Европската Комисија избра девет големи проекти за производство на обновлив водород во рамки на третата аукција на Европската водородна банка (European Hydrogen Bank – EHB), со вкупна финансиска поддршка од над 1 милијарда евра.
Избраните проекти, кои се лоцирани во седум земји од Европската економска област, се очекува да обезбедат речиси 1,1 GW капацитет за производство на водорот преку електролиза и да произведат повеќе од 1,3 милиони тони обновлив водород во првите десет години од работењето.
Според Европската комисија, проектите би требало да придонесат за намалување на околу 9 милиони тони CO₂ еквивалент емисии, особено во енергетски интензивните индустрии како транспортот, хемиската индустрија и тешката индустрија.
Инвестициите ќе бидат финансирани преку Innovation Fund на Европската унија, со средства обезбедени од системот за тргување со емисии на ЕУ (EU ETS). Вкупната доделена поддршка изнесува околу 1,09 милијарди евра.
Европскиот комесар за клима, нето-нула емисии и зелен раст, Wopke Hoekstra, изјави дека новите инвестиции покажуваат како приходите од ETS сè повеќе се насочуваат кон зајакнување на европската индустриска конкурентност, забрзување на чистата транзиција и подобрување на долгорочната енергетска безбедност.
Дополнителни 1,7 милијарди евра национални средства ќе бидат мобилизирани преку механизмот „Auctions-as-a-Service“, при што Шпанија и Германија ќе финансираат дополнителни проекти на своја територија.
Европската агенција за клима, инфраструктура и животна средина (CINEA) ќе започне со подготовка на договорите за грантови со избраните проекти, вклучувајќи ги финалните услови за финансиска поддршка и временската рамка за реализација. Потпишувањето на договорите се очекува во последниот квартал од 2026 година.
Најновата аукција за водород претставува дел од пошироката стратегија на Европската унија за забрзан развој на конкурентен пазар на обновлив водород, како дел од целите за климатска неутралност и индустриска трансформација.
Редакција

