Европа мора да се ослободи од зависноста од увоз на фосилни горива

мај 25, 2026

Растечките цени на енергенсите и нестабилните синџири на снабдување повторно го ставаат европскиот енергетски систем под сериозен притисок. По кризата во 2021 и 2022 година, предизвикана од намалените испораки на руски гас и војната во Украина, новите геополитички тензии на Блискиот Исток и конфликтот со Иран дополнително ја продлабочуваат неизвесноста на глобалните енергетски пазари.

Ризиците околу Ормутскиот теснец, една од најважните светски рути за транспорт на нафта повторно ги зголемуваат цените на енергенсите и ја отвораат дебатата за високата зависност на Европа од увоз на фосилни горива.

Во тој контекст, European Academies Science Advisory Council (EASAC) објави нова анализа за т.н. „интеграција на енергетските системи“ (Energy Systems Integration), во која научниците предлагаат подлабока поврзаност меѓу електроенергетскиот сектор, греењето, транспортот и индустријата како клучно решение за намалување на зависноста од увозни фосилни горива.

Во интервју за Austrian Academy of Sciences, енергетскиот експерт проф.д-р. Невен Дуиќ вели дека Европа мора фундаментално да го редизајнира својот енергетски систем.

Ова не е краткорочна, туку трајна криза

„Главниот проблем е огромната зависност на Европа од увоз на енергија. Европската Унија увезува околу 97% од нафтата и околу 85% од природниот гас. Ова не е краткорочна криза, туку трајна криза“, вели Дуиќ.

Според него, кризата започнала уште во 2021 година со намалените испораки на руски гас, продолжила со руската инвазија врз Украина, а денес дополнително се продлабочува поради новите конфликти на Блискиот Исток.

„Единственото одржливо решение е фосилните горива да се заменат со нешто целосно поинакво“, нагласува Дуиќ.

Електрификација и интеграција на системите

Како клучно решение, EASAC ја посочува интеграцијата на енергетските системи и масовната електрификација.

Според Дуиќ, Европа располага со значителен потенцијал за обновливи извори на енергија, но ветерната и сончевата енергија се варијабилни извори, поради што е потребна целосна трансформација на системот.

„Електричната енергија, греењето, ладењето, транспортот и индустријата мора многу поинтензивно да се поврзат. Во исто време, сè што може да се електрифицира треба да се електрифицира“, вели тој.

Мрежите и администрацијата се најголем проблем

Дуиќ предупредува дека главните пречки за енергетската транзиција се бавниот развој на електроенергетските мрежи и сложените административни процедури.

Според него, низ Европа моментално околу 140 GW планирани проекти за обновливи извори се блокирани во процесите за планирање и приклучување.

„Проширувањето на електроенергетските мрежи трае предолго, а процедурите за дозволи се исклучително сложени“, истакнува Дуиќ.

Динамични тарифи и поголема улога на потрошувачите

Како важен дел од решението, EASAC предлага и поширока примена на динамични тарифи за електрична енергија, односно цени кои ќе зависат од достапноста на обновливата енергија во системот.

Според Дуиќ, потрошувачите би можеле активно да придонесуваат за стабилноста на системот доколку ги полнат електричните возила или ги користат системите за греење во периоди кога има високо производство од ветер и сонце.

„Пазарите на големо и малопродажните пазари на електрична енергија мора многу повеќе да се поврзат. Тоа веќе постои во некои европски држави, но треба многу поширока примена“, додава тој.

Според анализата, токму електрификацијата, обновливите извори и складирањето на енергија стануваат клучни инструменти не само за климатската политика, туку и за енергетската безбедност и геополитичката стабилност на Европа.

Извор: oeaw.ac.at

Редакција

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *