Петтата по ред Годишна Соларна конференција, во организација на Македонската соларна асоцијација „Солар Македонија“, ќе се одржи на 23 и 24 септември 2026 година, со учество на повеќе од 200 учесници и над 15 компании кои ќе се претстават преку изложбени штандови и комерцијални презентации.
Конференцијата ќе обедини претставници на соларната индустрија, експерти, компании и други професионалци од енергетскиот сектор, а програмата ќе вклучува стручни презентации, панел-дискусии, изложбен дел и можности за директно деловно поврзување.

Првиот ден, 23 септември, ќе биде посветен на конференциската програма и изложбениот дел. Регистрацијата на учесниците и посетата на изложбените штандови започнуваат во 09:00 часот, додека официјалното отворање на конференцијата е предвидено за 11:00 часот.
Конференциската програма ќе трае до 15:30 часот и ќе заврши со свечено потпишување меморандуми за соработка, по што е предвиден настан за вмрежување и ручек за учесниците.
Вториот ден, 24 септември, фокусот ќе биде ставен на B2B средбите со компаниите-излагачи, кои ќе се одржуваат од 10:00 до 12:30 часот, паралелно со продолжувањето на изложбениот дел.
Преку B2B средбите, учесниците ќе можат да разгледаат можности за идна деловна соработка, заеднички проекти, учество на саеми и други деловни активности. Во рамки на настанот ќе бидат претставени и можности за бизнис-дијагностика на домашни мали и средни претпријатија преку швајцарски проект за модернизација, како и обуки за соларни монтажери и специјализирани технички тренинзи.
Средбите може да се договорат директно за време на конференцијата или преку B2B платформата на Македонската соларна асоцијација.
Организаторите очекуваат дводневниот настан да придонесе за нови деловни контакти, развој на проекти и размена на знаења во соларниот и поширокиот енергетски сектор.
ECI

