Во експериментален овоштарник во долината на Рона, подвижните фотоволтаични панели ја зголемиле температурата околу кајсиите за два Целзиусови степени во студените ноќи. Истовремено, системот произведува електрична енергија за стотици домаќинства.
Во овоштарникот во Етоал-сур-Рон, на југоистокот од Франција, соларните панели имаат необична задача. Преку ден произведуваат електрична енергија и ги штитат овошките од прекумерна жештина, а во студените пролетни ноќи се поставуваат хоризонтално над насадите за да ја задржат топлината што доаѓа од почвата.

Под нив растат кајсии, праски, нектарини и цреши.
Станува збор за експериментален агроволтаичен проект на француската компанија Sun’Agri, развиен со истражувачката станица за овоштарство SEFRA и Земјоделската комора на департманот Дром.
Панелите не го следат само сонцето
За разлика од обичните соларни електрани, положбата на панелите тука не се одредува само според тоа каде се наоѓа сонцето.

Сензори поставени во овоштарникот ги следат температурата на воздухот и почвата, влажноста, ветерот и количината сончева светлина. Врз основа на овие податоци, системот автоматски одлучува под кој агол да ги постави панелите.
Кога постои опасност од пролетен мраз, панелите во текот на ноќта се поставуваат речиси хоризонтално. На тој начин тие делуваат како голем покрив кој го намалува губењето на топлината од почвата и од овошките.
Следното утро панелите повторно се исправуваат за сончевата светлина да стигне до цветовите и младите плодови.
Два степени повеќе за кајсиите
Според податоците на Sun’Agri, во текот на три студени ноќи во 2023 година температурата околу кајсиите под панелите била и до два Целзиусови степени повисока.

На прв поглед, два степени не изгледаат многу. Но, во периодот на цветање, разликата меѓу –2 и 0 степени може да биде разлика меѓу оштетен цвет и зачуван плод.
Научниците досега ги објавиле најдеталните резултати за нектарините што растат на истата локација. Во истражувањето спроведено во 2022 и 2023 година, температурата на цветните пупки под панелите била за 1,61 до 1,69 степени повисока.
За време на еден од мразевите биле оштетени околу 9 проценти од цветовите под панелите, наспроти приближно 35 проценти во незаштитениот дел од овоштарникот. Резултатите се објавени во научниот труд „Protecting Flowers of Fruit Trees From Frost With Dynamic Agrivoltaic Systems“.
Еден овоштарник, две производства
Фотоволтаичната конструкција се наоѓа над површина од 2,6 хектари, додека соседни 1,08 хектари се оставени без панели за споредување на резултатите.

Панелите се поставени на височина од 5,85 метри, за под нив непречено да се движат земјоделските машини. Системот е поделен на 12 зони што можат независно да се управуваат, во зависност од овошната култура и временските услови.
Електраната има инсталирана моќност од 1,9 мегавати, а според податоците за проектот, годишно може да произведе електрична енергија колку што трошат околу 554 домаќинства.
Истражувачите забележале и дополнителна корист. Во периодите на големи горештини, сенката од панелите го намалува испарувањето на водата. Според резултатите на компанијата, кајсиите и нектарините под системот во период од две години користеле околу 25 проценти помалку вода за наводнување.
Не е секоја сенка добра сенка
Проектот не значи дека овоштарниците едноставно треба да се покријат со што повеќе соларни панели. Предолгото засенчување може да ја намали фотосинтезата и негативно да влијае врз приносот и квалитетот на плодовите.

Токму затоа панелите постојано ја менуваат положбата, а потребите на растенијата имаат предност пред производството на максимално количество електрична енергија.
Ново истражување посветено конкретно на агроволтаичните системи во насадите со кајсии покажува дека технологијата има потенцијал да ги ублажи последиците од доцниот мраз, сушата и екстремната жештина. Истовремено, научниците предупредуваат дека управувањето со сенката мора внимателно да се приспособи на развојната фаза на овошките.
Заштитата е најефикасна во ведри и тивки ноќи, кога земјата брзо ја губи акумулираната топлина. Кај студен фронт придружен со силен ветер, панелите не можат целосно да го заштитат насадот.
Сепак, францускиот пример покажува дека соларната електрана и земјоделското производство не мора да се натпреваруваат за истото земјиште.
Во ваков систем, најдобрата положба на панелите не е секогаш онаа што произведува најмногу електрична енергија. Понекогаш е онаа што ќе го зачува цветот а со него и целата овоштарска сезона.
ECI

