Европскиот електроенергетски систем засега нема краткорочен ризик од недостиг на електрична енергија, иако екстремните температури и сушата го намалија производството во повеќе земји.
Сепак, состојбата се очекува да остане напната и во текот на следната недела, соопшти Европската комисија.
Процената беше донесена на вонреден состанок на Координативната група за електрична енергија, на кој учествуваа експерти од Европската комисија, земјите членки на ЕУ, Украина, Молдавија, Секретаријатот на Енергетската заедница и Европската мрежа на оператори на преносни системи – ENTSO-E.
Заедничкиот европски пазар го ублажува притисокот
Ниските водостои и високите температури на водата го ограничија производството на електрична енергија во дел од европските земји.
Овие услови влијаат врз хидроелектраните, но и врз термоелектраните и нуклеарните централи што користат вода за ладење.
Според Европската комисија, координацијата меѓу земјите и функционирањето на единствениот пазар овозможуваат електричната енергија да се пренасочува кон регионите каде што е најпотребна.
Високото производство од соларните електрани значително го намалило притисокот врз системот и врз цените во централните часови од денот.
Сепак, Комисијата нагласува дека забрзаното воведување системи за складирање останува критично, за вишокот соларна енергија да може да се користи во вечерните часови, кога потрошувачката повторно расте.
Унгарија ја намалува потрошувачката, операторите се подготвуваат за затемнувањето
Доброволните мерки за управување со потрошувачката во некои земји, особено во Унгарија, дополнително помогнале во периодите кога разликата меѓу производството и побарувачката била мала.
ENTSO-E ја информираше групата и за подготовките на европските оператори за сончевото затемнување на 12 август.
Во текот на настанот се очекува привремено намалување на производството од соларните електрани, поради што операторите однапред подготвуваат мерки за одржување на рамнотежата во системот.
Европската комисија најави дека ќе продолжи да ја следи состојбата и да ја координира соработката со земјите членки, ENTSO-E и Секретаријатот на Енергетската заедница.
ECI

