Американското производство на електрична енергија достигна историски максимум во неделата 28 јуни – 4 јули 2026 година, кога за првпат беше надмината границата од 100.000 GWh неделно производство.
Според Edison Electric Institute (EEI), во текот на неделата биле произведени 100.996 GWh, со што е надминат претходниот рекорд од 99.445 GWh, поставен во периодот 17–23 јули 2022 година.
EEI наведува дека рекордот е постигнат за време на силен топлотен бран кој зафати голем дел од централните и источните делови на САД. Во повеќе држави температурите надминале 37,8°C (100°F), а индексот на топлина достигнувал и до 46,1°C (115°F).
Повеќе од 200 милиони жители биле под предупредувања за екстремни горештини, што довело до рекордно користење на климатизација и значително зголемување на побарувачката за електрична енергија.
Во соопштението се наведува дека произведените 100.996 GWh се околу 22% над просечното неделно производство во САД и претставуваат количина на електрична енергија која е речиси двојно поголема од годишната потрошувачка на Њујорк, испорачана за само седум дена.
Во изминатите 12 месеци, американското производство на електрична енергија достигнало 4.346.875 GWh, што претставува раст од 2,3% во однос на претходниот дванаесетмесечен период.
Претседателот и извршен директор на EEI, Дру Малони, оцени дека рекордното производство покажува колку е важно континуираното инвестирање во преносната и дистрибутивната мрежа, нови производствени капацитети и технологии за зајакнување на електроенергетскиот систем со цел да се одговори на растечката побарувачка и на сè почестите екстремни временски услови.
EEI наведува дека американските електроенергетски компании годинава планираат инвестиции од 239 милијарди долари, а до 2030 година вкупните инвестиции треба да достигнат 1,4 трилиони долари.
ECI

