Светот влегува во она што Меѓународната агенција за енергија (IEA) го нарекува „ера на електричната енергија“. Но една од најинтересните пораки во новиот Special Report on Electrification не е само колку електрична енергија трошиме, туку колку повеќе енергетски услуги добиваме од неа.
Електричната енергија денес учествува со само 23% во глобалната финална потрошувачка на енергија, но обезбедува 37% од корисната енергија и е главен извор на енергија за економски активности кои создаваат 46% од светскиот БДП.
Токму овие три бројки ја објаснуваат суштината на електрификацијата.
Не треба да ја замениме целата фосилна енергија
Клучот не е секоја единица фосилна енергија да се замени со една единица електрична енергија. Треба да се заменат услугите што фосилните горива ги обезбедуваат во транспортот, греењеето, ладењето и индустриските процеси.

Електричните технологии вообичаено многу поефикасно ја претвораат финалната енергија во корисна енергија отколку технологиите базирани на согорување, каде значителен дел се губи како топлина.
Затоа 23% електрична енергија денес обезбедува 37% од корисната енергија. Ако уделот на електричната енергија во финалната потрошувачка достигне 35% во 2035 година, IEA проценува дека таа би обезбедувала повеќе од половина од глобалната корисна енергија.
Тоа е една од најважните, а често занемарени предности на електрификацијата: за многу услуги не мора да замениме огромни количини фосилна енергија со исто толкава количина електрична енергија.
Но што ако струјата доаѓа од фосилни горива?
Тука завршува едноставниот дел од приказната.
Електрификацијата не е автоматски декарбонизација.
Електрично возило, топлинска пумпа или електрифициран индустриски процес може да ја намали потребната финална енергија. Но климатскиот ефект зависи и од тоа од каде доаѓа електричната енергија.
Во 2025 година изворите со ниски емисии обезбедувале 42% од глобалното производство на електрична енергија, но електроенергетскиот сектор сè уште создава околу 14 милијарди тони CO₂ годишно. IEA затоа експлицитно предупредува дека електрификацијата ги намалува емисиите, но сама по себе не е доволна за климатските цели.
Агенцијата покажува и што би се случило доколку побарувачката расте, а електроенергетскиот микс не се декарбонизира доволно брзо. Во едно такво сценарио, потрошувачката на природен гас во електроенергетскиот сектор би пораснала за околу 430 милијарди кубни метри до 2035 година, додека емисиите од производството на струја би останале околу 14 Gt CO₂.
Тогаш дел од проблемот само се преместува од автомобилот, котелот или фабриката кон електраните.
На светот ќе му треба многу повеќе електрична енергија
Ако уделот на електричната енергија достигне 35% од финалната потрошувачка до 2035 година, глобалното производство ќе треба да порасне за повеќе од 15.000 TWh, а тоа е речиси половина од денешното светско производство.
Тоа значи раст на побарувачката од околу 1.400 TWh годишно, речиси двојно побрзо од изминатата деценија.
IEA не пропишува една идеална комбинација на извори за сите држави. Но насоката е јасна: растечката побарувачка за електрична енергија мора сè повеќе да се покрива со производство со ниски емисии.
За најголем дел од системите тоа значи забрзан развој на обновливите извори, паралелно со мрежите, складирањето и другите извори на флексибилност, додека нуклеарната енергија може да има важна улога во земјите што ја имаат или планираат да ја развиваат.
Истовремено, производството не е доволно. Мрежите треба да се модернизираат и прошируваат околу 40% побрзо до 2035 година отколку во претходната деценија, паралелно со развојот на складирањето, управувањето со побарувачката и другите извори на флексибилност.
Електрификацијата е само половина од транзицијата
Трите најважни бројки 23%, 37% и 46% ни покажуваат зошто електричната енергија станува центар на новиот енергетски систем.
Но електрификацијата решава само еден дел од равенката.
Не е доволно автомобилите, греењето и индустријата да ги приклучиме на електрична енергија. Паралелно мора да изградиме систем способен да произведе и испорача многу поголеми количества електрична енергија со сè пониски емисии.
Електрификацијата ја намалува количината на енергија која е потребна за многу услуги. Декарбонизацијата на електроенергетскиот систем одредува колку чиста ќе биде таа енергија. Затоа вистинскиот предизвик не е само да електрифицираме повеќе, туку растечката побарувачка за електрична енергија да ја претвориме во двигател на почист, поефикасен и пофлексибилен енергетски систем.
ECI

