Европската унија подготвува нови мерки за справување со растот на цените на енергијата, вклучително и нов механизам за здружување на европската побарувачка и заедничко купување енергија.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на 6ти октомври, пред Европскиот парламент изјави дека високите енергетски трошоци повторно создаваат сериозен притисок врз европските домаќинства и индустријата.
Според податоците што ги презентираше, од крајот на февруари цените на гасот се зголемени за 140%, додека цените на дизелот се двојно повисоки. Дополнителната сметка на Европа за увоз на фосилни горива достигнува околу 100 милијарди евра, без зголемување на количеството увезена енергија.
ЕУ повторно ќе ја здружува побарувачката
Една од најважните најавени мерки е формирање нова работна група која ќе ја обединува побарувачката за енергија на европско ниво.
Моделот се надоврзува на механизмите што ЕУ ги воспостави за време на претходната гасна криза, кога европските купувачи ја агрегираа побарувачката за полесно обезбедување на потребните количества.
Но Комисијата сега предлага да оди чекор понатаму.
Наместо системот да служи само за поврзување на купувачите и продавачите, побарувачката би се агрегирала, а пазарниот оператор би добил задача да спроведува заеднички набавки во име на учесниците.
Целта е поголемата заедничка куповна моќ на европскиот пазар да се искористи за подобри услови за снабдување и намалување на изложеноста на одделните земји на ценовни шокови.
Краткорочна помош, но и промена на европскиот енергетски модел
Комисијата најавува и мерки за заштита на најранливите домаќинства, особено во пресрет на зимата.
Но пораката на фон дер Лајен е дека краткорочните интервенции не се доволни. Основниот проблем останува високата зависност на Европа од увезени нафта и природен гас.
„Кога увезуваме фосилни горива, ги увезуваме и шоковите и кризите што доаѓаат со нив“, порача претседателката на Комисијата во Европскиот парламент.
Среднорочниот одговор затоа треба да вклучува поголеми инвестиции во домашни извори на енергија, електрификација, електроенергетски мрежи и намалување на зависноста од фосилните горива.
Темата ќе биде една од клучните точки пред состанокот на Европскиот совет на 15 и 16 октомври, во период кога Европа повторно влегува во зимската сезона со зголемена изложеност на глобалните цени на фосилните горива.
ECI

