Холандија ги заострува правилата за подршка на соларни проекти

јули 8, 2026

Холандија ќе воведе построги услови за соларните проекти што аплицираат за државна поддршка преку програмата SDE++, откако анализата на последниот повик покажа дека електроенергетската мрежа станува едно од главните ограничувања за понатамошниот развој на обновливите извори на енергија.

Според официјалните податоци на холандската агенција Rijksdienst voor Ondernemend Nederland (RVO), во рамки на програмата SDE++ 2025 досега се одобрени 283 проекти со вкупна вредност на поддршката од околу 7,9 милијарди евра, додека дополнителни апликации во вредност од околу 0,8 милијарди евра сè уште се разгледуваат. Вкупно биле поднесени барања во вредност од околу 22 милијарди евра, иако расположливиот буџет изнесувал 8 милијарди евра.

Кај соларната енергија, одобрени се 86 проекти со вкупен инсталиран капацитет од 773 MWp, од кои најголемиот дел се соларни паркови на земја, покрај кровни и пловечки фотонапонски системи.

Нов услов за приклучување на мрежата

Најзначајната промена ќе стапи во сила со повикот SDE++ 2026. Инвеститорите во соларни електрани ќе треба да достават transport indication од операторот на електроенергетската мрежа, документ со кој се потврдува дека постои реална можност проектот да биде приклучен на системот.

Според RVO, оваа мерка се воведува поради сè поголемиот недостиг на слободен мрежен капацитет во делови од Холандија, каде операторите веќе не можат да гарантираат нови приклучоци за производители на електрична енергија.

Тоа практично значи дека, покрај исполнувањето на техничките и финансиските услови, инвеститорите ќе мора однапред да докажат дека нивниот проект може да се реализира без дополнително оптоварување на електроенергетската мрежа.

Поврзано: Европската комисија неодамна одобри 2,5 милијарди евра за нови енергетски инфраструктурни проекти, при што значителен дел од средствата се насочени кон модернизација на електроенергетските мрежи и прекуграничните интерконекции. Повеќе прочитајте во анализата „ЕУ одобри 2,5 милијарди евра за енергетски проекти“.

Две третини од апликациите биле одбиени

Официјалните резултати покажуваат дека околу две третини од сите апликации во програмата SDE++ 2025 не добиле поддршка. Дел од нив биле одбиени поради неисполнување на условите, недостасувачка документација или повлекување на апликациите, додека кај дел од проектите клучен предизвик претставувала токму можноста за приклучување на мрежата.

RVO најавува дека новите правила треба да овозможат средствата да се насочуваат кон проекти што имаат поголема веројатност навреме да бидат реализирани и да придонесат за исполнување на климатските цели на Холандија.

Следниот повик започнува во октомври

Новата рунда SDE++ 2026 ќе биде отворена од 27 октомври до 26 ноември, а холандската влада веќе планира годишен буџет од 8 милијарди евра за програмата и во следните години.

Со новите правила, Холандија испраќа јасна порака дека во следната фаза од енергетската транзиција, инвестициите во обновливи извори ќе мора да бидат усогласени со реалните можности на електроенергетската инфраструктура.

ECI

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *