Проектот во Северна Грција ја продолжува регионалната трансформација на јагленовите региони, процес во кој Осломеј беше еден од првите примери во Југоисточна Европа преку ЈПП модел.
Најголемата германската енергетска компанија RWE, еден од водечките европски инвеститори во обновливи извори, и грчката Public Power Corporation (PPC), најголемата електроенергетска компанија во Грција, пуштија во работа девет големи фотонапонски електрани во северна Грција.
Проектите имаат вкупна моќност од 930 MWp, односно 884 MW AC, и се изградени во рамки на поранешниот рудник за лигнит Аминтео, во регионот на Северна Грција.
Фотонапонските електрани се групирани во три големи кластери и, според компаниите, ќе произведуваат доволно електрична енергија за годишната потрошувачка на повеќе од 400.000 домаќинства. Проектите се реализирани преку заедничката компанија Meton Energy S.A., во која RWE има удел од 51%, а PPC 49%.
Од јагленов коп до соларен центар
Суштината на проектот не е само во новиот капацитет, туку во пренамената на поранешна јагленoва инфраструктура. Регионот на Северна Грција со децении беше едно од главните јагленови подрачја во Грција, а сега постепено се позиционира како центар за производство на електрична енергија од обновливи извори.
Овој модел е особено важен за Југоисточна Европа, каде повеќе земји се соочуваат со истото прашање: што да се прави со старите рудници, термоенергетските локации и локалните економии зависни од јаглен. Наместо тие простори да останат индустриски товар, Грција ги користи за нови соларни капацитети, со постојна мрежна инфраструктура, енергетски кадар и локална индустриска традиција.
Нови 567 MW во изградба
RWE и PPC веќе градат уште две големи соларни електрани во северна Грција, Kotyli и Neo Syrakio со вкупен капацитет од 567 MWp, односно 518 MWac. Нивното пуштање во работа се очекува во 2027 година, а производството би било доволно за повеќе од 240.000 домаќинства.
Со тоа, северна Грција добива повеќе од симболична енергетска транзиција. Таа станува пример како поранешните стари рудници за јаглен можат да се претворат во нови производствени центри за чиста електрична енергија, со големи инвеститори, локални придобивки и јасна индустриска логика.
РЕК Осломеј го отвори патот за трансформација на старите рудници на јаглен
Проектот во грчкиот Аминтео има многу сличности со трансформацијата што започна во РЕК Осломеј пред повеќе од 8 години и го отвори патот за трансформација на старите јагленови копови во Македонија но и пошироко во Југоисточна Европа.
Да се потсетиме, транзицијата во Осломеј започна со изградбата на првата фотонапонска електрана од 10 MW на стариот рудник на јаглен, како сопствена инвестиција на АД ЕСМ со што уште во 2018 година беше најавена енергетската трансформација на старите јагленови копови низ поширокиот регион.
Во текот на 2021 година се потпишаa договори за ЈПП со компаниите Фортис од Турција и Соларпро од Бугарија за изградба на две фотонапонски електрани секоја од најмалку 50 MW и истите беа пуштени во употреба на крајот на 2023 година.
Според Европската банка за обнова и развој (EBRD), токму овој тендер претставува еден од првите проекти во Западен Балкан кој се реализирани на чист пазарен принцип, а воедно и првиот ЈПП модел за 100 MW соларен парк на поранешен јагленов коп во овој дел од Европа.
ECI

