Европската Унија сè поинтензивно го насочува фокусот кон развој на системи за складирање на електрична енергија, кои стануваат еден од најважните елементи за стабилноста на идниот енергетски систем.
Според најновите податоци на Заедничкиот истражувачки центар на Европската Комисија (JRC), европскиот Energy Storage Inventory сега овозможува следење не само на постојните проекти, туку и на динамиката на идниот развој на складиштата за енергија низ Европа.
Новите функционалности на платформата овозможуваат анализа на тоа како се зголемуваат капацитетите за складирање во наредните години, следење на инвестициите, темпото на изградба и технолошките трендови во различни европски земји.
Податоците покажуваат дека Европа веќе се наоѓа во фаза на силна експанзија на енергетските складишта. Во моментов, оперативните капацитети достигнуваат околу 70 GW, додека дополнителни над 97 GW се очекува да бидат пуштени во работа до 2030 година.
Иако пумпните хидроцентрали и понатаму доминираат како најголем постоечки облик на складирање, најбрзо растечки сегмент се батериските системи. Причината е јасна, а тоа е сè поголемото учество на обновливите извори, особено сончевите и ветерните електрани, создава потреба од поголема флексибилност и можност за балансирање на системот.
Во пракса, батериските системи овозможуваат вишокот електрична енергија произведена во периоди на силно сонце или ветер да се складира и да се користи кога производството ќе се намали или кога потрошувачката е највисока.
Европската Комисија оценува дека токму складирањето на енергија ќе биде еден од клучните предуслови за успешна енергетска транзиција, поголема сигурност во снабдувањето и намалување на зависноста од фосилни горива.
Паралелно со растот на обновливите извори, расте и интересот на инвеститорите за големи батериски системи (BESS), а повеќе европски држави веќе започнуваат со масовни инвестиции во нови капацитети за складирање.
Овој тренд постепено станува актуелен и во регионот на Западен Балкан, каде што идниот развој на соларните и ветерните електрани ќе биде практично невозможен без паралелен развој на батериски системи и модерни механизми за балансирање на електроенергетските системи.
Големи pumped-storage проекти на Западен Балкан: Регионот влегува во нов циклус на енергетски инвестиции
Покрај батериските системи, земјите од Западен Балкан сè поинтензивно се насочуваат и кон развој на големи pumped-storage хидроцентрали, кои се сметаат за најстабилна технологија за долгорочно складирање на електрична енергија.
Во Србија, најнапреден проект е реверзибилната хидроцентрала „Бистрица“, со планирана инсталирана моќност од околу 628–630 MW. Проектот предвидува капацитет за складирање на енергија од околу 55 GWh, со можност истиот во иднина да се прошири дури до 310 GWh, што би ја позиционирало „Бистрица“ меѓу најзначајните системи за складирање на електрична енергија во поширокиот регион на Југоисточна Европа. Српската EPS веќе влезе во фаза на просторни планови, студии и подготовка за дозволи, а проектот се смета за клучен за интеграција на новите ветерни и соларни капацитети во Србија.
Паралелно, Србија повторно го актуелизира и мегапроектот „Ѓердап 3“ (Djerdap III), кој со децении се споменува како една од најголемите потенцијални pumped-storage електрани во Европа. Во моментов се разгледуваат неколку варијанти, со капацитет од 1.400 MW, 1.800 MW, па дури и до 2.400 MW. Доколку се реализира најголемата варијанта, проектот би можел значително да ја промени енергетската слика на целиот регион.
Во Северна Македонија, проектот „Чебрен“ останува најзначајниот хидроенергетски проект во државата. Последните модели предвидуваат капацитет од најмалку 333 MW, со можност за проширување до околу 458 MW со дополнителна единица. Проценетата инвестиција за овој проект е околу 1 милијарда евра, согласно информациите од последниот меѓународен тендер кој беше неуспешен и се заврши во 2024 година. Освен производство на електрична енергија, проектот има и важна улога за системска флексибилност и интеграција на обновливите извори. Преставници од Владата во изминатата година, најавуваат во неколку наврати дека проектот повторно се нуди на странски инвеститори, но сеуште нема конкретни информации за начинот и временската рамка за реализација на овој проект.
Во Албанија, вниманието е насочено кон можниот pumped-storage проект поврзан со каскадата на реката Девол, каде норвешкиот Statkraft веќе спроведува префизибилити анализи. Според досегашните информации, потенцијалниот проект би можел да достигне капацитет од околу 1,2 GW, што би го направило еден од најголемите системи за складирање во Југоисточна Европа. Дополнително, се разгледуваат и можности за pumped-storage решенија помеѓу акумулациите Fierza и Koman.
Босна и Херцеговина веќе располага со една од најголемите pumped-storage електрани во регионот „Чапљина“, со инсталирана моќност од околу 420–440 MW. Централата работи уште од 1980-тите, а во тек се процеси за модернизација и рехабилитација со цел продолжување на работниот век и подобрување на флексибилноста на системот.
Овие проекти покажуваат дека регионот на Западен Балкан постепено ја следи европската тенденција, а тоа е дека масовниот развој на обновливи извори веќе не може да се замисли без големи капацитети за складирање на енергија. Пумпно-акумулационите хидроцентрали, и покрај долгите рокови и високите инвестиции, повторно стануваат стратешки енергетски приоритет на Балканот.
м-р Виктор Андонов
Поранешен советник за енергетика на Претседателот на Владата

