Од потрошувачи до партнери, мрежата и енергетската транзиција

септември 15, 2026

Енергетската транзиција влегува во потешката фаза. Првата беше релативно едноставна за објаснување: повеќе обновливи извори, повеќе фотонапонски електрани, повеќе ветерни електрани и помалку фосилни горива.

Новите мегавати се само еден дел од транзицијата. Вистинскиот предизвик е нивната интеграција во мрежата и управувањето со сè подинамичен и децентрализиран електроенергетски систем.

Токму ова е една од најважните пораки што произлегуваат од анализата на Регулаторниот одбор на Енергетската заедница (ECRB) за учеството на активните потрошувачи на пазарот на електрична енергија.

Потрошувачот веќе не е крајна точка

Традиционалниот електроенергетски систем беше еднонасочен. Големите електрани произведуваат електрична енергија, мрежата ја пренесуваше и дистрибуираше електричната енергија, а потрошувачот ја превземаше.

Тој модел брзо се менува.

Денешниот потрошувач може истовремено да произведува електрична енергија, да ја складира во батерија, да ја предава во мрежата или да ја приспособува сопствената потрошувачка според состојбата во системот и цените на пазарот.

Со тоа потрошувачот престанува да биде само крајна точка во системот и станува енергетски ресурс.

Шест од девет договорни страни на Енергетската заедница веќе ја имаат транспонирано дефиницијата за активен потрошувач во примарното законодавство. Но законската дефиниција сама по себе не создава активен пазар.

Потребни се правила за приклучување, паметно мерење, агрегатори, балансна одговорност и пазарни механизми преку кои флексибилноста навистина ќе има вредност.

Мрежата станува новата граница

Во изминатите години успехот на транзицијата најчесто го меревме преку новоинсталирани мегавати од обновливи извори.

Тоа веќе не е доволно.

ECRB укажува на ограничениот расположлив капацитет во дистрибутивните мрежи како една од клучните пречки за поголемо учество на активните потрошувачи, заедно со ограничувањата во преносната мрежа и недоволно развиените опции за флексибилност.

Тука се наоѓа следниот голем предизвик на транзицијата.

Ако инвеститорот или активниот потрошувач не знае каде има слободен мрежен капацитет, ако приклучувањето трае предолго или ако секој нов мегават автоматски бара нова мрежна инвестиција, тогаш системот станува ограничување за транзицијата.

Затоа се потребни транспарентни информации за расположливиот капацитет, подобро управување со барањата за приклучување и можност за флексибилни приклучоци.

Не секој проблем во мрежата мора да се решава само со повеќе кабли и трансформатори.

Флексибилноста добива цена

Токму тука батериите, управуваната потрошувачка и агрегаторите добиваат сосема нова улога.

Кога има вишок производство, потрошувачката може да се зголеми или енергијата да се складира. Кога системот е оптоварен, дел од потрошувачката може да се помести, а складираната енергија да се врати во системот.

Илјадници мали ресурси можат преку агрегатор да се однесуваат како еден поголем ресурс, практично како виртуелна електрана.

Затоа флексибилноста не треба да се гледа само како алатка за балансирање. Таа може да помогне и во управувањето со мрежните ограничувања и во поефикасното користење на веќе изградената инфраструктура.

Тоа ја менува и економската логика на системот: вредност веќе нема само произведениот киловат-час, туку и можноста да се произведе, складира или потроши во моментот кога му е најпотребен на системот.

Македонија

Во Македонија брзиот раст на фотонапонските електрани веќе ја отвора следната тема, како да управуваме со производството што е концентрирано во истите часови од денот. Тука складирањето на електрична енергија станува логичен следен чекор.

Ако батериските системи се препознаени како потреба за поефикасно управување со мрежата и растечкото производство од фотонапонски електрани, тогаш треба да се поедностават механизмите што ќе овозможат нивно побрзо поставување, приклучување и функционирање во електроенергетскиот систем.

Концептот на активен потрошувач, заедница на ОИЕ и агрегаторите веќе се воведени во законската рамка. Следната задача е тие да се доближат до компаниите и граѓаните и да станат практично применливи. Потребни се јасни упатства, едноставно објаснети постапки и активна промоција на можностите што ги нудат, од сопствено производство и складирање до управување со потрошувачката и учество преку агрегатор.

Овде паметното планирање и паметното управување добиваат практична смисла, подобро да ја користиме енергијата и мрежата што веќе ги имаме, наместо секој нов проблем да го решаваме со нов капацитет.

м-р Виктор Андонов

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *