Македонија располага со значајно портфолио на енергетски инвестиции, кое опфаќа нови производствени капацитети од обновливи извори, батериски системи за складирање електрична енергија, модернизација на преносната мрежа и изградба на гасни интерконектори со соседните земји. Дел од проектите веќе имаат обезбедено финансирање од меѓународните финансиски институции, дел се во фаза на реализација, додека за останатите се подготвуваат технички студии и финансиски модели.
Ова во интервју за Energy & Climate Index го истакнува Мирослав Лабудовиќ, заменик-министер за енергетика, рударство и минерални суровини, посочувајќи дека е особено важно да се направи разлика меѓу проектите кои се во фаза на планирање, оние со обезбедени финансиски средства и инвестициите за кои веќе се потпишани договори за изградба.
„Не е исто да имате проектна идеја, обезбедено финансирање и проект за кој веќе е избран изведувач. Затоа е важно прецизно да кажеме до каде е реализацијата на секоја инвестиција“, нагласува Лабудовиќ.
Нови фотоволтаични електрани во Битола и Осломеј од над 220 MW
Еден од најзначајните сегменти на инвестициското портфолио се новите фотоволтаични електрани на ЕСМ, чија реализација е директно поврзана со трансформацијата на постојните енергетски комплекси базирани на јаглен.
За фотоволтаичната електрана Битола 3, со планирана моќност од 130 MW, веќе се потпишани финансиски договори во вкупна вредност од 87 милиони евра. Од нив, 50 милиони евра се обезбедени преку германската развојна банка KfW, а 37 милиони евра преку Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
За Битола 2, со планирана моќност од околу 60 MW, потпишан е заем од 47,3 милиони евра со KfW.
Кај проектите Битола 1 и Осломеј 2, со вкупна моќност од 30 MW, веќе е избран изведувач и започнати се активностите за реализација. Нивното пуштање во употреба се планира до крајот на 2027 година.
Особено значајно е што сите нови фотоволтаични електрани во Битола и Осломеј се планирани на затворени површински копови за јаглен, со што постојното индустриско земјиште ќе добие нова енергетска намена.
Ветерни електрани, пловечки фотоволтаици и 400 MWh батериски систем во Битола
Во портфолиото на ЕСМ се вклучени и инвестиции во ветерна енергија, хидроенергетика и складирање електрична енергија.
Обезбедено е финансирање за втората фаза на ветерниот парк Богданци, инвестиција од околу 38 милиони евра, како и за ревитализација на шест хидроелектрани, проект вреден приближно 46 милиони евра, поддржан од KfW и Европската Унија.
Паралелно се подготвуваат нови проекти, меѓу кои ветерниот парк Миравци со планирана моќност од околу 100 MW и пловечката фотоволтаична електрана на акумулацијата Шпилје, со планирани 40 MW.
Посебно место во инвестициските планови има батерискиот систем за складирање електрична енергија во Битола, со планиран капацитет од околу 400 MWh и проценета инвестиција од 98 милиони евра. Проектот е во подготовка со ЕБОР.
Според Лабудовиќ, батериските системи ќе имаат важна улога во подоброто искористување на електричната енергија од обновливи извори и во зголемувањето на флексибилноста на електроенергетскиот систем.
Во рамките на долгорочната трансформација на енергетскиот комплекс Битола се разгледува и изградба на когенеративна гасна електрана. Светската банка веќе обезбедила 2,4 милиони долари за подготовка на проектот, додека конечниот инвестициски модел и финансиската конструкција допрва треба да бидат дефинирани.
МЕПСО со инвестициско портфолио од 350 милиони евра и 18 проекти
Покрај новите производствени капацитети, значителен дел од инвестициите е насочен кон модернизација и зајакнување на преносната електроенергетска мрежа.
Според Лабудовиќ, МЕПСО располага со развојно портфолио од 18 проекти со вкупна проценета вредност од околу 350 милиони евра. Станува збор за планирани и тековни инвестиции, за кои финансирањето не е целосно обезбедено.
Меѓу најзначајните проекти е продолжувањето на изградбата на 400 kV интерконекцијата со Албанија, за која градежните активности повторно започнале во април годинава, по претходниот застој.
Важна инвестиција претставува и изградбата на новата трансформаторска станица Милетково и зајакнувањето на преносната мрежа во југоисточниот дел од државата. Проектот е вреден 34,7 милиони евра, од кои 26,4 милиони евра се обезбедени преку заем од ЕБОР, а остатокот е предвиден преку грантови.
Со оваа инвестиција треба да се создадат технички услови за приклучување на нови производствени капацитети од обновливи извори.
Дополнително, во соработка со ЕБОР се подготвува проект вреден околу 21 милион евра за модернизација на системите за управување со преносната мрежа, дигитализација и зајакнување на сајбер-безбедноста.
„Не е доволно само да изградиме нови електрани, мораме да имаме и преносна мрежа што ќе може да ја прифати таа енергија, безбедно да ја пренесе и да овозможи стабилно функционирање на целиот систем“, истакнува заменик-министерот.
Гасни интерконектори со Грција и Србија, инвестиции од околу 90 милиони евра
Значаен дел од енергетското инвестициско портфолио се однесува и на диверзификацијата на снабдувањето со природен гас.
Гасниот интерконектор со Грција, инвестиција од околу 60 милиони евра, веќе е во изградба, а градежните активности ги изведува домашна македонска компанија. Новото поврзување треба да обезбеди дополнителен правец за снабдување со природен гас и пристап до различни извори и пазари.
Истовремено, во септември годинава НОМАГАС потпиша договор за проектирање и изградба на македонскиот дел од гасниот интерконектор со Србија, во вредност од 29,4 милиони евра.
Делницата е долга 22,4 километри, од Клечовце до границата со Србија, а според договорената динамика, завршувањето е предвидено во последниот квартал од 2028 година.
Со реализацијата на двата интерконектора, Македонија треба да се интегрира во Вертикалниот гасен коридор, што ќе овозможи двонасочен транспорт на природен гас, подобро регионално поврзување и поголема диверзификација на снабдувањето.
Според Лабудовиќ, овие инвестиции имаат и пошироко регионално значење, бидејќи можат да ја зајакнат улогата на Македонија во поврзувањето на енергетските пазари во Југоисточна Европа.
Утре на Energy & Climate Index: Целосното интервју со Мирослав Лабудовиќ
Во целосното интервју, кое ќе го објавиме утре на Energy & Climate Index, заменик-министерот Мирослав Лабудовиќ говори и за подготвеноста на Македонија за претстојната зима, можните последици од нови ценовни шокови на европските енергетски пазари и состојбата на производствените капацитети на ЕСМ.
Посебен акцент е ставен на стратешкиот хидроенергетски проект Чебрен и Галиште, разговорите со меѓународните финансиски институции и можноста проектот да се реализира преку ЕСМ и да остане во македонска сопственост.
Разговараме и за улогата на приватниот капитал и јавно-приватните партнерства, како и за предизвиците со приклучувањето на нови фотоволтаични, ветерни и батериски капацитети на електроенергетската мрежа.
Прочитајте го целосното интервју во петок на 23.10.2026 година на Energy & Climate Index.
ECI

