Франција ја поддржува енергетската транзиција на Црна Гора преку нови стратешки инвестиции

јуни 6, 2026

Во присуство на францускиот претседател Емануел Макрон и црногорскиот премиер Милојко Спајиќ, беше потпишан важен договор насочен кон развојот на енергетскиот сектор во Црна Гора.

Црна Гора прави нов чекор кон модернизација на својот енергетски систем преку договор меѓу Црногорскиот електродистрибутивен систем (CEDIS), Француската агенција за развој (Agence Française de Développement – AFD) и EDF International Networks.

За потпишувањето информираше министерот за енергетика и рударство на Црна Гора, Адмир Шахмановиќ, кој посочи дека договорот има за цел да ја поддржи модернизацијата на дистрибутивната мрежа, развојот на паметни системи и подготовката на нови инвестиции во енергетскиот сектор.

Според него, оваа соработка не претставува само финансиска поддршка, туку носи и експертиза, современи технологии и заедничка заложба за изградба на посигурна, поодржлива и поевропска енергетска иднина за Црна Гора.

Потпишувањето на договорот се случи во присуство на францускиот претседател Емануел Макрон и премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, што дополнително ја нагласува политичката и стратешката важност на ова партнерство.

Овој договор се оценува како значаен чекор за зајакнување на соработката меѓу Црна Гора и Франција во енергетиката, особено во делот на модернизација на инфраструктурата, дигитализација на мрежата и подготовка на нови развојни проекти.

Црна Гора ја гради енергетската транзиција преку стратешки партнери и нови инвестиции

Договорот меѓу ЦЕДИС, AFD и EDF International Networks не треба да се гледа како изолиран проект, туку како продолжение на поширок процес во кој Црна Гора ја позиционира енергетиката како еден од главните сектори за стратешки инвестиции, европска соработка и забрзана енергетска транзиција.

Во изминатиот период, ова партнерство се надоврзува на повеќе договори преку кои Црна Гора постепено гради рамка за стратешки инвестиции во енергетската транзиција. Електропривреда Црне Горе претходно потпиша меморандум за соработка со француската државна компанија EDF изградба на ХЕЦ Крушево, и со фокус на долгорочна соработка во енергетската транзиција, нискојаглеродни технологии и развој на хидроенергетски проекти, каде EDF може да има улога на стратешки партнер, инвеститор, проектант и оператор.

Дополнително, ЕПЦГ и Masdar формирааа заедничка компанија со еднакво учество од 50:50, со седиште во Никшиќ, за развој и управување со големи проекти од обновлива енергија, вклучувајќи фотонапонски и ветерни електрани, хидроелектрани, пумпно-акумулациски хидроелектрани, батериски системи и хибридни решенија. Дополнително, ЕПЦГ потпиша и меморандум со јапонската PowerX за стратешка соработка во областа на батериските системи за складирање електрична енергија.

Ова е особено важно затоа што енергетската транзиција повеќе не е само прашање на изградба на нови фотонапонски електрани, ветерни паркови или хидроенергетски капацитети. Таа бара модерна дистрибутивна мрежа, паметни системи, дигитално управување, флексибилност, складирање на електрична енергија и поголема отпорност на електроенергетскиот систем.

Овој процес ја издвојува Црна Гора како пример во регионот. Наместо енергетската транзиција да се третира само како обврска кон европските политики, земјата се обидува да ја претвори во инвестициска можност. Преку партнерства со европски финансиски институции, технолошки компании и глобални енергетски групации, Црна Гора создава простор за нов капитал, ново знаење и нови модели на развој.

Редакција

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *