Обновливите извори останаа најголем извор на електрична енергија во ЕУ, јагленот падна на историски минимум

јуни 30, 2026

И покрај послабата хидролошка година и благото намалување на производството од обновливи извори, тие и во 2025 година останаа убедливо најголем извор на електрична енергија во Европската Унија.

Во исто време, употребата на јаглен продолжи да опаѓа и достигна најниско ниво од почетокот на статистичката серија во 1990 година, покажуваат прелиминарните податоци на Eurostat.

Обновливите извори задржаа водечка позиција

Во текот на 2025 година обновливите извори обезбедиле 47,2% од вкупното производство на електрична енергија во ЕУ, додека електраните на фосилни горива учествувале со 29,6%, а нуклеарните централи со 23,2%. Производството од обновливи извори изнесувало околу 1,33 милиони GWh, што претставува мало намалување од 0,5% во однос на претходната година.

Според Eurostat, главната причина не е пад на ветерната или сончевата енергија, туку значително послабото производство од хидроелектраните, кое повторно покажа колку временските услови влијаат врз европскиот електроенергетски систем.

Повеќе гас за да се надомести помалото производство од хидроелектраните

Истовремено, производството на електрична енергија од фосилни горива пораснало за 3,2% и достигнало околу 830 илјади GWh, што претставува речиси една третина од вкупното призводство во ЕУ. Нуклеарното производство, пак, се зголемило за скромни 0,2%.

Паралелно со тоа, снабдувањето со природен гас пораснало за 2,3%, втора година по ред по наглиот пад во 2023 година. Овој тренд укажува дека природниот гас и натаму има важна улога како флексибилен извор што го стабилизира електроенергетскиот систем во периоди кога производството од обновливите извори, особено од хидроелектраните, е пониско од очекуваното.

Јагленот продолжува да исчезнува од европската енергетика

Најизразен пад е забележан кај јагленот. Снабдувањето со кафеав јаглен се намалило за 7,7%, а со тврд јаглен за 3,2%, при што двата показатели се најниски од 1990 година наваму. Истовремено, снабдувањето со нафтени деривати е намалено за 2,8%.

Овие податоци потврдуваат дека европската енергетска транзиција продолжува, но и дека временските услови сè повеќе влијаат врз структурата на производството.

Кога хидролошките услови се понеповолни, дел од недостигот сè уште се надоместува со природен гас, додека јагленот продолжува постепено да се повлекува од европскиот енергетски микс.

И Македонија во истиот европски контекст: обновливите извори растат, но системот сè уште се потпира на термо и гасни капацитети

Македонија во 2025 година е многу блиску до европскиот просек според уделот на обновливите извори во производството на електрична енергија.

Според Годишниот извештај на РКЕ, обновливите извори учествувале со 46,37% во домашното производство, наспроти 47,2% во ЕУ.

Сепак, разликата е во структурата: во Македонија термоелектраните и натаму се најголем поединечен извор, додека фотоволтаиците првпат го надминале производството од комбинираните постројки, што покажува дека соларната енергија веќе станува системски значаен дел од домашниот електроенергетски микс.

ECI

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *