ENTSO-E бара нов европски систем за заштита на електроенергетската инфраструктура

септември 1, 2026

Минимални безбедносни стандарди, побрзо прекугранично распоредување опрема и заштита на чувствителните информации се меѓу седумте препораки на европските оператори

Европа треба да воспостави поусогласен систем за заштита на електроенергетската инфраструктура од физички напади, сајбер рзакани, екстремни временски настани и други ризици што можат да го загрозат снабдувањето со електрична енергија.

Ова е главната порака од новиот документ на Европската мрежа на оператори на преносни системи за електрична енергија – ENTSO-E, во кој се предлагаат седум мерки за зајакнување на европската енергетска безбедност.

Според ENTSO-E, електроенергетската безбедност повеќе не може да се разгледува само преку расположливоста на производните капацитети. Потребен е интегриран пристап што истовремено ги опфаќа сигурноста на снабдувањето, физичката заштита на инфраструктурата и сајбер безбедноста.

Заедничка процена на ризиците

Првата препорака е воведување усогласена процена на ризиците во целиот енергетски сектор. Заканите треба да се оценуваат според нивното потенцијално влијание врз европскиот електроенергетски систем, а не само во рамките на националните граници.

На тој начин, инвестициите и мерките за заштита би се насочувале кон инфраструктурата чиј прекин може да предизвика најголеми регионални последици.

Минимални стандарди за критичните објекти

ENTSO-E предлага воведување минимални стандарди за заштита на критичните мрежни објекти. Тие би требало да ги опфатат оперативната подготвеност, физичката заштита, резервните капацитети и опрема, како и координираните процедури за повторно воспоставување на системот.

Европската асоцијација смета дека ENTSO-E треба да ги подготви насоките за примена на овие стандарди.

Кој е одговорен кога ќе настане криза?

Посебен проблем е недоволно јасната распределба на одговорностите меѓу операторите на преносните системи и државните институции.

Потребно е однапред да се утврди кој е одговорен за откривање физички и хибридни закани, прогласување кризна состојба, координирано ограничување на потрошувачката, преземање заштитни мерки и обнова на оштетената инфраструктура.

ENTSO-E е подготвена да предложи рамка за соработка меѓу операторите и националните власти при заштитата и обновувањето на мрежата.

Посебна заштита за инфраструктурата на море

Европските оператори бараат регионални механизми за заштита на прекуграничната електроенергетска инфраструктура на море. Рамката треба да опфати координација при откривањето закани, безбедна комуникација и поефикасно спроведување на заштитните мерки.

ENTSO-E предлага и усогласување на казните за попречување или оштетување на критичната поморска инфраструктура.

Како слабост е посочена зависноста од мал број специјализирани компании, најчесто производителите на опремата, потребни за поправка на каблите и другите мрежни компоненти. Тоа може да создаде тесни грла и значително да го продолжи времето за обнова.

Опремата побрзо да се префрла преку границите

Една од поконкретните препораки е создавање можност за брзо прекугранично распоредување критична опрема и специјализирани услуги во итни ситуации.

Операторите и јавните институции би можеле меѓусебно да продаваат или разменуваат трансформатори, мрежни компоненти и друга опрема набавена преку јавни постапки. Една институција би можела да ѝ го пренесе на друга и правото директно да нарачува опрема преку веќе склучен рамковен договор, без започнување нова постапка за јавна набавка.

Целта е потребната опрема да стигне таму каде што е најпотребна, без административните процедури да го одложуваат обновувањето на системот.

Чувствителните информации да не бидат јавно достапни

ENTSO-E предупредува дека обврските за транспарентност понекогаш можат ненамерно да откријат информации важни за безбедноста на инфраструктурата.

Затоа се предлагаат појасни исклучоци за чувствителните податоци, особено за локациите и конфигурацијата на диспечерските центри и деталните географски податоци за критичните мрежни објекти.

Ова ќе биде особено важно за идните проекти финансирани од Европската Унија, за кои постојат обврски за објавување детални информации.

Заштитата на мрежата да влезе во тарифите

Последната препорака се однесува на финансирањето. Инвестициите во физичка и оперативна заштита треба да бидат признаени како основен трошок на електроенергетскиот систем и вклучени во националните тарифни рамки.

Безбедносните надградби, според ENTSO-E, треба да можат да добиваат поддршка и од европските финансиски инструменти, вклучувајќи го планираниот фонд за кабелска инфраструктура, Инструментот за поврзување на Европа и идниот Европски фонд за конкурентност.

Пораката на операторите е дека заштитата на електроенергетската мрежа не е дополнителен трошок, туку предуслов за сигурно снабдување во сè поелектрифицирана, дигитализирана и меѓусебно поврзана Европа.

ECI

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *