Соларот и батериите стануваат новата базна енергија

јуни 4, 2026

Фотонапонските електрани во комбинација со батериски системи веќе не се само дополнителен извор на електрична енергија. Новите анализи покажуваат дека во региони со силен сончев и ветерен потенцијал тие можат да обезбедат стабилна електрична енергија 24 часа на ден, по цени конкурентни на јагленот и природниот гас.

Долги години главниот аргумент против обновливите извори беше нивната променливост. Соларните електрани произведуваат најмногу преку ден кога има сонце, додека ветерните електрани произведуваат кога има ветар, а класичните електрани на јаглен и гас се сметаа за незаменливи кога станува збор за стабилно снабдување.

Но, таа претпоставка сè побрзо се менува. Новиот извештај на Меѓународната агенција за обновлива енергија – IRENA, покажува дека соларните и ветерните електрани во комбинација со батериско складирање веќе можат да обезбедат електрична енергија достапна 24 часа на ден, по конкурентни трошоци. Според IRENA, во региони со добри природни услови, ваквите хибридни системи можат да испорачуваат стабилна електрична енергија по пониска цена од фосилните горива.

Се урива старата поделба меѓу обновлива и базна енергија

Клучната промена е во батериите. Без складирање, Фотонапонските електрани остануваат силен, но дневен извор на производство. Со батериски системи, дел од евтината електрична енергија произведена преку ден може да се користи во вечерните часови, кога потрошувачката расте, а производството од сонце се намалува.

Токму затоа, соларот со батерии почнува да влегува во улогата што традиционално беше резервирана за јагленот и гасот, а тоа е стабилно снабдување. IRENA проценува дека трошокот за стабилна електрична енергија од фотонапонски електрани со батерии во региони со висок сончев потенцијал се движи од 54 до 82 долари за мегават-час. За споредба, новите термоелектрани на јаглен во големи пазари се движат околу 70 до 85 долари за мегават-час, додека новите гасни електрани на глобално ниво може да надминат 100 долари за мегават-час.

Ова не значи дека секој систем веднаш може целосно да се потпре на солар и батерии. Но значи дека економската логика се менува. Обновливите извори повеќе не се само најевтин нов извор на електрична енергија, туку стануваат реална системска алтернатива за стабилно снабдување.

Директорот на IRENA: Аргументот за несигурност повеќе не важи

Генералниот директор на IRENA, Francesco La Camera, ја формулира промената многу директно. Според него, електричната енергија од обновливи извори достапна 24 часа на ден веќе е конкурентна со фосилните горива, а долгогодишниот аргумент дека обновливите извори не се доволно сигурни „повеќе не важи“. Тој нагласува дека обновливите извори денес можат да обезбедат сигурна електрична енергија во текот на целото деноноќие, додека пазарите на нафта и гас остануваат изложени на геополитички шокови и ценовна нестабилност.

Во интервју за Forbes, La Camera дополнително посочува дека обновливите извори не се само поевтини, туку и побрзи за изградба од голем дел од класичните енергетски капацитети. Според него, во систем во кој побарувачката за електрична енергија расте, логично е да се избере решение што е поевтино и може побрзо да се реализира.

Батериите ја менуваат целата економија

Најважниот податок во оваа промена е падот на трошоците. Од 2010 година, според IRENA, вкупните инсталирани трошоци за ФН електрани се намалени за 87%, за копнени ветерни електрани за 55%, а за батериско складирање за дури 93%. Токму ова го прави можен новиот модел: евтино производство плус евтино складирање.

IRENA очекува дополнително намалување на трошоците во следната деценија. Кај најдобрите локации, стабилната електрична енергија од обновливи извори би можела да падне под 50 долари за мегават-час до средината на 2030-тите години.

Ова е голема промена за електроенергетските системи. Досега фосилните горива ја имаа предноста на сигурноста, а обновливите извори ја имаа предноста на ниската цена. Со батериите, таа поделба почнува да исчезнува.

Следниот проблем не е производството, туку мрежата

Сепак, оваа промена не може да се случи само со изградба на нови ФН електрани. Следното ограничување ќе биде мрежата. Преносните и дистрибутивните системи во многу земји не се проектирани за голем број децентрализирани извори, батерии и променливи текови на електрична енергија.

Forbes во анализата посочува дека без модернизација, тесните грла во преносната мрежа, а не недостигот на производство, ќе го забавуваат развојот. Истовремено, побарувачката за електрична енергија расте поради електрификацијата, индустрискиот развој, центрите за податоци и вештачката интелигенција.

Затоа, следната фаза во енергетиката нема да биде само прашање кој ќе изгради повеќе мегавати. Ќе биде прашање кој ќе изгради подобар систем: мрежа, батерии, управување со потрошувачката и пазарни правила што ја наградуваат флексибилноста.

Редакција

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *