Србија ја затвора мрежата за нови обновливи извори до 2029 година

мај 25, 2026

Владата на Република Србија усвои измени на Уредбата за условите за испорака и снабдување со електрична енергија, со кои практично се одложува приклучувањето на нови производители на електрична енергија од варијабилни обновливи извори до 2029 година.

Според новите измени, студиите за приклучување за сите барања поднесени до стапувањето во сила на Уредбата ќе се изработуваат дури во периодот од 1 септември до 31 декември 2029 година. Со тоа, Србија фактички го пролонгира процесот на приклучување на нови соларни и ветерни електрани за речиси четири години.

Претходните измени на Уредбата од 2025 година предвидуваа студиите за приклучување да се изработуваат во периодот од 1 јули до 31 октомври 2026 година, но новата одлука значително го поместува рокот.

Одлуката доаѓа во период кога српскиот електроенергетски систем се соочува со сè поголем притисок од брзиот раст на проектите за обновливи извори, особено во делот на мрежната стабилност, балансирањето на системот и ограничениот капацитет на преносната и дистрибутивната мрежа.

Воведување на нов модел за „активни купувачи“

Со измените се воведува и нов регулаторен концепт за т.н. „активни купувачи“, кои се потрошувачи кои инсталираат сопствени електрани и/или батериски системи за складирање енергија, со можност дел од произведената електрична енергија да ја предаваат во мрежата или да обезбедуваат услуги за електроенергетскиот систем.

За стекнување статус на активен купувач, електраната мора да има инсталирана моќност од најмалку 150 kW, при што нејзината моќност не смее да ја надминува одобрената приклучна моќност за потрошувачка.

Значително повисоки финансиски барања

Новата регулатива воведува и значително построги финансиски услови за инвеститорите.

За изработка на студија за приклучување за електрани до 50 MW ќе биде потребно депонирање на 50.000 евра. За поголемите електрани се воведуваат дополнителни надоместоци:

  • 400 евра по MW за електрани до 100 MW,
  • 300 евра по MW за електрани од 100 до 250 MW,
  • 200 евра по MW за секој MW над 250 MW.

По добивањето на студијата за приклучување, инвеститорите ќе треба да обезбедат и банкарска гаранција од 12.500 евра по MW инсталирана моќност на електраната или системот за складирање енергија.

Доколку се работи за нов потрошувачки објект без електрана или батериски систем, банкарската гаранција изнесува 25.000 евра по MW одобрен капацитет за потрошувачка.

За електрани кои произведуваат електрична енергија исклучиво за сопствени потреби, без предавање во мрежата, нема обврска за доставување банкарска гаранција.

Два годишни циклуси за поднесување барања

Измените воведуваат и фиксни временски прозорци за поднесување барања за приклучување:

  • јануари – февруари,
  • јули – август.

Студиите ќе се изработуваат во два временски циклуси:

  • од 1 март до 30 јуни,
  • од 1 септември до 31 декември.

Можно ограничување на производството

Според Уредбата, врз основа на резултатите од студијата за приклучување, операторот ќе може привремено да ја ограничи активната моќност на електрани со инсталирана моќност над 200 kW.

Ограничувањето може да достигне до 30% од одобрената моќност, но не повеќе од 5% од вкупното годишно производство на електрична енергија по објект.

Ова претставува јасен сигнал дека идниот развој на обновливите извори во Србија ќе биде сè повеќе условен од достапноста на мрежната инфраструктура, флексибилноста на системот и развојот на капацитети за складирање енергија.

Заеднички „активни купувачи“ во станбени објекти

Уредбата воведува и нов поим „Група“, односно повеќе потрошувачи во иста зграда кои заеднички ќе настапуваат како еден активен купувач.

Тие солидарно ќе одговараат за обврските поврзани со изградбата, управувањето и користењето на заедничка електрана и/или батериски систем за складирање енергија.

Новите измени претставуваат една од најзначајните регулаторни интервенции на српскиот електроенергетски пазар во последните години и дополнително ја отвораат дебатата за тоа дали електроенергетската инфраструктура во регионот е подготвена за забрзаната интеграција на големи количини варијабилни обновливи извори на енергија.

Извор: oie.rs

Редакција

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *