Во земјата погодена од војна, батериите не се купуваат првенствено за пониски сметки, туку за електрична енергија за време на прекините
Украина во 2025 година инсталирала речиси 3 GWh нов капацитет во батериски системи за складирање електрична енергија, со што станала четвртиот најголем пазар во Европа. Повеќе батерии во текот на годината инсталирале само Германија, Обединетото Кралство и Италија.
Според најновите податоци на SolarPower Europe, украинскиот пазар пораснал приближно петкратно во споредба со 2024 година. Украина се позиционирала пред Бугарија, која исто така додала капацитет близок до 3 GWh и го заокружила европскиот топ 5.
Но, структурата на украинскиот пазар значително се разликува од онаа во другите европски земји.
Повеќе од 60% се на диструбутивната мрежа
Повеќе од 60% од новоинсталираниот капацитет доаѓа од дистрибуирани системи поставени во домаќинства, деловни објекти, училишта, болници, постројки за третман на вода и друга критична инфраструктура.
Батериите често се комбинираат со соларни електрани, но голем број системи во домаќинствата работат и без сопствено производство од сонце. Нивната основна функција е да обезбедат напојување при прекини предизвикани од нападите врз енергетската инфраструктура.
Просечните домашни системи во Украина имаат капацитет од само 3 до 5 kWh, приближно половина од европскиот просек. Значителен дел од пазарот го сочинуваат и преносливи батериски станици со капацитет од 0,6 до 2,5 kWh, кои се користат како самостоен извор на електрична енергија за време на рестрикции.
За разлика од домаќинствата во голем дел од Европа, кои инвестираат во батерии за оптимизирање на сметките и складирање на производството од кровните соларни системи, украинските потрошувачи првенствено ги купуваат за да продолжат да имаат електрична енергија.
Големите батерии влегуваат на пазарот
Големите батериски постројки учествувале со речиси една третина во новиот капацитет. Тие веќе се користат за обезбедување помошни услуги, балансирање на електроенергетскиот систем и арбитража, полнење кога електричната енергија е поевтина и нејзино користење или продажба кога цените се повисоки.
Овој сегмент треба да помогне во побрзо стабилизирање на системот по испад на производствен капацитет, како и во интегрирањето на децентрализираното производство од обновливи извори.
Украинското искуство покажува дека батериите повеќе не се само технологија за енергетска транзиција. Во услови на уништена или оштетена централизирана инфраструктура, тие стануваат основен инструмент за енергетска безбедност и отпорност на системот.
Европа првпат над 100 GWh
Во цела Европа во 2025 година биле инсталирани рекордни 36 GWh нови батериски капацитети, што претставува раст од 48% во однос на претходната година.
Тоа е дванаесетта последователна година со нов европски рекорд, а вкупниот оперативен капацитет првпат ја надминал границата од 100 GWh. Растот сè повеќе го предводат големите батериски постројки приклучени на електроенергетската мрежа.
Украина и Бугарија покажуваат две различни причини за забрзан развој на пазарот. Во Украина главни двигатели се војната, прекините во снабдувањето и потребата од отпорност, додека бугарскиот раст е поттикнат првенствено од програмите за финансирање големи батериски постројки.
ECI

