Ветерниот парк Чибук 2 со инсталирана моќност од 154 MW официјално е пуштен во работа во Србија. Заедно со соседниот Чибук 1, проектот го создава најголемиот ветерен енергетски комплекс во Србија и на Западен Балкан, со вкупна моќност од 312 MW.
Чибук 2 се наоѓа во Јужен Банат, во општина Ковин, на околу 40 километри од Белград. Проектот го развија компанијата Masdar од Обединетите Арапски Емирати и финската Taaleri Energia.
Електрична енергија за околу 80.000 домаќинства
Новиот ветерен парк располага со 22 турбини од производителот Nordex. Се очекува годишно да произведува до 336.000 MWh електрична енергија, што е еквивалентно на потрошувачката на околу 80.000 домаќинства.
Според инвеститорите, производството од Чибук 2 ќе овозможи намалување на емисиите за приближно 311.200 тони CO₂ годишно. Во изградбата биле ангажирани повеќе од 1.000 лица, вклучувајќи работници, подизведувачи и проектни тимови, при што најголем дел биле од регионот на Јужен Банат.
Вкупна инвестиција од над 500 милиони евра
Чибук 2 се наоѓа непосредно до ветерниот парк Чибук 1, кој има моќност од 158 MW и работи од 2019 година. Двата проекта користат заедничка точка за приклучување на електроенергетската мрежа.
Вкупните инвестиции во комплексот надминуваат 500 милиони евра, а двата ветерни парка можат да произведат количество електрична енергија еквивалентно на потребите на околу 178.800 домаќинства.
Според српското Министерство за рударство и енергетика, Чибук 1 и Чибук 2 заедно претставуваат околу една четвртина од вкупната инсталирана моќност на ветерните и фотонапонските електрани во Србија.
Masdar подготвува уште над 200 MW
Masdar најави дека во Србија развива дополнителни проекти со вкупна моќност од над 200 MW, кои опфаќаат ветерна и сончева енергија, како и батериски системи за складирање.
Србија планира до 2030 година да приклучи околу 3,5 GW нови ветерни и фотонапонски капацитети и да го зголеми учеството на обновливите извори на 45% од производството на електрична енергија.
ECI

