Како повратните спреги и нелинеарното размислување можат да ја оформат климатската политикa

август 27, 2026

Енергетската транзиција често се претставува како постепен процес: се додаваат повеќе обновливи извори, се намалува употребата на фосилни горива и системот чекор по чекор се движи кон декарбонизација.

Но реалноста е многу покомплексна.

Професорот Jan Rosenow укажува дека преминот кон чист енергетски систем не е само замена на една технологија со друга, туку длабока трансформација на пазарите, индустријата и однесувањето на потрошувачите. Во таков систем промените не се секогаш линеарни: релативно мала интервенција може да предизвика многу поголеми последици, додека процес што изгледа едноставен може да наиде на неочекувани ограничувања.

Во основата на оваа динамика се таканаречените повратни спреги, процеси што можат сами да го забрзуваат развојот, но и механизми што можат да го забават токму поради неговиот претходен успех.

Кога растот создава уште поголем раст

Фотонапонските и ветерните електрани се еден од најдобрите примери за позитивна повратна спрега.

Со зголемувањето на производството и инсталирањето на технологијата, производителите стекнуваат искуство, производствените процеси стануваат поефикасни, синџирите на снабдување се развиваат, а трошоците се намалуваат.

Пониските трошоци поттикнуваат нова побарувачка. Поголемата побарувачка привлекува нови инвестиции. Новите инвестиции носат уште поголем обем на производство и дополнително намалување на трошоците.

Така се создава циклус што самиот го забрзува сопствениот развој.

Фотонапонската енергија е можеби највпечатливиот пример. Глобалниот соларен капацитет во 2020 година надмина 700 GW – повеќе од десет пати над нивото што било очекувано во прогнозите објавени во 2006 година.

Реален и прогнозиран глобален соларен капацитет, 2004–2030 (GW). Реалниот развој на соларната енергија значително ги надмина прогнозите објавувани во претходните години.

Развојот не следеше права линија. Со секое ново зголемување на пазарот се создаваа услови за следното.

Слична динамика денес се гледа кај батериите. Нивните трошоци значително се намалија во текот на изминатата деценија, паралелно со огромното зголемување на производството и примената, особено во електричните возила.

Но успехот на обновливите извори создава и нов проблем

Истата системска логика може да функционира и во спротивна насока.

Со растот на фотонапонските и ветерните капацитети, големи количества електрична енергија се произведуваат истовремено. Кога понудата е висока, големопродажните цени паѓаат, а сè почесто можат да станат и негативни.

Тоа е добро за потрошувачите во одредени часови, но создава нов економски проблем за производителите.

Колку повеќе фотонапонски електрани има во системот, толку е поголема веројатноста тие да произведуваат токму во часовите кога цената е најниска.

На тој начин обновливите извори постепено ја намалуваат пазарната вредност на сопственото производство.

Rosenow го посочува овој процес како „renewable cannibalisation“ механизам што може да го забави понатамошниот раст на инвестициите уште пред електроенергетскиот систем целосно да се декарбонизира.

Проблемот дополнително се зголемува со ценовната нестабилност и со ограничувањето на производството кога мрежата или побарувачката не можат да ја прифатат целата расположлива електрична енергија.

Анализа на University College London покажува колку ова ограничување може да стане значајно: без значително зголемување на флексибилноста или складирањето, производството од обновливи извори во Велика Британија би можело да ја надминува побарувачката повеќе од 50% од времето до 2030 година.


Историски и проектиран раст на инсталираните ветерни и соларни капацитети. Брзиот раст ја зголемува потребата од складирање, флексибилност и прилагодување на електроенергетскиот систем.

Батериите ја менуваат равенката

Одговорот не е запирање на изградбата на обновливи извори, туку паралелен развој на остатокот од електроенергетскиот систем.

Тука батериското складирање добива сосема поинакво значење.

Вишокот електрична енергија произведена во часовите со високо производство може да се складира и да се испорача во периодите кога производството се намалува, а побарувачката и цените растат.

Она што претходно претставувало проблем, премногу производство во одреден час, станува ресурс што може да се искористи подоцна.

Затоа понатамошниот развој на обновливите извори мора да се одвива паралелно со складирањето енергија, управувањето со побарувачката и други форми на флексибилност.

Потребно е да се развива и самиот дизајн на пазарот, бидејќи систем создаден околу големи конвенционални електрани не мора автоматски да обезбедува оптимални инвестициони сигнали за систем во кој доминираат технологии со променливо производство и многу ниски оперативни трошоци.

Електричните возила и електроенергетскиот систем не се две одделни приказни

Еден од најинтересните заклучоци на анализата е дека транзицијата во различните сектори не треба да се разгледува изолирано.

Електрификацијата на транспортот, на пример, ја зголемува побарувачката за батерии. Поголемото производство на батерии ги намалува нивните трошоци.


Падот на цената на батериските пакети и паралелниот раст на новите капацитети за складирање ја покажуваат повратната спрега меѓу технолошкиот развој, поголемиот обем и пониските трошоци.

Поевтините батерии потоа го прават поисплатливо складирањето електрична енергија во мрежата.

Повеќе складирање овозможува интеграција на поголемо количество евтина електрична енергија од сонце и ветер. Тоа, пак, може дополнително да ја зголеми економската привлечност на електрификацијата на транспортот, греењето и индустријата.

Така развојот на еден сектор го забрзува развојот на друг.

Според оваа логика, нема потреба да се чека целосна декарбонизација на електроенергетскиот сектор пред да започне посилна електрификација на транспортот, греењето или индустријата.

Напротив, паралелната трансформација може да создаде позитивни повратни спреги што се посилни од ефектот на секоја поединечна промена.

Политиките мора да го гледаат системот, а не само технологијата

Клучната порака на Rosenow е дека енергетската транзиција не може успешно да се управува со претпоставка дека утрешниот систем ќе биде само продолжение на денешниот.

Во раните фази, поддршката за новите технологии може да изгледа скапа. Но ако таа создаде доволно голем пазар за да започнат учењето, економијата на обем и намалувањето на трошоците, ефектот од првичната интервенција може да биде многу поголем од нејзината непосредна вредност.

Истовремено, политиките мора да препознаат кога успехот почнува да создава нови ограничувања.

Кај обновливите извори тоа значи дека по одредена точка повеќе не е доволно само да се додаваат нови мегавати. Потребни се мрежи, складирање, управување со побарувачката, флексибилност и пазарни механизми што ќе овозможат новите капацитети економски и технички да се интегрираат во системот.

Токму тука лежи суштината на нелинеарното размислување.

Малата промена денес може да активира процес што ќе создаде многу поголема промена утре. Но погрешно поставената политика може исто така да создаде повратна спрега што ќе го забави целиот процес.

Енергетската транзиција затоа не е само прашање колку нови капацитети ќе бидат изградени. Прашањето е какви системски промени тие капацитети ќе предизвикаат и дали енергетската политика е подготвена навреме да ги препознае.

Анализата е подготвена врз основа на авторскиот текст „How ‘feedback loops’ and ‘non-linear thinking’ can inform climate policy“ на проф. Jan Rosenow, објавен на Bright Spots.

ECI

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *