Само Ирска, Италија, Литванија и Словенија имаат конкретни национални цели, додека за реализација на европскиот потенцијал се потребни околу 635 милијарди евра
Граѓаните, енергетските заедници, малите претпријатија и јавните установи би можеле да обезбедуваат околу 32% од вкупното производство на електрична енергија од обновливи извори во Европската Унија до 2050 година, покажува новата студија на Центарот за експертиза за енергетска транзиција – ENTEC2, подготвена за Генералниот директорат за енергетика на Европската комисија.

Во 2023 година граѓанските енергетски иницијативи произвеле околу 150 TWh електрична енергија. Од нив, 95,5 TWh биле произведени од соларни системи, а 54,5 TWh од ветерни електрани. Заедно тие обезбедиле околу 11% од обновливото производство на електрична енергија во ЕУ.
Според моделирањето во студијата, овој удел може да порасне на 21% во 2030 и на 32% во 2050 година. Тоа значи дека граѓанската енергија, доколку биде поддржана со соодветни правила, инфраструктура и финансиски инструменти, би можела да обезбедува речиси секој трет мегават-час обновлива електрична енергија во ЕУ.
Колективните иницијативи може да достигнат удел од 18%
Извештајот прави важна разлика меѓу пошироката граѓанска енергија и граѓанските заедници. Во граѓанската енергија се вклучени индивидуалните домаќинства со соларни системи, малите и средните претпријатија, јавните институции и граѓанските заедници. Последната категорија се користи како најблиска статистичка апроксимација за енергетските заедници.
Во 2023 година колективните иницијативи произвеле околу 18 TWh, што претставувало 1,5% од вкупното обновливо производство на електрична енергија во ЕУ. Нивниот удел би можел да се зголеми на 8% во 2030 и на 18% во 2050 година.
Ова покажува дека најголемиот раст не се очекува само од индивидуалните покривни соларни системи, туку и од заедничките инвестиции во соларни и ветерни електрани, складирање енергија и управување со потрошувачката.
До 57 милиони учесници
Во 2023 година студијата идентификувала околу седум милиони граѓански енергетски иницијативи. Околу 91% биле индивидуални домаќинства, 5,3% мали и средни претпријатија, а 3,2% јавни субјекти.
Граќанските заедници биле само околу 5.240, што покажува дека организираното заедничко производство сè уште претставува мал дел од европскиот енергетски систем.
До 2050 година околу 55 милиони домаќинства, приближно една третина од сите домаќинства во ЕУ би можеле да бидат вклучени во граѓански енергетски проекти. Со малите претпријатија и јавните институции, вкупниот потенцијален број учесници се зголемува на 57 милиони.
Повеќе од 28 милиони домаќинства би можеле да учествуваат во граѓанските заедници, односно во различни форми на енергетски заедници и заеднички инвестиции.
Само четири земји поставиле мерливи цели
И покрај европскиот потенцијал, експлицитните национални цели остануваат исклучок. Според извештајот, само Ирска, Италија, Литванија и Словенија имаат поставено директни и мерливи цели поврзани со енергетските заедници.

Ирска планира да достигне 1.500 одржливи енергетски заедници до 2030 година, во споредба со околу 900 регистрирани во 2024 година. Националниот план предвидува и заедничките обновливи проекти да обезбедуваат до 10% од производството на електрична енергија.
Италија има обезбедено 2,2 милијарди евра од Планот за закрепнување и отпорност за развој на енергетски заедници во општини со помалку од 5.000 жители. Целта е инсталирање 2.000 MW нов обновлив капацитет и производство од 2.500 GWh годишно, со проценето намалување на емисиите од 1,5 милиони тони CO₂.
Литванија планира до 2030 година најмалку 1% од инсталираниот обновлив електроенергетски капацитет да биде управуван од енергетски заедници. Земјата има и цел од 300.000 прозјумери, од кои околу 122.700 веќе биле активни во 2024 година.
Словенија поставила постепена цел: 10 оперативни енергетски заедници до 2024, 50 до 2027 и 100 до 2030 година. Словенечкото законодавство дополнително бара најмалку 25% од јавните соларни проекти да бидат распределени за заедничка потрошувачка, со приоритет за станбени згради и ранливи домаќинства.
Потребни се 635 милијарди евра
За реализација на проценетиот потенцијал до 2050 година би биле потребни инвестиции од приближно 635,6 милијарди евра.

Од нив:
- 338,9 милијарди евра се однесуваат на соларна енергија;
- 296 милијарди евра на ветерни електрани;
- околу 0,7 милијарди евра на производство на електрична енергија од биомаса.
Околу 229 милијарди евра, или 36% од вкупните инвестиции, би биле наменети за колективни иницијативи. Во периодот 2024–2030 би биле потребни околу 171,7 милијарди евра, а дополнителни 463,9 милијарди евра во периодот 2031–2050.
Од производители до активни учесници во системот
Енергетските заедници не треба да останат ограничени само на производство и споделување електрична енергија. Со батерии, паметни броила, динамични тарифи, агрегирање и управување со потрошувачката, тие можат да обезбедуваат флексибилност и да помогнат во балансирањето на системот.
На тој начин може да се намали врвната потрошувачка, да се ограничат потребите за скапо зајакнување на мрежата и подобро да се интегрираат променливите соларни и ветерни извори.
Но во голем број земји сè уште недостигаат практични правила за споделување енергија, стандардизиран пристап до мрежата, можност за агрегирање и учество на пазарите за флексибилност. Извештајот предупредува дека самото законско признавање не е доволно доколку заедниците немаат реален пристап до пазарот и електроенергетската инфраструктура.
ECI

