Германската Федерална агенција за мрежи, Bundesnetzagentur, ги претстави најновите предлози за реформа на системот на мрежни тарифи за електрична енергија. Целта е тарифниот систем да се прилагоди на новата реалност во електроенергетиката, во која сè поголема улога имаат обновливите извори, батериските системи, флексибилната потрошувачка и децентрализираното производство.
Според агенцијата, постојниот систем повеќе не одговара на денешното и идното снабдување со електрична енергија. Новиот модел треба да обезбеди поправедна распределба на трошоците, поголема ефикасност, помали трошоци за управување со застои во мрежата и подобри сигнали за флексибилност.
Потрошувачите-производители ќе плаќаат повисок фиксен надоместок
За околу 40 милиони домаќинства приклучени на нисконапонската мрежа не се очекуваат големи промени. Мрежната тарифа и понатаму ќе се состои од фиксен годишен надоместок и цена по потрошен киловат-час.
Сепак, домаќинствата и компаниите кои произведуваат сопствена електрична енергија, на пример преку соларни системи, во иднина ќе плаќаат повисок фиксен надоместок. Причината е што тие преземаат помалку електрична енергија од мрежата, но и понатаму се потпираат на неа кога нема сопствено производство или кога батеријата е празна.
Дополнителниот трошок за овие корисници се очекува да биде под 100 евра годишно, со локални разлики. Малите приклучни соларни системи нема да бидат опфатени со овој повисок надоместок.
Производителите и батериите ќе учествуваат во финансирање на мрежата
Bundesnetzagentur предлага и производителите на електрична енергија во иднина да учествуваат во финансирањето на мрежата преку ограничена годишна тарифа заснована на инсталиран капацитет. Почетната тарифа се очекува да изнесува од 4 до 7 евра по киловат годишно.
Постојните постројки ќе бидат заштитени во период од 20 години од датумот на пуштање во работа. Со текот на времето, оваа мерка може да придонесе до 2 милијарди евра годишно за покривање на мрежните трошоци.
Батериските системи и пумпно-акумулационите хидроцентрали исто така ќе плаќаат умерена тарифа заснована на капацитет. Агенцијата нагласува дека складирањето електрична енергија останува клучно за идниот електроенергетски систем и затоа за батериите нема да се воведе тарифа заснована на преземена електрична енергија со финансиска функција.
Динамични тарифи за поголема флексибилност
Германија планира постепено воведување на динамични мрежни тарифи. Целта е да се создадат финансиски сигнали што ќе ги поттикнат учесниците на пазарот да не ја оптоваруваат мрежата во критични периоди.
Динамичните тарифи за системи за складирање би можеле да се воведат најрано во 2030 година, а за производителите најрано во 2032 година. За потрошувачите приклучени на нисконапонската мрежа се разгледува можност за модел на доброволно учество, особено за домашни батерии и електрични возила.
Мрежата станува централно прашање на енергетската транзиција
Реформата доаѓа во период кога трошоците за управување со застои во мрежата во Германија значително се зголемени. Само овие трошоци во 2025 година изнесувале околу 3,06 милијарди евра, додека мрежните тарифи покриваат околу 37 милијарди евра годишно и сочинуваат приближно 30% од сметката за електрична енергија на домаќинствата.
Германскиот пример покажува дека следната фаза од енергетската транзиција нема да се однесува само на изградба на нови соларни и ветерни капацитети. Клучното прашање ќе биде кој, кога и колку треба да плаќа за мрежата што ја овозможува таа транзиција.
Македонија: анализата на тарифниот систем треба да отвори простор за динамични тарифи
Најавата на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика дека ќе се анализира тарифниот систем доаѓа во вистински момент за Македонија. Со над 1.500 MW инсталиран соларен капацитет, земјата веќе влегува во фаза во која производството преку ден, особено во сончеви периоди, може значително да ја намали пазарната цена на електричната енергија. Затоа, идниот тарифен модел треба да размислува и за динамични тарифи за домаќинствата, со поевтина електрична енергија во часовите кога има високо соларно производство, а во одредени периоди и цена блиску до нула. Тоа би ги поттикнало граѓаните паметно да ја користат електричната енергија за бојлери, греење, ладење, полнење електрични возила и работа на уреди во периоди кога системот има вишок производство. Таквиот пристап не само што би ги намалил сметките, туку би помогнал и за подобро искористување на домашната соларна енергија, намалување на притисокот врз мрежата и создавање пофлексибилен електроенергетски систем.

