Во време кога Европа повторно се соочува со енергетска неизвесност, раст на цените на енергенсите и геополитички ризици поврзани со Блискиот Исток и Ормутскиот теснец, професорот Jan Rosenow отвора едно од најважните прашања за иднината на европската енергетска транзиција: дали вистинската енергетска безбедност се гради преку нови фосилни инвестиции или преку масовна електрификација?

Во својата анализа „Norway: The World’s Most Instructive Energy Paradox“, Rosenow ја претставува Норвешка како најконтроверзниот, но и најпоучниот енергетски модел во Европа денес.
Од една страна, Норвешка е глобален лидер во електрификацијата на транспортот и греењето. Од друга страна, земјата останува еден од најголемите извозници на природен гас во Европа. Токму оваа двојна реалност ја создава т.н. норвешка енергетска парадоксалност.
Електрификацијата како државна стратегија
Норвешка не стигна до денешната позиција преку краткорочни субвенции или политички кампањи. Според Rosenow, станува збор за повеќедецениска и системска политика која започнала уште во 1990-тите години.
Резултатите денес се драматични.

Во првиот квартал од 2026 година, околу 98% од сите новопродадени автомобили во Норвешка биле целосно електрични. Не хибридни туку целосно електрични возила. Истовремено, приближно една третина од вкупниот возен парк во државата е веќе електрифициран.
Паралелно со тоа, Норвешка стана и светски лидер во употребата на топлински пумпи. Денес, околу две третини од домаќинствата користат топлински пумпи, иако земјата има едни од најстудените климатски услови во Европа.

Според Rosenow, клучот не бил само во финансиските ресурси, туку во конзистентноста на политиките:
- јаглеродни даноци;
- даночни ослободувања за EV возила;
- бесплатни патарини и паркинзи;
- пристап до посебни сообраќајни ленти;
- инвестиции во инфраструктура за полнење електрични автомобили;
- субвенции за топлински пумпи;
- регулативи за постепено исфрлање на топлинските системи базирани на фосилни горива.
Норвешка практично ја направи електрификацијата полесен и поевтин избор за граѓаните.
Хидроенергијата како основа на системот
Дополнителна предност на Норвешка е структурата на електроенергетскиот систем.
Поголемиот дел од производството на електрична енергија доаѓа од хидроенергија, додека ветерната енергија бележи силен раст во последните две децении. Тоа значи дека кога норвешките домаќинства ги полнат електричните возила или користат топлински пумпи, електричната енергија доаѓа од нискојаглеродни извори.

Во суштина, Норвешка не изврши само електрификација на потрошувачката, туку паралелно изгради и релативно декарбонизиран електроенергетски систем.
Но паралелно растеше и извозот на гас
Токму тука започнува најинтересниот дел од анализата.
Додека домашниот транспорт и греење се електрифицираа, Норвешка истовремено ја зајакнуваше својата улога како еден од најголемите снабдувачи со природен гас во Европа.

Според Rosenow:
- производството на нафта постепено опаѓа од почетокот на 2000-тите;
- но производството на природен гас повеќе од двојно се зголемило;
- од околу 53 bcm во 2000 година на приближно 131 bcm во 2024 година.
По енергетската криза во Европа и намалувањето на руските испораки, Норвешка стана еден од клучните столбови на европската енергетска стабилност.
Само во 2024 година, норвешкиот извоз на гас бил еквивалентен на повеќе од 30% од вкупната потрошувачка на гас во ЕУ и Обединетото Кралство.
Со други зборови:
Норвешка истовремено гради една од најелектрифицираните економии во светот и останува еден од најголемите фосилни извозници во Европа.
Главната порака: енергетската безбедност доаѓа преку електрификација
Една од најсилните тези во анализата е дека долгорочната енергетска безбедност не се обезбедува преку постојано зголемување на зависноста од фосилни горива, туку преку намалување на изложеноста кон нивната ценовна и геополитичка нестабилност.
Според Rosenow:
- секое електрично возило;
- секоја топлинска пумпа;
- секој дополнителен мегават обновлива енергија;
претставуваат директна заштита од идни енергетски и геополитички шокови.
Тој аргументира дека токму електрификацијата е најсилниот механизам за намалување на зависноста од увозни фосилни горива и нестабилни меѓународни пазари.
Што значи ова за Западен Балкан и за Македонија?
За земјите од Западен Балкан, норвешкиот пример носи особено важна порака.
Регионот и понатаму останува силно зависен од:
- увоз на фосилни горива;
- ценовна нестабилност;
- стар термоенергетски систем;
- висока изложеност на геополитички ризици.
Во такви услови, електрификацијата на транспортот, греењето и индустријата заедно со инвестиции во обновливи извори, батериски системи и модернизација на мрежата постепено станува не само климатска политика, туку и стратегија за национална енергетска безбедност.
Токму затоа норвешкиот модел денес е важен не само како зелена приказна, туку како реален пример за тоа како долгорочната и конзистентна енергетска политика може фундаментално да ја намали ранливоста на една економија кон идни глобални кризи.
м-р Виктор Андонов

