Земјата располагала со 250,52 GW на крајот од 2025 година, а силниот раст продолжил и во 2026 година, предводен од соларната енергија
Индија го престигна Бразил и се искачи на третото место во светот според вкупниот инсталиран капацитет за производство на електрична енергија од обновливи извори, покажуваат податоците од извештајот Renewable Capacity Statistics 2026 на Меѓународната агенција за обновлива енергија – IRENA.
На крајот од 2025 година Индија располагала со 250,52 GW обновлив капацитет. Пред неа останале само Кина со 2.258,02 GW и САД со 467,92 GW. Бразил паднал на четвртото место со 228,20 GW, додека Германија била петта со 199,92 GW.

Според IRENA, вкупниот светски капацитет од обновливи извори на крајот од 2025 година достигнал 5.149,28 GW. Во текот на годината биле додадени околу 692 GW, а обновливите извори учествувале со 85,6% во целокупното зголемување на производствените капацитети во светот.
Соларната енергија го предводи индискиот раст
Податоците на индиското Министерство за нова и обновлива енергија покажуваат дека брзото напредување на Индија во глобалното рангирање во голема мера е поврзано со соларната енергија.

Во финансиската 2025/26 година, која заврши на 31 март, во земјата биле инсталирани рекордни 44,61 GW нов соларен капацитет. Тоа е речиси двојно повеќе од 23,83 GW додадени во претходната финансиска година и значително над поставената годишна цел од 34 GW.
Дистрибуираните соларни системи учествувале со 16,31 GW, односно со околу 36% во вкупното годишно зголемување. Од нив, 8,71 GW биле кровни соларни системи, а 7,67 GW биле реализирани преку програмата PM-KUSUM, насочена кон користење на соларната енергија во земјоделството.
Комерцијалниот и индустрискиот сектор, вклучувајќи ги и постројките изградени за сопствено снабдување, придонел со околу 15 GW.
Со тоа, вкупниот соларен капацитет на Индија достигнал 150,26 GW на 31 март 2026 година. Од нив, 110,43 GW биле големи соларни електрани, 25,73 GW кровни системи, а 14,10 GW проекти во рамките на PM-KUSUM и системи надвор од електроенергетската мрежа.

Растот продолжи и по рекордната финансиска година
Експанзијата продолжила и во првите месеци од новата финансиска година. До 31 јули 2026 година соларниот капацитет на Индија достигнал 164,59 GW, покажуваат најновите официјални податоци на Министерството.
Само во периодот од април до јули биле додадени 14,33 GW, од кои 2,44 GW во јули. Во структурата на вкупниот соларен капацитет, големите електрани учествувале со 122,57 GW, кровните системи со 30,74 GW, соларниот дел од хибридните проекти со 4,77 GW, а системите надвор од мрежата со 6,51 GW.
Паралелно со соларниот сектор растела и ветерната енергија. Во финансиската 2025/26 година биле додадени рекордни 6,05 GW ветерни електрани, со што вкупниот капацитет надминал 56 GW.
Најбрз раст меѓу големите пазари
Меѓународната агенција за енергетика – IEA оцени дека годишното зголемување на обновливите капацитети во Индија во 2025 година било речиси 60%, што претставува најбрз раст меѓу големите светски пазари.
Според IEA, растот главно произлегол од соларните капацитети, додека новите ветерни капацитети се удвоиле и надминале 6 GW. Агенцијата напоменува дека нејзините податоци за 2025 година содржат и проценети вредности за пазарите за кои во моментот на подготовката не биле достапни конечни годишни информации.
Индија во јуни 2025 година ја достигна националната цел најмалку половина од инсталираниот електроенергетски капацитет да потекнува од не-фосилни извори – пет години пред рокот поставен за 2030 година. Следната национална цел е достигнување 500 GW капацитет од не-фосилни извори до крајот на деценијата.
м-р Виктор Андонов

