POWERCHINA ќе гради 30 MW соларни електрани на ЕСМ во Осломеј и Битола

август 18, 2026

Договорите со кинеската компанија се вредни вкупно 27,7 милиони евра, а проектите се продолжение на трансформацијата на старите јагленови локации што во Осломеј започна уште во 2018 година

АД ЕСМ ја избра кинеската POWERCHINA Jiangxi Electric Power Construction Co., Ltd. за изградба на две нови фотонапонски електрани со вкупна моќност од 30 MW во Осломеј и Битола, покажуваат официјалните известувања за доделување на договорите објавени на електронскиот портал за набавки на Европската банка за обнова и развој – ЕБОР.

Проектот е поделен на два лота. Првиот предвидува изградба на Осломеј 2 со моќност од 10 MW, како дополнување на постојната соларна електрана во рамките на поранешниот рудник за јаглен во РЕК Осломеј. Вредноста на договорот за овој лот изнесува 12.048.433,76 евра.

Вториот договор се однесува на изградба на фотонапонска електрана од 20 MW во Битола, во близина на РЕК Битола, а неговата вредност е 15.652.222,48 евра.

Со тоа, вкупната вредност на двата договори достигнува околу 27,7 милиони евра. Договорите со POWERCHINA Jiangxi се потпишани на 24 јуни 2026 година, а според информациите објавени од ЕБОР, планираниот датум за нивно завршување е 13 август 2027 година.

Новите електрани се дел од проектот ESM Solar PV Transition, за кој ЕБОР обезбеди заем од 25 милиони евра, додека Европската Унија го поддржа проектот со дополнителен грант од 5 милиони евра преку WBIF. Според проектната документација, 10 MW се предвидени на дел од исцрпениот рудник во Осломеј, а останатите 20 MW во близина на РЕК Битола.

Осломеј ја започна трансформацијата на старите јагленови копови уште во 2018 година

Новите 10 MW во Осломеј се продолжение на процес што започна пред повеќе од осум години. Првите конкретни чекори за трансформација на поранешниот рудник во Осломеј започнаа во 2018 година, кога тогашната ЕЛЕМ го претстави проектот за изградба на голема фотонапонска електрана на деградираната површина на рудникот. На 10 јануари 2018 година компанијата јавно го претстави концептот за искористување на поранешната јагленова локација за производство на електрична енергија од сонце.

Истата година проектот влезе и во постапка со ЕБОР. Банката го објави проектот во септември 2018 година, а во ноември беше објавено и генералното известување за набавка за изградба на 10 MW фотонапонска електрана на исцрпениот рудник на РЕК Осломеј. Проектот беше одобрен во декември 2018 година, а договорот за заем со ЕБОР беше потпишан на 4 јануари 2019 година.

Во април 2019 година беше распишан меѓународниот тендер за изградба, а во ноември 2019 година ЕСМ го потпиша договорот за градба со турската компанија Girişim Elektrik.

Првата фотонапонска електрана Осломеј 1 од 10 MW започна со производство во април 2022 година. Таа беше првата соларна електрана во сопственост на ЕСМ и беше изградена токму на просторот на исцрпениот рудник за јаглен. ЕБОР го оцени проектот како пионерски пример кој има потенцијал да покаже како јагленовите региони во Западен Балкан можат постепено да се трансформираат кон производство од обновливи извори.

Паралелно со оваа инвестиција, ЕСМ отвори и втор, значително поголем циклус на трансформација на Осломеј преку јавно-приватно партнерство за дополнителни 100 MW соларен капацитет.

На 16 јуни 2021 година беа потпишани договорите со турската Fortis Energy Electric и бугарската Solarpro, со кои беше предвидено изградба на две фотонапонски електрани од по најмалку 50 MW на просторот на стариот рудник.

Токму моделот применет во Осломеј ЕБОР го издвојуваше како еден од пионерските пристапи во регионот. Банката во 2022 година посочи дека тендерите за соларните проекти биле меѓу првите во Западен Балкан развиени со изложеност кон пазарните, односно големопродажните цени на електричната енергија, при што еден од нив беше токму ЈПП-тендерот за 100 MW во Осломеј.

Со новата електрана Осломеј 2 од 10 MW, за која сега е потпишан договорот со POWERCHINA Jiangxi, започнатиот модел добива уште една фаза. Истовремено, изградбата на 20 MW во Битола значи дека концептот на поставување нови обновливи капацитети на и во непосредна близина на традиционалните јагленови енергетски комплекси се проширува од Осломеј и кон најголемиот производствен комплекс на ЕСМ – РЕК Битола.

ECI

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *