Европската комисија ги објави конечните услови за новата европска аукција за декарбонизација на индустриската процесна топлина – IF26 Heat Auction, со планиран буџет од 1 милијарда евра обезбеден од приходите од EU ETS. Повикот се очекува да биде отворен за апликации на почетокот на декември 2026 година.
Аукцијата е насочена кон еден од најтешките сегменти за декарбонизација на европската индустрија. Според Европската комисија, производството на процесна топлина и натаму во голема мера се потпира на фосилни горива и е поврзано со околу три четвртини од индустриските емисии.
За разлика од класичните грантови, поддршката ќе се распределува преку конкурентна аукција. Избраните проекти ќе добиваат фиксна премија пропорционална на секој тон директни CO₂ емисии што ќе биде избегнат, во период до пет години. Аукцијата е отворена за проекти од сите големини и индустриски сектори во Европската економска област.
Од топлински пумпи до мали модуларни реактори
IF26 значително го проширува спектарот на технологии што можат да добијат поддршка. Во првата група се електрифицирани решенија како индустриски топлински пумпи, електрични котли, плазма технологии и системи за термално складирање.
Втората група опфаќа директно производство на обновлива топлина, вклучително соларна термална и геотермална енергија.
Новина во оваа аукција е вклучувањето и на нуклеарни технологии, вклучително мали модуларни реактори – SMR, за производство на индустриска топлина.
Процесната топлина е неопходна во индустрии како производството на челик, цемент, хемикалии, хартија, храна и пијалаци. Во многу од овие процеси се потребни високи температури, поради што замената на природниот гас и другите фосилни горива е технички и економски посложена отколку во други сегменти на енергетската транзиција.
Комисијата сега ја намалува и минималната температура за подобност: IF26 ќе може да поддржува индустриска топлина над 80°C, додека претходната аукција беше ограничена на проекти над 100°C.
Флексибилноста станува дел од индустриската електрификација
Особено важен елемент е поврзувањето на индустриската електрификација со состојбата во електроенергетскиот систем.
Условите предвидуваат дополнителни стимули за проекти кои можат флексибилно да ја управуваат потрошувачката и да избегнуваат користење електрична енергија во периодите на врвно оптоварување.
Тоа станува сè поважно бидејќи масовното преминување од гас кон електрични котли, индустриски топлински пумпи и електрични печки може значително да ја зголеми побарувачката за електрична енергија и потребата од нов мрежен капацитет.
Комбинацијата со термални складишта овозможува индустријата да произведува и складира топлина кога електричната енергија е поевтина или кога има високо производство од ветерни и фотонапонски електрани, а да ја користи подоцна во производствениот процес.
Од пилот-аукција кон банка од 100 милијарди евра
Новата аукција следува по првата европска IF25 Heat Auction. На неа беа поднесени 85 понуди од 14 земји, кои побараа околу 1,4 милијарди евра поддршка наспроти расположливиот буџет од една милијарда евра. Предложените проекти претставуваа околу 981 MW електрифициран топлински капацитет.
Од првата аукција 65 проекти беа поканети во процесот за подготовка на грантови, а искуството од IF25 се користи за дизајнирање на новата рунда.
И IF25 и IF26 имаат пошироко значење од самите поединечни проекти. Европската комисија ги третира како пилот-механизми за идната Industrial Decarbonisation Bank, преку која ЕУ планира да мобилизира 100 милијарди евра за декарбонизација на индустријата.
Средствата за IF26 доаѓаат од приходите од EU ETS, а земјите членки ќе можат дополнително да го зголемат расположливиот буџет преку механизмот Auction-as-a-Service.
Со новата аукција, ЕУ практично се обидува истовремено да реши три прашања: да ја намали употребата на фосилни горива во индустријата, да ја забрза електрификацијата и да обезбеди новата индустриска потрошувачка да биде пофлексибилна кон електроенергетскиот систем.
ECI

