Европа: нов поглед на енергетската сигурност

август 28, 2026

Европа влегува во нова фаза во проценката дали електроенергетскиот систем ќе располага со доволно ресурси за сигурно снабдување во наредната деценија. ENTSO-E објави план за имплементација на ревидираната методологија за European Resource Adequacy Assessment – ERAA, клучната европска проценка на адекватноста на електроенергетскиот систем.

Промената доаѓа во период кога европскиот електроенергетски систем брзо се трансформира: расте производството од ветер и сонце, се зголемува улогата на батериите и управувањето со потрошувачката, а дел од постојните термоелектрани се соочуваат со сè поголем економски притисок.

Новата методологија беше формално одобрена од европскиот регулатор ACER на 17 март 2026 година, а ENTSO-E на 31 јули го објави планот за нејзина имплементација. Дел од новите елементи веќе се воведуваат во ERAA 2026, додека пошироката примена е предвидена во следните циклуси на европската проценка.

Од енергетската криза до нов пристап кон сигурноста

Ревизијата има корени во енергетската криза од 2021–2022 година и последователната реформа на европскиот пазар на електрична енергија.

Со измените на европската регулатива кои стапија во сила во јули 2024 година, механизмите за капацитет повеќе не се третираат исклучиво како привремена мерка или последна опција. Тие добиваат поструктурно место во европскиот модел за обезбедување сигурност на снабдувањето.

Тоа е важна промена. Во систем со сè поголем удел на производство зависно од временските услови, прашањето повеќе не е само колку електрична енергија може да се произведе во текот на годината, туку дали во секој критичен период ќе има доволно расположливи ресурси за да се покрие побарувачката.

Тука ERAA има централна улога.

Што всушност мери ERAA?

European Resource Adequacy Assessment е паневропска анализа преку која ENTSO-E ги проценува ризиците за адекватноста на електроенергетскиот систем во период до десет години однапред.

Моделирањето не се сведува само на инсталираната моќност на електраните. Во анализата се земаат предвид производството, побарувачката, складирањето електрична енергија, управувањето со потрошувачката, прекуграничните интерконекции, економската одржливост на постојните и идните капацитети и различни временски сценарија.

Целта е да се идентификува каде и кога може да се појави ризик системот да нема доволно расположливи ресурси за покривање на потрошувачката.

Токму затоа резултатите од ERAA имаат директно значење и за одлуките на земјите кои размислуваат за воведување или продолжување на механизми за капацитет.

Батериите и флексибилноста стануваат дел од равенката

Промената е особено важна поради начинот на кој се развива европскиот електроенергетски систем.

Адекватноста повеќе не зависи само од тоа колку конвенционални електрани се достапни. Складирањето електрична енергија, управувањето со потрошувачката, прекуграничната размена и другите извори на флексибилност имаат сè поголема улога во покривањето на периодите кога производството и потрошувачката не се совпаѓаат.

Истовремено, економската одржливост на постојните електрани станува значаен дел од проценката.

Последната ERAA 2025 веќе покажа дека значителен дел од капацитетите на фосилни горива би можеле да станат економски неодржливи во следната деценија бидејќи приходите само од пазарот на електрична енергија можеби нема да бидат доволни за нивно задржување во системот. ENTSO-E предупредува дека значителни капацитети би можеле да бидат изложени на ризик од затворање уште во 2028 и 2030 година.

Тоа создава нова дилема за европската енергетска политика: како истовремено да се забрза декарбонизацијата и да се обезбеди доволно флексибилен капацитет кога системот има најголема потреба од него.

Европа сака поедноставен, но поробустен модел

Европската комисија во март 2025 година оцени дека процесот за одобрување механизми за капацитет е сложен, а критики имаше и за комплексноста на самата ERAA методологија.

Поради тоа ACER побара од ENTSO-E да предложи промени кои ќе го направат моделот поедноставен за примена, но истовремено доволно робустен за проценка на ризиците во систем кој брзо се менува. Предлогот беше подготвен по консултации со засегнатите страни, а конечната ревидирана методологија беше одобрена во март годинава.

ERAA 2026, која во моментов се подготвува, ќе биде првата проценка во која ќе почнат да се применуваат делови од новиот пристап. Објавувањето на извештајот е планирано за крајот на 2026 година.

Сигурноста на системот добива ново значење

Ревизијата на ERAA покажува поширока промена во европската енергетска политика.

Во систем во кој брзо растат ветерните и фотонапонските електрани, прашањето за сигурноста сè повеќе се поместува од едноставното располагање со производствени капацитети кон нивната достапност во вистинскиот момент.

Затоа во следната фаза од европската енергетска транзиција батериите, управувањето со потрошувачката, интерконекциите и другите извори на флексибилност ќе имаат сè поголема тежина во проценката дали системот може сигурно да ја покрие побарувачката.

Новата ERAA методологија треба да даде појасна слика токму за тоа, не само колку електрани има Европа, туку со какви ресурси навистина може да располага кога електроенергетскиот систем ќе биде под најголем притисок.

м-р Виктор Андонов

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *