Проектот на Институтот за економија и енергетски политики и истражувања (IEEPR) – „Модел за граѓанско управување со сончева енергија во Општина Штип“ ја доби наградата Climate Champion Award 2025 во рамките на иницијативата Climate Bridges, како едно од најиновативните и најрепликативни решенија за локална енергетска транзиција во регионот.
Наградата беше доделена во рамките на второто издание на Climate Champion Award 2025, регионална иницијатива која ги препознава најиновативните проекти за климатска акција, енергетска транзиција и одржлив развој. На повикот учествуваа поединци, организации, општини и истражувачки институции од повеќе земји од регионот.
Меѓународното жири ги оценуваше проектите според нивото на иновативност, реалното влијание, вклученоста на локалната заедница и потенцијалот за примена во други средини. Според оценката на жирито, штипскиот проект се издвоил поради „исклучителната длабочина и ригорозност“, комбинирајќи техничко моделирање, финансиска анализа, правно структуирање и директно учество на граѓаните во енергетското управување.
Проектот опфаќа 28 јавни објекти во Општина Штип, училишта, градинки и административни институции, кои се интегрираат во единствен координиран енергетски систем. Анализите покажуваат дека преку распределба на вишоците произведена сончева електрична енергија помеѓу институциите, можно е речиси двојно зголемување на избегнатите CO₂ емисии, како и годишни заштеди од околу 38.900 евра во трошоците за електрична енергија.
Централен елемент на проектот е формирањето ново општинско енергетско претпријатие со директно учество на граѓаните и јавните институции во управувањето. Во управниот одбор се предвидени претставници од училиштата, градинките и локалната заедница, со што граѓаните добиваат директна улога во носењето одлуки за енергетското управување и распределбата на финансиските придобивки.
Дополнителна тежина на проектот му дава фактот што Советот на Општина Штип веќе изгласал формирање на претпријатието, што, според организаторите, покажува дека станува збор за реален и применлив модел, а не само за теоретски концепт.
Наградите беа доделени на регионална церемонија одржана на 21 мај 2026 година во Pula, каде учесниците од регионот имаа можност за вмрежување, работилници и размена на искуства во областа на климатските политики и енергетската транзиција.
Редакција

