Повеќе од 4.000 километри високонапонски далноводи овозможија поврзување на електроенергетските системи на 15 земји во Западна Африка, создавајќи основа за поголема прекугранична трговија, пониски трошоци и посигурно снабдување со електрична енергија.
Програмата е поддржана од Светска банка преку Меѓународната асоцијација за развој – IDA, со кофинансирање од повеќе меѓународни финансиски институции. Покрај инвестициите во интерконекторите и дистрибутивната мрежа, Светска банка го поддржа и развојот на заедничките пазарни правила, регионалниот мрежен кодекс, договорите за трговија и подготовката на пазарот „ден однапред“.
Според Светска банка, преку Западноафриканскиот електроенергетски пул – WAPP денес прекугранично се тргува со околу 8% од електричната енергија во регионот. Тоа веќе се приближува до референтното ниво од 10–12% прекугранична трговија што го посочува Европската комисија.
Програмата за регионална електроенергетска интеграција и пристап до електрична енергија ги поврзува националните мрежи, овозможува поефикасно користење на расположливите производствени капацитети и им помага на земјите со недостиг да увезуваат електрична енергија од соседните системи.
Над три милиони луѓе добија пристап до електрична енергија
Во периодот од 2019 до 2025 година, повеќе од три милиони луѓе во Буркина Фасо, Гвинеја, Либерија, Сенегал, Сиера Леоне и Гамбија добија пристап до електрична енергија благодарение на инвестициите во преносните и дистрибутивните мрежи.
Изградени се неколку значајни прекугранични интерконекции, меѓу кои врската меѓу Брегот на Слоновата Коска, Либерија, Сиера Леоне и Гвинеја, преносниот прстен што ги поврзува Гвинеја, Гвинеја-Бисау, Гамбија и Сенегал, како и интерконекцијата меѓу Сенегал и Мали.
Технологијата интегрирана во новите далноводи овозможила приклучување и на населени места лоцирани во нивна близина. Паралелно со изградбата на трафостаниците, биле проширувани и приклучоците до крајните корисници.
Увозот на хидроенергија ги намали производствените трошоци
Регионалната интеграција донесе значителни финансиски резултати за дел од националните електроенергетски компании.
Гвинеја-Бисау и Гамбија започнаа да увезуваат електрична енергија произведена во големите хидроелектрани во Гвинеја. Како резултат, производствените трошоци на компанијата EAGB во Гвинеја-Бисау се намалија од 25 на 11 американски центи за киловат-час, односно за повеќе од половина. Компанијата, која претходно бележела месечен дефицит од околу еден милион долари, преминала во позитивно работење.
Во Гамбија, трошоците на националната компанија NAWEC се намалиле за околу 42%, што ѝ помогнало повторно да стане профитабилна.
Либерија и Сиера Леоне, пак, добија можност да увезуваат поевтина електрична енергија од Брегот на Слоновата Коска, со што нивните трошоци за производство биле намалени за 10–20%.
Се подготвува регионален пазар „ден однапред“
Следната фаза е воспоставување регионален пазар на електрична енергија „ден однапред“. Тој ќе им овозможи на компаниите да купуваат електрична енергија за потребите во следниот ден, да ги оптимизираат трошоците и да го намалат ризикот од прекини во снабдувањето.
Кон крајот на 2025 година регулаторите ги потврдија тарифите за новиот пазар, додека WAPP ја заврши првата проба за синхронизирана работа со непрекинати текови на електрична енергија низ 12 земји.
За поголема сигурност на плаќањата е планирано и формирање револвинг-фонд за ликвидност. Истовремено, треба да продолжат реформите на националните електроенергетски компании и подготовката на дополнителни прекугранични интерконекции.
Повеќе од 52.000 работни места
Според Светска банка, изградбата и управувањето со регионалните преносни мрежи овозможиле отворање повеќе од 52.000 директни и индиректни работни места. Тие опфаќаат инженерство, градежништво, логистика, проектен менаџмент, работење и одржување.
Проектот покажува дека прекуграничното поврзување може да биде поекономичен одговор на недостигот од електрична енергија отколку секоја земја самостојно да гради скапи производствени капацитети. Регионалната мрежа истовремено овозможува подобро користење на хидроенергетските ресурси, намалување на зависноста од увезени течни горива и постепено проширување на пристапот до електрична енергија.
ECI

