БРИСЕЛ (26.06.2026) Советот на Европската Унија усвои заедничка позиција за Европскиот пакет за електроенергетските мрежи, со што започнуваат преговорите со Европскиот парламент за една од клучните реформи што треба да ја забрза електрификацијата, декарбонизацијата и изградбата на прекуграничната енергетска инфраструктура.
Пакетот опфаќа измени на Регулативата за трансевропска енергетска инфраструктура (TEN-E) и нова директива за издавање дозволи. Целта е побрзо планирање и изградба на електроенергетските мрежи, подобра поврзаност меѓу земјите членки и поголема отпорност на европскиот енергетски систем.
Заедничко планирање и побрзи дозволи
Советот ја поддржа идејата за заедничка европска рамка за планирање на електроенергетската, водородната и гасната инфраструктура.
Европската комисија ќе изготвува заедничко сценарио за развој на мрежите, со цел навреме да се идентификуваат инфраструктурните тесни грла и потребните инвестиции.
Истовремено, новите правила предвидуваат поедноставени и побрзи постапки за издавање дозволи, дигитализација на процедурите и посилна координација меѓу институциите за да се забрза реализацијата на стратешките енергетски проекти.
Повеќе средства за прекугранични проекти
Еден од компромисите што го постигнаа земјите членки се однесува на користењето на приходите од прекуграничните загушувања на мрежата (congestion revenues).
Според договорот, од 2028 година 10% од неискористените приходи ќе се насочуваат за финансирање на европски прекугранични инфраструктурни проекти, а од 2031 година уделот ќе се зголеми на 25%.
Македонија веќе е дел од процесот
За Македонија, реформата има дополнително значење бидејќи земјата веќе е во процес на интеграција со единствениот европски пазар на електрична енергија.
Според Годишниот извештај на РКЕ за 2025 година, Агенцијата за соработка на енергетските регулатори (ACER) донесе одлука за приклучување на македонската зона на наддавање кон регионот на Југоисточна Европа, а беше изработен и План за интеграција на споените пазари (Market Coupling Operation Integration Plan), што претставува важен чекор кон поврзување со единствениот европски пазар на електрична енергија.
ECI

