ОИЕ учествувале со 26,2% во вкупната финална потрошувачка на енергија во ЕУ

јули 24, 2026

Обновливите извори на енергија во ЕУ учествувале со 26,2% во вкупната финална потрошувачка на енергија во ЕУ во 2025 година, објавува Еуростат. Тоа е зголемување од еден процентен поен во споредба со 2024 година, кога обновливата енергија имала удел од 25,2%. Во однос на 2004 година, кога започнува временската серија и кога уделот изнесувал само 9,6%, учеството на обновливите извори е речиси тројно зголемено.

Сепак, сегашното темпо не е доволно за постигнување на европската цел за 2030 година.

До целта недостигаат 16,3 процентни поени

Европската Унија има поставено цел обновливите извори до 2030 година да достигнат најмалку 42,5% од вкупната финална потрошувачка на енергија.

Разликата меѓу уделот од 26,2% во 2025 година и целта за 2030 година изнесува 16,3 процентни поени. Според пресметката на Eurostat, за нејзино надминување уделот на обновливата енергија ќе треба да расте во просек за 3,3 процентни поени годишно во периодот од 2026 до 2030 година.

Тоа е повеќе од трипати побрзо од растот од еден процентен поен регистриран во 2025 година.

Шведска и Финска веќе се над европската цел

Шведска имала највисок удел на обновлива енергија во вкупната финална потрошувачка меѓу членките на ЕУ 65,4%. Земјата главно се потпирала на цврста биомаса, хидроенергија и ветерна енергија.

На второто место била Финска со 53%, каде главни обновливи извори биле цврстата биомаса, ветерот и хидроенергијата.

Разликата меѓу Шведска и Белгија изнесува повеќе од 50 процентни поени, што ја покажува големата нерамномерност во напредокот на енергетската транзиција меѓу членките на Унијата.

Половина од електричната енергија во ЕУ е од обновливи извори

Најголем напредок е забележан во електроенергетскиот сектор. Обновливите извори во 2025 година обезбедиле 49,9% од бруто-потрошувачката на електрична енергија во ЕУ.

Уделот се зголемил за 2,4 процентни поени во споредба со 2024 година. Во 2004 година обновливите извори учествувале со само 15,9% во европската потрошувачка на електрична енергија.

Тоа значи дека за нешто повеќе од две децении нивниот удел е зголемен за 34 процентни поени и дека ЕУ практично стигнала до точката во која секој втор потрошен мегават-час електрична енергија потекнува од обновливи извори.

Австрија и Шведска со речиси целосно обновлива електрична енергија

Во Австрија обновливите извори обезбедиле 90,8% од бруто-потрошувачката на електрична енергија, а во Шведска 89,2%.

.Податоците покажуваат дека електроенергетскиот сектор напредува значително побрзо од вкупниот енергетски систем, во кој покрај електричната енергија се вклучени и транспортот, греењето, ладењето и другите форми на финална потрошувачка.

Греењето и ладењето напредуваат побавно

Обновливите извори достигнале удел од 27,4% во енергијата што се користи за греење и ладење во 2025 година. Тоа е највисока вредност од почетокот на мерењето во 2004 година, кога уделот изнесувал 11,7%.

Во споредба со 2024 година, кога уделот бил 26,7%, растот изнесувал само 0,7 процентни поени.

Ова зголемување е малку под просечниот годишен раст од 0,75 процентни поени регистриран во периодот од 2004 до 2025 година.

Податоците на Eurostat укажуваат дека, иако ЕУ е многу блиску до мнозински удел на обновливите извори во производството и потрошувачката на електрична енергија, декарбонизацијата на поширокиот енергетски систем се одвива значително побавно. За достигнување на целта од 42,5% до 2030 година ќе биде потребно многу побрзо ширење на обновливата енергија и надвор од електроенергетскиот сектор.

ECI

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *