AI ја удвојува потрошувачката на струја од дата центрите до 2030 година

август 31, 2026

Потрошувачката ќе порасне од 485 на околу 950 TWh, додека еден напреден серверски орман до 2027 година би можел да бара моќност колку 65 домаќинства

Глобалната потрошувачка на електрична енергија од дата-центрите пораснала за 17% во 2025 година и достигнала околу 485 TWh, покажува новиот извештај Key Questions on Energy and AI на Меѓународната агенција за енергија – IEA.

Само за една година дата-центрите ја зголемиле потрошувачката за приближно 70 TWh. За споредба, вкупната глобална потрошувачка на електрична енергија во 2025 година се зголемила за околу 800 TWh, односно за 3%.

Ажурираните проекции на IEA покажуваат дека потрошувачката на дата-центрите речиси ќе се удвои до 2030 година и ќе достигне околу 950 TWh. Тоа би претставувало приближно 3% од вкупната светска потрошувачка на електрична енергија.

Кај дата-центрите насочени кон вештачка интелигенција растот ќе биде уште побрз, нивната потрошувачка би можела да се зголеми трипати во периодот од 2025 до 2030 година.

Поголема ефикасност, но уште поголема употреба

Количината електрична енергија потребна за извршување една задача со вештачка интелигенција брзо се намалува. IEA оценува дека ефикасноста се подобрува со темпо без преседан во енергетскиот сектор.

Сепак, технолошкиот напредок не доведува до намалување на вкупната потрошувачка. Бројот на корисници и AI-апликации брзо расте, а сè почесто се применуваат и енергетски поинтензивни системи, како автономните AI-агенти.

Истовремено, новите генерации AI-сервери бараат многу поголема моќност на ограничена површина. Од 2020 до 2025 година густината на моќноста на AI-серверите пораснала 11 пати, а до 2027 година се очекува дополнително да се зголеми четирипати.

Еден серверски орман во напреден дата-центар, иако е приближно голем колку фрижидер, до 2027 година би можел да има максимална побарувачка за моќност еднаква на потрошувачката на 65 домаќинства.

Повеќе од 400 милијарди долари инвестиции

Забрзаното ширење на дата-центрите е поттикнато од огромниот инвестициски циклус во секторот за вештачка интелигенција. Капиталните расходи на петте големи технолошки компании надминале 400 милијарди долари во 2025 година, а IEA очекува тие да се зголемат за дополнителни 75% во 2026 година.

Сепак, проектите сè почесто се соочуваат со физички ограничувања. Синџирите за снабдување со трансформатори, гасни турбини, напредни полупроводници и друга IT-опрема се под сè поголем притисок.

Големиот број планирани дата-центри истовремено ги оптоварува постапките за просторно планирање, издавање дозволи и приклучување кон електроенергетските мрежи. Поради тоа, пристапот до сигурна, достапна и брзо расположлива електрична енергија станува еден од главните фактори што ќе одредуваат каде ќе се развиваат новите AI-капацитети.

Технолошкиот сектор станува голем купувач на обновлива енергија

Технолошките компании сè почесто обезбедуваат електрична енергија преку долгорочни договори со производителите. Во 2025 година секторот учествувал со околу 40% во сите корпоративни договори за откуп на електрична енергија од обновливи извори.

Растот на AI и дата-центрите создава нов инвестициски импулс и за нуклеарната и напредната геотермална енергија.

Капацитетот на планираните мали модуларни нуклеарни реактори – SMR, опфатени со условни договори за преземање електрична енергија од оператори на дата-центри, пораснал од 25 GW на крајот од 2024 година на 45 GW во 2026 година.

Овие договори не значат дека целиот капацитет сигурно ќе биде изграден, но укажуваат дека големите технолошки компании стануваат важен потенцијален купувач на електрична енергија од новите нуклеарни технологии.

Батериите стануваат дел од инфраструктурата на AI

За разлика од традиционалните дигитални операции, обуката и користењето модели со вештачка интелигенција можат да предизвикаат големи и брзи промени во потрошувачката. Поради тоа, батериските системи стануваат клучни за сигурното снабдување на новата генерација дата-центри.

IEA проценува дека до 2030 година во дата-центрите низ светот би можеле да бидат инсталирани меѓу 20 и 25 GW батериски капацитети. Со соодветни пазарни правила, овие батерии би можеле да обезбедуваат флексибилност и за поширокиот електроенергетски систем.

Сопствени гасни централи како одговор на бавните приклучоци

Поради долгото чекање за приклучување кон мрежата, дел од операторите во САД развиваат проекти за производство на електрична енергија од природен гас директно на локациите на дата-центрите.

Сателитското следење на IEA покажува дека само околу една петтина од овие проекти започнале со расчистување на земјиштето или со изградба, што укажува дека повеќето сè уште се во рана фаза.

Анализата предупредува и на важен технички проблем. За сигурно да ги покријат големите и променливи оптоварувања на AI дата-центрите, операторите би морале да изградат сопствени гасни капацитети што се за 30–70% поголеми од максималната побарувачка на дата-центарот.

Тоа може значително да ги зголеми инвестициските трошоци, но и да доведе до недоволно искористување на дел од производствениот капацитет.

Ризик за мрежите и цените на електричната енергија

Дата-центрите претставуваат посебен предизвик за електроенергетските системи бидејќи комбинираат голема и концентрирана потрошувачка со многу брз развој. Нивното приклучување може да бара нови производствени капацитети, засилување на мрежите и инвестиции во трансформатори и далекуводи.

IEA нагласува дека растот на побарувачката не мора автоматски да предизвика повисоки цени на електричната енергија. Исходот ќе зависи од тоа дали новите трошоци ќе бидат правилно распределени и дали дата-центрите ќе бидат поттикнати да работат пофлексибилно и да ја приспособуваат потрошувачката кон условите во мрежата.

Истовремено, вештачката интелигенција може да создаде и заштеди. Според IEA, веќе докажаните AI-апликации би можеле да им помогнат на компаниите во енергетски интензивните индустрии да ги намалат трошоците за енергија за три до десет процентни поени.

Сепак, енергетскиот сектор сè уште не го користи целосно овој потенцијал. Како главни пречки се издвојуваат недостигот од дигитални вештини и ограничената достапност на квалитетни податоци.

Новата анализа покажува дека вештачката интелигенција веќе не е само технолошко прашање. Таа станува еден од факторите што ќе го обликуваат развојот на електроенергетските мрежи, новите производствени капацитети, батериското складирање и инвестициите во нуклеарната и обновливата енергија до крајот на деценијата.

ECI

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *