Шпанија предлага дата-центрите да обезбедуваат 80% од струјата од нови обновливи извори

септември 1, 2026

Секој нов мегават потрошувачка треба да биде придружен со нов мегават обновлив капацитет, а исполнувањето на условот ќе се проверува час по час

Шпанија подготвува нови правила за развој на дата-центрите со кои нивниот пристап до електроенергетската мрежа ќе биде поврзан со обезбедување ново производство од обновливи извори.

Шпанската влада на 27 август го стави на јавна расправа предлогот на Кралски декрет за енергетска и еколошка одржливост, отпорност и дигитален суверенитет на дата-центрите. Предлогот предвидува најмалку 80% од електричната енергија што ја користат поголемите дата-центри да биде покриена со ново производство од обновливи извори.

Но условот не се сведува само на купување сертификати за зелена енергија.

Според предлогот, секој нов мегават потрошувачка треба да биде придружен со нов мегават обновлив производен капацитет пуштен во работа во периодот од 18 месеци пред почетокот на работа на дата-центарот. Обезбедувањето може да биде преку сопствено производство или преку долгорочни договори за купување електрична енергија – PPA.

Дополнително, усогласувањето на производството и потрошувачката треба да се докажува на часовно ниво. Тоа значи дека во секој час од работењето на дата-центарот, најмалку 80% од потрошената електрична енергија треба да биде покриена со обновлива енергија произведена во истиот час.

Предвидениот праг од 80% би важел сè додека учеството на обновливите извори во шпанскиот електроенергетски микс не надмине 90%.

Правилата ќе важат за дата-центри над 1 MW

Новите барања се насочени кон дата-центри со пристапна моќност од најмалку 1 MW, кои според шпанската влада имаат значително влијание врз расположливиот мрежен капацитет, потрошувачката на вода и користењето на просторот.

Шпанија веќе се соочува со силен инвестициски интерес за изградба на ваква инфраструктура. Националната стратегија за вештачка интелигенција предвидува околу 2,5 GW компјутерска моќност до 2030 година, за што би биле потребни околу 3,5 до 4 GW електрична моќност.

Но интересот на инвеститорите е значително поголем. Според шпанската влада, од 2021 година досега на дата-центрите им се доделени повеќе од 12 GW права за пристап и приклучување на електричната мрежа.

Токму поради тоа Мадрид сака растот на дата-центрите да биде придружен со паралелен раст на новото производство на електрична енергија.

Аргументот на владата е дека големото зголемување на потрошувачката, без истовремена изградба на обновливи капацитети, би можело да доведе до поголемо користење природен гас за производство на електрична енергија и дополнителен притисок врз цените за останатите потрошувачи.

Пристапот до мрежата ќе зависи од исполнувањето на условите

Предлогот оди чекор понатаму и ги поврзува енергетските и еколошките барања директно со пристапот до електроенергетската мрежа.

Проектите ќе треба да докажат дека ги исполнуваат условите за да добијат права за пристап и приклучување. Непочитувањето може да резултира со постепено повисоки мрежни надоместоци, а во краен случај и со губење на правото за пристап до мрежата.

Проектите што веќе се во постапка би добиле шест месеци за да се приспособат на новите правила. За проектите што чекаат постапка за доделување мрежен капацитет рокот би бил три месеци.

Строги правила и за потрошувачката на вода

Предлогот не се однесува само на потрошувачката на електрична енергија.

Дата-центрите ќе треба да ги исполнуваат и највисоките европски стандарди за енергетска ефикасност и ефикасност во користењето на водата. Шпанската влада планира, по стапувањето во сила на европскиот систем за означување во август 2027 година, да бара највисока категорија А и за енергетската и за водната ефикасност.

Дата-центрите со ИТ моќност над 500 kW ќе имаат и обврска секоја година да доставуваат податоци за својата енергетска ефикасност и одржливост, кои ќе бидат јавно објавувани.

Со новиот модел Шпанија практично поставува услов растот на дигиталната инфраструктура да не се потпира само на постојното производство и постојната електроенергетска мрежа. Доколку предлогот биде усвоен, новите големи дата-центри ќе мора паралелно со својата потрошувачка да обезбедат и нови обновливи капацитети.

Предлогот на Кралскиот декрет е на јавна расправа до 4 септември 2026 година.

ECI

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *