Македонија го усвои новиот Закон за користење на енергијата од обновливи извори, со што оваа област за првпат се уредува со посебен закон.
Изработката на законот започна во 2024 година, како дел од поширокото усогласување со европските правила и реформската агенда во енергетиката.
Новото законско решение поставува рамка за развој на обновливи извори, инвестиции, аукции, потрошувачи-производители, енергетски заедници и гаранции за потекло.
Тоа е важен чекор, но не значи дека реформата е завршена. Напротив, вистинскиот тест ќе биде практичната примена.
Пазарна поддршка за нови инвестиции
Една од најважните новини е воведувањето на двостран договор за разлика, познат како two-sided Contract for Difference – CfD кој веќе се користи и во Србија и во Црна Гора и е дел од пазарната реформа на ЕУ.
Овој модел треба да обезбеди поголема сигурност за инвеститорите во обновливи извори, особено во услови на нестабилни пазарни цени.
Кога цените на електричната енергија се ниски, механизмот обезбедува предвидлив приход за производителите. Кога цените се високи, дел од разликата се враќа во системот, со што се ограничуваат прекумерните добивки и се намалува товарот врз потрошувачите.
Но кај Македонија ова отвора и важно прашање. Земјата веќе има најголем инсталиран фотоволтаичен капацитет во Западен Балкан кој поминува над 1 GW, па државната поддршка не треба да се гледа само како инструмент за изградба на уште повеќе соларни мегавати.
Клучно е поддршката да се насочи кон проекти што носат поголема системска вредност конкурентни цени, подобра интеграција во мрежата, предвидливо производство, можност за складирање и помал товар врз електроенергетскиот систем.
Затоа вистинското прашање не е само колку нови обновливи капацитети ќе се изградат, туку какви проекти ќе добијат поддршка, по која цена и со каков ефект врз мрежата, пазарот и потрошувачите.
Граѓаните и компаниите добиваат поголема улога
Законот ги уредува и механизмите за нето-мерење и нето-пресметка, што е важно за домаќинствата, компаниите и јавните институции кои поставуваат фотоволтаични системи за сопствена потрошувачка.
Ова може да го отвори следниот чекор во развојот на малите соларни системи. Но ефектот ќе зависи од деталните правила: како ќе се пресметува произведената и преземената енергија, кои корисници ќе бидат опфатени и како ќе се третираат трошоците за користење на мрежата.
Важна новина се и граѓанските енергетски заедници. Тие треба да овозможат граѓани, општини, мали компании и јавни институции заеднички да произведуваат, користат, складираат и продаваат електрична енергија од обновливи извори.
Ако моделот се примени едноставно и без административни блокади, енергетските заедници може да станат важен инструмент за локална енергетска транзиција, пониски трошоци и поголемо учество на граѓаните во енергетскиот систем.
Гаранции за потекло и европско поврзување
Законот ја зајакнува и рамката за гаранции за потекло на електричната енергија произведена од обновливи извори. Овој механизам е сè поважен за компаниите кои треба да докажат дека користат зелена енергија, особено во односите со европските партнери и пазари.
За производителите, гаранциите за потекло може да создадат дополнителна пазарна вредност на зелената енергија. За државата, тие се важен чекор кон подобро поврзување со европскиот енергетски пазар.
Законот е почеток, не крај на реформата
Иако законот поставува важна основа, неговиот ефект нема да биде автоматски. Во следните две години треба да се донесат повеќе од десет подзаконски акти, кои ќе ги дефинираат деталите за аукциите, поддршката, нето-мерењето, нето-пресметката, енергетските заедници и гаранциите за потекло.
Затоа новиот закон треба да се гледа како почеток на нова фаза, а не како завршена реформа. Македонија веќе има силен раст на фотоволтаичните капацитети, но следниот предизвик е тој раст да се внесе во поорганизиран систем со јасни правила, модернизирана мрежа и предвидлива средина за инвестиции во обновливи извори.
ECI

