Обновливите извори повеќе не се само инструмент за намалување на емисиите. Тие стануваат клучен фактор за индустриската конкурентност, енергетската сигурност и стабилноста на производствените трошоци, оценува Меѓународната агенција за обновлива енергија – IRENA.
Во својата нова експертска анализа, IRENA издвојува три начини на кои обновливата енергија ќе ги обликува индустриите на иднината: директна електрификација на производството, употреба на обновливи горива во процесите што тешко се електрифицираат и обезбедување чиста електрична енергија за брзорастечката дигитална инфраструктура.
Електричната енергија може да покрие 34% од индустриската потрошувачка
Првата и најефикасна насока е директното заменување на фосилните горива со електрична енергија произведена од обновливи извори.
Електричните котли и новите генерации високотемпературни топлински пумпи овозможуваат електрификација на сè поголем број индустриски процеси. Според процената на IRENA, директното учество на електричната енергија во финалната индустриска потрошувачка може да се зголеми од 27% во 2023 година на 34% до 2035 година.

Индустриската проекција на IRENA се вклопува во пошироката глобална иницијатива електрификацијата да стане централна тема на енергетската транзиција. Во пресрет на COP31 беше предложена нова глобална цел според која електричната енергија треба да покрива 35% од светската финална потрошувачка на енергија до 2035 година. За разлика од процената од 34%, која се однесува конкретно на индустријата, целта од 35% го опфаќа целиот спектар на финална енергетска потрошувачка.
Овој процес е особено важен за индустриите што сакаат да ја намалат изложеноста на нестабилните цени на јагленот, нафтата и природниот гас. Локално или регионално произведената обновлива електрична енергија може да им обезбеди поголема предвидливост на трошоците и помала зависност од нарушувањата на глобалните пазари на горива.
Овој правец веќе добива силна поддршка и од приватниот сектор. Повеќе од 100 водечки глобални компании, со вкупни приходи од околу 1,5 трилиони долари, побараа забрзана електрификација и нејзино поставување во центарот на националните стратегии за енергетска сигурност и конкурентност. За компаниите, преминот кон електрична енергија од обновливи извори не е само климатска мерка, туку и начин за намалување на изложеноста на ценовни шокови и нарушувања во снабдувањето.
Сепак, можноста за електрификација зависи од потребната температура, дизајнот на производствениот процес, цената на електричната енергија и пристапот до сигурно снабдување во текот на целиот ден.
Водородот и биоенергијата за процесите што тешко се електрифицираат
Директната електрификација нема веднаш да биде применлива во сите сектори. Производството на челик, цемент и хемиски производи бара високи температури, а во одредени процеси фосилните горива се користат и како суровина.
Во овие сегменти IRENA гледа значајна улога за зелениот водород, биогоривата и биогасот. Обновливиот водород може да ја намали зависноста од фосилните горива во синџирот за производство на железо и челик, додека биогасот и другите горива од биолошко потекло можат да заменат дел од конвенционалните горива и суровини во хемиската индустрија.
Клучната порака е дека ограничените количини зелен водород и одржлива биомаса треба да се насочуваат првенствено кон процесите што навистина не можат ефикасно да се електрифицираат.
Дата-центрите ќе се натпреваруваат со индустријата за чиста енергија
Третиот предизвик е брзиот раст на вештачката интелигенција и дигиталната инфраструктура. Вештачката интелигенција може да го подобри прогнозирањето на производството од обновливи извори и управувањето со електроенергетските системи, но дата-центрите што ја поддржуваат бараат големи количества сигурна електрична енергија.
IRENA очекува да се засили конкуренцијата за достапната обновлива енергија меѓу дата-центрите и традиционалните енергетски интензивни индустрии. Исходот ќе зависи од локацијата, расположливите сончеви и ветерни ресурси, капацитетот на мрежата и брзината со која можат да се приклучуваат нови електрани.
Едно од можните решенија е развојот на обновливи микромрежи во близина на дата-центрите, комбинирани со батериски системи и резервни извори. На тој начин дел од новата потрошувачка би се задоволувал локално, без целиот товар да се пренесе врз постојната електроенергетска мрежа.
Енергетската и индустриската политика мора да се планираат заедно
Анализата покажува дека идното планирање не може одделно да ги третира производството на обновлива енергија, развојот на мрежата, индустриските зони и дата-центрите.
Новите капацитети за производство, пренос и складирање треба да се развиваат според очекуваната побарувачка на челичарниците, хемиската индустрија, производствените кластери и дигиталната инфраструктура.
За индустриската конкурентност не е доволна само високата инсталирана моќност. Одлучувачки ќе бидат местото и времето во кое енергијата е достапна, нејзината цена и способноста на системот да обезбеди континуирано и сигурно производство.
Со други зборови, предност ќе имаат компаниите и економиите што ќе успеат да го одвојат индустрискиот раст од нестабилноста на пазарите на фосилни горива и навреме ќе обезбедат пристап до сигурна обновлива енергија.
м-р Виктор Андонов

