Хрватска направи важен исчекор во децентрализацијата на електроенергетскиот сектор. Во населбата Шпичковина кај Забок започна со работа првата оперативна енергетска заедница во земјата, преку која граѓаните за првпат официјално споделуваат електрична енергија произведена од заедничка соларна електрана. Проектот го реализираше Регионалната енергетска и климатска агенција на Северозападна Хрватска (REGEA) во рамките на европскиот проект SHAREs.
Соларната електрана со инсталирана моќност од 64 kW е поставена на покривот на Доброволното противпожарно друштво (DVD) во Шпичковина.
Во енергетската заедница моментално членуваат 17 членови, и тоа домаќинства, сопственик на мал бизнис и самото противпожарно друштво.
Производството започнало на 1 јуни, а од јули произведената електрична енергија официјално почнала да се распределува меѓу членовите, што за првпат овозможува директни заштеди на нивните сметки за електрична енергија.
Што всушност значи „споделување на електрична енергија“?
За разлика од класичниот модел, каде секое домаќинство поставува сопствена фотоволтаична електрана, членовите на енергетската заедница заеднички инвестираат во една електрана и ја споделуваат произведената електрична енергија.
Електричната енергија физички се испорачува во дистрибутивната мрежа, а секој член добива свој удел преку системот за пресметка на снабдувачот, кој се евидентира како намалување на неговата потрошувачка и сметка за електрична енергија.
Од идеја до реализација биле потребни неколку години
Иако Хрватска пред неколку години ја усогласи својата законска рамка со европските правила за енергетски заедници, дури сега се создадени техничките, административните и пресметковните услови што овозможуваат произведената електрична енергија навистина да се споделува меѓу повеќе потрошувачи.
„Европската Унија ги препознава енергетските заедници како една од клучните алатки на праведната енергетска транзиција. Идејата е едноставна: граѓаните заеднички произведуваат, споделуваат и користат обновлива енергија, ги намалуваат трошоците и ја зголемуваат својата независност од надворешни снабдувачи. Хрватска ја пренесе оваа рамка во своето законодавство, но до Шпичковина никој не ја беше спровел целосно“, изјави директорот на REGEA, Јулије Домац.
Токму затоа проектот во Шпичковина претставува пресвртница за хрватскиот енергетски сектор. Неговото значење не е само во изградбата на соларната електрана, туку во тоа што за првпат е воспоставен функционален модел преку кој произведената електрична енергија може официјално да се распределува и споделува меѓу членовите на една енергетска заедница. Според REGEA, распределбата се врши врз основа на однапред дефиниран статичен клуч за споделување.
Зошто ова е важно и за Македонија?
Новиот Закон за обновливи извори на енергија во Македонија, кој беше донесен на крајот на месец Јуни 2026 година, исто така предвидува формирање енергетски заедници и можност за споделување произведена електрична енергија, меѓутоа со цел целосно користење на оваа можност, потребно ќе биде и донесување на дополнителна подзаконска регулатива од страна на министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, како и технички правила од операторот на дистрибутивниот систем, инсталирање на паметни броила и други активности.
Хрватскиот пример покажува дека донесувањето закон е само првиот чекор. Вистинскиот предизвик е воспоставување функционални правила, пресметковен систем и пазарни механизми што ќе им овозможат на граѓаните навистина да ја делат електричната енергија и да остварат директни финансиски придобивки од заедничките инвестиции во обновливи извори на енергија.
ECI

