доволно за снабдување на околу 500.000 корисници.

Првата голема електрана беше приклучена во 2022 година

Развојот на големите фотонапонски електрани во Ирска започна релативно доцна. Првата електрана од овој тип беше приклучена на мрежата во април 2022 година. Само четири години подоцна, фотонапонските капацитети станаа значаен дел од националниот електроенергетски систем.

Паралелно со големите проекти, забрзано се развива и производството на покривите на домовите, деловните објекти, земјоделските стопанства и јавните згради.

Повеќе од 200.000 ирски домаќинства веќе имаат поставено фотонапонски панели, а над 120.000 домаќинства добиле државни грантови преку програмата Solar PV.

Интересот продолжува да расте. Од почетокот на 2026 година до крајот на јули биле поднесени повеќе од 31.000 барања за грантови, што претставува зголемување од 76% во споредба со истиот период од 2025 година.

Бесплатни фотонапонски панели досега се поставени и на 2.000 училишта низ Ирска. Домаќинствата што произведуваат повеќе електрична енергија отколку што трошат можат да го предадат вишокот во мрежата и да добијат надомест за него.

Државната поддршка продолжува до 2030 година

Развојот на фотонапонските капацитети е поддржан преку повеќе механизми, меѓу кои Renewable Electricity Support Scheme – RESS, Small-Scale Renewable Electricity Support Scheme – SRESS и Microgeneration Support Scheme – MSS.

Министерот за клима, енергија и животна средина, Дара О’Брајан, потврди дека Владата ќе продолжи да ја финансира програмата за грантови за покривни фотонапонски системи до 2030 година.

„Со продолжување на инвестициите во фотонапонската енергија во домовите, земјоделските стопанства, компаниите и големите проекти Ирска создава сè поголем домашен извор на чиста електрична енергија и ја зајакнува својата енергетска сигурност“, изјави О’Брајан.

Ирска сега располага со повеќе од 8 GW обновливи производни капацитети приклучени на мрежата. Околу 5 GW се додадени во последните десет години, период во кој земјата двојно го зголемила ветерниот капацитет и изградила значаен фотонапонски сектор од речиси нулта почетна основа.

Следниот предизвик ќе биде развојот на електричната мрежа и системите за складирање, за растечкото производство во сончевите часови поефикасно да се користи и во периодите кога побарувачката е повисока.

ECI

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *