ИНТЕРВЈУ: Асоцијација “СОЛАР МАКЕДОНИЈА“

август 7, 2026

Македонската соларна асоцијација „Солар Македонија“ е основана во 2006 година, во период кога домашниот соларен сектор сè уште беше во рана фаза на развој. Денес асоцијацијата обединува повеќе од 100 домашни и меѓународни компании, експерти и професионалци од областа на фотоволтаичните и соларно-термалните системи, батериското складирање, топлинските пумпи и другите технологии поврзани со користењето на сончевата енергија.

Во изминатите две децении „Солар Македонија“ се развиваше паралелно со домашниот соларен пазар, преку застапување на интересите на секторот, стручно усовршување и сертифицирање на кадарот, поврзување на компаниите и организирање саеми, деловни делегации и Годишната соларна конференција. Асоцијацијата во 2026 година одбележува 20 години од основањето, додека нејзината конференција ќе го има своето петто издание.

За почетоците на асоцијацијата, развојот на соларната индустрија во Македонија, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и следната фаза во користењето на сончевата енергија разговараме со претседателот на „Солар Македонија“, проф. д-р Илија Насов, проф.д-р Димитар Димитров и со м-р Стефан Трајков, проектен менаџер во асоцијацијата.

Проф. Насов „Солар Македонија“ годинава одбележува 20 години. Како се роди идејата за формирање на асоцијацијата во 2006 година и кој беше вклучен во нејзиното основање?

Навистина ми е драго што се навраќам на моментите на формирањето на Соларната асоцијација на Македонија пред 20 години. Во 2006 година, проф. д-р Кирил Поповски беше лидер на Австриско, Македонскиот проект за едукација на македонски ентузијасти кои работеа во соларниот сектор, претставници од различни институции, академски средини, производители на соларна опрема, трговци и проектанти. Едукатори ни беа врвни експерти од Австрија, кои во тоа време беа меѓу водечките во областа на соларната енергија.

По серија предавања и студиски посети, меѓу кои и CRES Институтот за соларна енергија во Атина, бевме поканети на Светскиот конгрес за соларна енергија во Глеисдорф, Австрија. Таму имав можност да презентирам дел од нашите развојно-истражувачки достигнувања. Во една пријатна атмосфера по завршувањето на конгресот, заедно со експерти од Австрија, Германија и други институти, ја добивме идејата за формирање на Македонската соларна асоцијација, и тоа се случи токму во Глеисдорф.

Првиот претседател на асоцијацијата беше проф. д-р Сања Поповска Василевска. Уште тогаш ги дефиниравме и најважните цели и принципи на асоцијацијата:

  • Зголемување на искористувањето на сончевата енергија во Македонија преку предавања, презентации, работилници, настапи во медиуми и интервјуа.
  • Формирање на телата на асоцијацијата, претседателство, комисии и собрание.
  • Проширување на членството преку вклучување на најистакнатите експерти во областа на соларната енергија.
  • Зголемување на свеста за придобивките од искористување на соларната енергија

Како изгледаше соларниот сектор во Македонија во тоа време и кои беа најголемите предизвици во првите години од работењето?

Во тој период сметавме дека најважни фактори за искористување на сончевата енергија се климатските услови и нивото на соларно зрачење. Но, преку нашите активности надвор од Македонија станавме свесни дека искористувањето кај нас беше на најниско ниво, додека земји со далеку помало соларно зрачење, како Австрија и држави од Централна и Северна Европа, имаа десетици пати поголема примена. Се покажа дека клучен фактор за развојот не е само природниот потенцијал, туку националните политики преку стимулации, субвенции и законски обврски.

Токму затоа започнавме со интензивни активности за лобирање и зголемување на свесноста, не само кај населението, туку и кај институциите. Иако субвенциите кај нас беа многу помали во споредба со Европа, тие сепак доведоа до значително зголемување на користењето на сончевата енергија преку соларни колектори и системи.

Кога субвенциите беа воведени по принципот „прв дојден – прв услужен“, започнавме да лобираме тие да се доделуваат врз основа на критериуми за квалитет. Нашата цел беше европските сертификати за квалитет да станат дел од критериумите за субвенционирање.

Во тој процес се соочивме со недостиг од стручно обучени проектанти, инсталатери и монтажери. Затоа организиравме бројни едукации и тренинзи, а се јави и потреба од официјална верификација на асоцијацијата за спроведување на обуки и доделување сертификати. Веќе бевме верифицирани од Министерството за образование и наука и од Центарот за образование на возрасни, па изработивме курикулуми и програми за едукации на сите типови соларни системи.

Стануваше јасно дека асоцијацијата мора да има професионално ангажирање и вработување. Со вклучувањето на проектниот менаџер м-р Стефан Трајков, кој многу активно и посветено се ангажираше , па започнавме со аплицирање на бројни национални, меѓународни и европски проекти. Денес можеме да кажеме дека сме меѓу ретките соларни асоцијации кои освен национални , активно учествуваа во европски развојно-истражувачки проекти заедно со најголемите институции и истражувачки центри во Европа.

Кога првпат почувствувавте дека соларната енергија излегува од кругот на ентузијастите и станува вистински пазар и значаен дел од македонската енергетика?

Во првите години по формирањето на асоцијацијата, соларниот сектор навистина се потпираше на ентузијасти производители на опрема кои немаа доволно едукација, искуство, современа технологија и ресурси. Пресвртниот момент настапи кога започнавме организирани посети на меѓународни саеми, конференции и стручни предавања, каде поканувавме светски и европски експерти, како и посети на Европски фабрики производители на опрема. Тогаш сфативме дека и ние мора да го достигнеме тој професионален и технолошки стандард.

Скоро сите домашни производители започнаа со сертифицирање на колектори и системи, што овозможи вклучување не само на домашниот пазар, туку и на странските пазари. Можам слободно да кажам дека, иако сме мала земја, Македонија имаше значајни и забележителни производи, иновативни решенија како и изложувачи на најголемите европски саеми, како што е Intersolar, кој и денес редовно го посетуваат голем број членови на асоцијацијата.

Г-дин Трајков, кога се вклучивте во работата на „Солар Македонија“ и кои активности најмногу придонесоа за нејзиниот понов развој и зголемувањето на членството?

Во работата на Македонската Соларна Асоцијација, Солар Македонија сум активно вклучен повеќе од седум години. Во самите почетоци, како и многу други здруженија во нашата земја, се соочувавме со предизвикот да изградиме силно и активно членство. Анализирајќи ги потребите на секторот, заклучивме дека клучот за развој е во интернационализацијата на нашите компании-членки, воспоставувањето партнерства со сродни организации од странство, како и организирањето стручни обуки и настани кои ќе придонесат за подобрување на нивната конкурентност и квалитетот на работа во секторот.

Преку реализација на различни проекти започнавме да развиваме услуги кои денес претставуваат основа на финансиската самоодржливост на здружението и имаат континуитет во спроведувањето. Постојат неколку активности кои претставуваат двигател на развојот и зголемувањето на членството.

ОБУКА ЗА СОЛАРНИ МОНТАЖЕРИ

Една од најзначајните активности што ја развивме во 2019 година е Обуката за соларни монтажери, која денес претставува една од најпрепознатливите програми на Солар Македонија. Обуката е наменета за лица кои сакаат професионално да се усовршат или да стекнат сертификат за своите знаења и вештини.

Досега успешно се обучени повеќе од 130 кандидати од цела Македонија. Особена вредност на програмата е тоа што во неа се вклучени повеќе од 10 обучувачи, секој експерт во својата област. Предавањата опфаќаат теми од фотоволтаични системи, батериски системи, топлински пумпи, соларни термални системи, конструкции за монтажа, електрични инсталации, громобранска заштита, греење/ладење и други сродни области.

Овој мултидисциплинарен пристап им овозможува на кандидатите за релативно краток период да стекнат практични знаења и директно да се запознаат со најрелевантните експерти и компании во секторот. Особено радува фактот што најголем дел од обучените кандидати денес активно работат во индустрија и редовно учествуваат на настаните организирани од Солар Македонија.

ОБУКИ ЗА ПРОЕКТИРАЊЕ И ЕНЕРГЕТСКИ ПРЕСМЕТКИ

Покрај практичните обуки, развивме и програми за проектирање на соларни системи и изработка на енергетски пресметки со специјализирани софтверски алатки.За првпат во регионот организиравме меѓународна обука за RETScreen на ниво на Западен Балкан. Со оглед на тоа што софтверот е достапен на повеќе јазици, меѓу кои македонски, англиски, албански, турски,германски, обуката привлече учесници од повеќе држави во регионот.

Потоа следуваа обуки за PVSOL Premium, T*SOL, GeoT*SOL и TRNSYS, со што значително придонесовме кон зголемување на техничките капацитети и квалитетот на работа во секторот.

Особено значајна беше улогата на овие обуки за време на пандемијата со КОВИД-19. По завршувањето на обуките за PV*SOL Premium, многу компании продолжија непречено да работат користејќи го софтверот за далечинско проектирање. Врз основа на точните координати на објектите, тие изработуваа првични технички анализи и понуди без потреба од непосредна теренска посета.

МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА

Значаен сегмент од нашата работа претставува активното членство во европски професионални организации, меѓу кои и Solar Heat Europe. Преку учество во нивните работни групи активно придонесуваме во подготовката на законски регулативи, технички стандарди и модели за субвенционирање на соларните системи.

Ова членство ни овозможува директен пристап до најновите информации, европските политики и добри практики, но и создавање партнерства со сродни соларни асоцијации низ Европа.

Сите овие активности придонесоа Солар Македонија денес да биде препознаена како релевантна професионална организација во секторот на обновливите извори на енергија. Во моментов здружението брои повеќе од 120 домашни и меѓународни членки, меѓу кои производители, трговци, проектанти, монтажери, инженери, експерти и универзитетски професори.

Континуираното вложување во едукација, интернационална соработка и развој на нови услуги претставува основата врз која успеавме да изградиме активно и самоодржливо здружение кое активно придонесува за развојот на соларниот сектор во Македонија и регионот.

Годишната соларна конференција прерасна во значаен регионален настан. Како се развиваше од првото издание до денес и што ќе понуди петтото издание во 2026 година?

Пред пет години ја организиравме првата ГОДИШНА СОЛАРНА КОНФЕРЕНЦИЈА, заедно со СОЛАРНИОТ САЕМ – MAXSOL EXPO, препознавајќи ја потребата од настан кој ќе ги обедини сите релевантни чинители во соларниот и енергетскиот сектор. Како здружение составено претежно од инженери и технички експерти, со долгогодишно искуство и широка соработка со компании што работат со различни видови соларни технологии, увидовме дека недостасува платформа каде компаниите, институциите, експертите и производителите ќе можат да разменуваат знаења, искуства и да воспоставуваат нови деловни партнерства.

Со текот на времето, поради континуираниот раст на интересот, MAXSOL EXPO се разви во самостоен саем, додека Годишната соларна конференција прерасна во еден од најзначајните стручни настани во регионот. Паралелно се разгледува и опцијата за поврзување на овие два настани. На последното издание на саемот учествуваа повеќе од 35 изложувачи од Балканот и регионот, а конференцијата привлече над 270 учесници од 12 држави што претставува потврда за нејзината регионална препознатливост и значење.

Програмата на конференцијата секоја година се креира во согласност со актуелните потреби на компаниите и предизвиците со кои се соочува енергетскиот сектор. Темите се избираат врз основа на директна комуникација со членките и опфаќаат законска регулатива, нови технологии, финансиски механизми, пазарни трендови и практични решенија за развој на обновливите извори на енергија.

Петтото издание на Годишната соларна конференција ќе се одржи на 23 и 24 септември 2026 година во хотел Александар Палас. Билети за настанот може да се набават преку нашата веб страна или со обнова на членството каде има вклучено влезници. Настанот ќе овозможи сеопфатен преглед на актуелните состојби во енергетскиот сектор, дискусии за идните политики и презентација на иновативни технологии и решенија кои можат да придонесат за поефикасна и поодржлива енергетска транзиција.

Паралелно со конференциската програма ќе се реализираат комерцијални презентации на домашни и меѓународни компании, кои ќе ги претстават своите најнови производи, технологии и услуги. Дополнително, учесниците ќе имаат можност директно да се информираат и пријават за меѓународни саеми, конференции, обуки и стручни посети што Солар Македонија ги организира во соработка со своите партнери.

Како конкретен пример, компаниите ќе можат да се пријават за деловни делегации на водечките европски саеми како KEY – The Energy Transition Expo во Римини, Intersolar Europe за 2027 година и EIF, кои ќе се одржи во 2026 година. Во рамките на овие активности веќе се договорени и специјализирани технички обуки кај водечки светски производители на соларна опрема, со што компаниите добиваат можност непосредно да се запознаат со најновите технологии, да ги надградат своите технички знаења и да воспостават нови деловни контакти со меѓународни партнери.

Покрај конференцијата, организирате обуки, саеми и меѓународни деловни делегации. Каква конкретна корист добиваат компаниите и професионалците што се дел од асоцијацијата?

Еден од приоритетите на Македонската соларна асоцијација е интернационализацијата на домашните компании и јакнење на квалитетот на работа во истите. Со таа цел, воспоставивме стратешки партнерства со повеќе водечки европски саеми и организации од областа на обновливите извори на енергија, а во тек се и разговори за проширување на оваа соработка со партнери надвор од Европа.

Преку овие партнерства организираме бизнис-делегациски посети за нашите компании-членки, како и можности за заеднички настап на меѓународни саеми преку национален или асоцијативен штанд. Овој модел им овозможува на компаниите да ги претстават своите производи, услуги и технички решенија пред интернационална публика, да воспостават нови деловни контакти и да ги истражат можностите за извоз и меѓународна соработка.

Особено би го издвоил нашето стратешко партнерство со KEY – The Energy Transition Expo во Римини, Италија, чиј организатор веќе неколку години е и стратешки партнер на нашата Годишна соларна конференција. Исто така, воспоставивме успешна соработка со Intersolar Europe во Минхен, каде организираме бизнис-делегациски посети за компаниите-членки, како и со EIF (Energy Is Future), еден од најзначајните саеми за обновливи извори на енергија во Турција, на кој асоцијацијата ќе биде активно присутна и во ноември 2027 година. Нашите бизнис-делегациски посети најчесто се организираат заедно со делегации од земјите од Западен Балкан, што создава дополнителна можност за вмрежување и воспоставување регионални партнерства. Покрај посетата на саемите, компаниите-членки имаат можност преку заедничките ручеци, паузите за кафе и организираните B2B средби да се запознаат со сродни компании од регионот, да разменат искуства и да дискутираат за актуелните предизвици и можности во секторот.

Организираните групни посети не претставуваат само можност за следење на најновите технологии и трендови, туку и платформа за размена на знаења, идеи и добри практики меѓу самите членки. Ваквиот пристап придонесува за зајакнување на меѓусебната соработка, иницирање заеднички проекти и создавање нови деловни партнерства како на регионално, така и на меѓународно ниво. Покрај саемските партнерства, Македонската соларна асоцијација соработува и со некои од најреномираните светски организатори на стручни конференции и настани. Меѓу нив се SolarPlaza, каде редовно настапуваме како индустриски партнер за нивните конференции во регионот на Западен Балкан, како и RE+ Events, една од најпознатите светски организации за конференции и саеми во областа на чистата енергија. Нашите членки овде се вклучувале како панелисти, дел од настани за вмрежување како посетители со цел презентирање на најновите информации од нашиот сектор и отворање на нови соработки.

Покрај соработката со меѓународни организации и саеми, Македонската соларна асоцијација воспостави партнерства и со водечките светски специјализирани медиуми PV Europe и PV Magazine, преку кои успешно ја промовираме состојбата и развојот на соларниот сектор во Македонија.

Преку овие медиумски соработки, нашите компании-членки и експерти имаа можност да дадат интервјуа и стручни изјави за актуелните трендови, предизвиците и потенцијалот на домашниот пазар, претставувајќи ја Македонија пред меѓународната стручна јавност. Досега, повеќе од седум различни домашни експерти беа вклучени во овие интервјуа, со што придонесоа за поголема видливост на националниот соларен сектор и промоција на локалното знаење и искуство.

Воедно, би сакал да ја изразам благодарноста до редакцијата на Energy & Climate Index, која ни овозможи дополнителен простор за претставување на состојбите, развојните политики и можностите во македонскиот енергетски сектор. Благодарение на ваквите медиумски партнерства, Македонија беше препознаена како интересен и релевантен пазар за меѓународната публика, а нашите експерти добија можност активно да учествуваат во глобалната дискусија за енергетската транзиција и развојот на обновливите извори на енергија.Овие меѓународни партнерства создаваат значајна додадена вредност за нашите членки. Тие добиваат пристап до најновите технолошки достигнувања, информации за европските и регионалните регулативи, можности за професионално вмрежување и воспоставување деловни партнерства, како и директен контакт со водечки производители, инвеститори и компании од енергетскиот сектор. На тој начин придонесуваме кон зголемување на конкурентноста на домашните компании и нивно поуспешно интегрирање на меѓународниот пазар.

Проф. Димитров, Македонија забележа брз раст на фотоволтаичните капацитети. Дали развојот на пазарот е следен со доволно квалитетна опрема, стручно проектирање, монтажа и одржување?

Иако на прв поглед фотоволтаичните системи изгледаат како релативно едноставни за проектирање и изведба, зад нив стојат бројни технички барања, стандарди и добри инженерски практики што мора доследно да се почитуваат. Од сопственото професионално искуство можам да потврдам дека кај системите изведени од инсталатери или компании без соодветна обука и искуство, не може да се гарантира ниту нивната правилна работа, ниту нивната долгорочна безопасност.

Драстичното зголемување на цената на електричната енергија во 2022 година ги принуди компаниите да бараат брзи решенија за намалување на трошоците. За многумина, најисплатливото решение беше инсталирањето на фотоволтаични системи за сопствено производство на електрична енергија. Така, потребата за проектанти и изведувачи нагло порасна, а роковите за реализација беа кратки. Како последица на тоа, на пазарот се појавија голем број недоволно подготвени компании со ограничено познавање на проектирањето, изведбата и законската регулатива. Во многу случаи не беа почитувани ниту основните инженерски принципи, а ни важечките прописи.

Последиците од таквиот пристап јасно се видливи денес. Одредени фотоволтаични централи произведуваат значително помалку од очекуваното, некои претрпеа сериозни оштетувања од пожари или од неодамнешните временски непогоди, како и инсталации во кои е вградена неквалитетна или несоодветно избрана опрема, што може да претставува сериозен ризик во иднина.

Иако фотоволтаичните системи генерално не бараат интензивно одржување, тоа не значи дека можат да се остават без надзор. Континуираното следење на нивната работа, навременото откривање на аномалиите, редовните инспекции и примената на превентивни мерки се клучни за нивната сигурност, безопасност и долг работен век.

Затоа, на сопствениците на веќе изградени фотоволтаични централи им препорачувам да спроведат стручна техничка ревизија на своите системи, со цел навремено да се откријат и отстранат евентуалните недостатоци. На идните инвеститори, пак, им препорачувам да не ја темелат одлуката исклучиво на најниската цена, туку да избираат искусни проектанти и изведувачи со докажани референци, бидејќи квалитетно проектираниот и изведен фотоволтаичен систем претставува инвестиција што треба безбедно и сигурно да функционира повеќе од 30 години.

Кои се денес најголемите предизвици за соларниот сектор: електроенергетската мрежа, регулативата, недостигот од квалификуван кадар, складирањето енергија или пристапот до финансирање?

Еднаш засекогаш треба да прифатиме дека електроенергетскиот сектор е веќе суштински променет и дека во наредните години процесот на енергетската транзиција дополнително ќе се интензивира. Тоа подразбира за кратко време затворање на термоцентралите на јаглен, додека сè поголемиот дел од потребната електрична енергија ќе се обезбедува од обновливи извори на енергија и термоцентрали на природен гас. Поради променливата природа на обновливите извори на енергија, развојот на системите за складирање на електрична енергија не е само пожелна, туку неопходна компонента електроенергетскиот систем во иднина.

Поднесените иницијативи и одобрените годишни планови покажуваат исклучително голем интерес од приватните инвеститори за изградба на нови производни капацитети, пред сè фотоволтаични и ветерни електроцентрали, придружени со колоцирани, но и самостојни батериски системи за складирање на електрична енергија. Овој тренд е позитивен за Македонија, бидејќи зголемената конкуренција ќе овозможи одржување на конкурентни и прифатливи цени на електричната енергија, без потреба државата директно да инвестира во овие капацитети. Доколку постои стабилна и предвидлива законска рамка, проследена со ефикасни и транспарентни процедури, нема причина нивното финансирање да биде доведено во прашање. Потрошувачката на електрична енергија се очекува континуирано да расте, што дополнително ја потврдува економската оправданост на ваквите инвестиции.

За успешно интегрирање на овие нови производни и складишни капацитети е неопходно значително зајакнување, модернизација и дигитализација на електроенергетската мрежа, особено на преносниот систем. Токму затоа е во тек изработката на Генералниот план за развој на електроенергетската мрежа, кој има за цел да создаде предуслови за приклучување на сите нови генератори и системи за складирање, истовремено обезбедувајќи сигурно и стабилно функционирање на електроенергетскиот систем.

Сите овие процеси ќе создадат значителна потреба од високообразуван и стручен кадар од областа на електроенергетиката. Електроинженерите ќе треба постојано да ги надградуваат своите знаења за да одговорат на новите електроенергетски предизвици. Поддршката во образованието во електроенергетиката во Македонија, ќе биде еден од клучните предуслови за успешна, одржлива и праведна енергетска транзиција.

Проф. Насов, по две децении работа, што го сметате за најголемо постигнување на „Солар Македонија“ и каде сакате да биде асоцијацијата во следните пет години?

Соларната асоцијација на Македонија, од формирањето до денес преку своите активности се труди да допринесе за зголемување на искористувањето на соларната енергија во Македонија со голем број активности наведени погоре.

Секако дека е многу важна перспективата на асоцијацијата и нејзиниот развој во наредниот период.

Само одржливоста на асоцијацијата секако е една од главните цели и определби во наредниот период преку аплицирање на Европски и домашни проекти како и паралелно усовршување/надградба на постоечните активности: обуки, тренинзи, проекти, саеми, конференции. Само одржливоста на асоцијацијата ја гледаме преку додатни активности со формирање на работни експертски групи и комисии по области:

  • Група од правни експерти кои ке можат да се вклучуваат при изработка на законска регулатива, подзаконски акти во областа на соларната енергија како : стимулации, субвенции и облигации базирани на европски критериуми за квалитет , сигурност и гаранции на производот.
  • Група за секојдневно следење на повици за аплицирање и учество во национални, меѓу гранични, интернационални, европски проекти како од областа на едукативните така и од областа на стручни, развојно истражувачки проекти за кои нашата асоцијација веќе има големо искуство во учество на ваков тип на проекти заедно со најголемите институции, институти и експерти во Европа.
  • Група за соработка со универзитетските центри, тренинг центри, факултети и институти посебно од областа на соларната енергија
  • Група за меѓународна соработка не само со соларни асоцијации туку и здруженија и клубови на бизнис заедници посебно во областа на соларната енергија
  • Продолжување на поддршката на членството преку организирање на стручни работилници, софтвери и апликации , презентации за најновите технологии и системи во користење на соларната енергија

Интервјуто го реализираште м-р Виктор Андонов

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *