Германските домаќинства сè поактивно штедат електрична енергија преку поефикасно користење на апаратите и промена на навиките. Според истражување на германското здружение за енергетика и водостопанство BDEW, просечната потрошувачка на електрична енергија кај домаќинствата во Германија се намалила за 9% во периодот од 2020 до 2025 година. Кај едночлените домаќинства намалувањето е уште поголемо и изнесува 18%.
Истражувањето опфатило повеќе од 7.500 домаќинства, при што 69% од испитаниците изјавиле дека ефикасното користење на електричната енергија им е важно. Најголем дел од потрошувачката, односно 29%, отпаѓа на информациски и комуникациски уреди, како мобилни телефони, компјутери, рутери, звучници и телевизори. Осветлувањето, перењето, ладењето и готвењето поединечно учествуваат со помалку од 14%.
Посебно внимание во анализата е посветено на т.н. „просумери“ домаќинства кои имаат сопствени соларни фотонапонски системи и дел од произведената електрична енергија ја предаваат во мрежата. Овие домаќинства почесто користат динамични тарифи, иако нивната примена сè уште е ограничена: 12% од просумерите користат динамични тарифи, наспроти само 2% од останатите потрошувачи.
Повеќе од половина од анкетираните граѓани изразиле интерес за динамични тарифи, односно модели во кои сметките може да се намалат доколку електричната енергија се користи во периоди на пониска побарувачка и пониски цени.
Овој тренд покажува дека енергетската транзиција не зависи само од изградба на нови производствени капацитети, туку и од активната улога на потрошувачите. Енергетската ефикасност, паметните броила, динамичните тарифи, соларните системи на домаќинствата и флексибилната потрошувачка стануваат сè поважни елементи на модерниот електроенергетски систем.
За земјите од Западен Балкан, германското искуство е важна порака: намалувањето на потрошувачката преку ефикасност и подобро управување со побарувачката може да биде исто толку значајно како и изградбата на нови енергетски капацитети.
Целосната вест на следниот линк.
Редакција

