Енергетската заедница: Безбедноста и конкурентноста стануваат нов двигател на енергетската транзиција

јули 6, 2026

Енергетската безбедност, конкурентноста и интеграцијата на Западен Балкан во единствениот европски пазар на електрична енергија стануваат новите приоритети на енергетската политика. Ова е главната порака од Неформалниот министерски совет на Енергетската заедница, одржан во Приштина, каде министрите разговараа за следната фаза од енергетската транзиција и реформите што треба да го забрзаат приближувањето на договорните страни кон европскиот енергетски пазар.

Од климатска политика кон енергетска безбедност и конкурентност

Енергетската заедница оценува дека енергетската транзиција влегува во нова фаза, во која покрај декарбонизацијата, клучни цели стануваат сигурноста на снабдувањето, конкурентноста на економијата и отпорноста на енергетските системи.

Министрите нагласија дека актуелните геополитички и енергетски предизвици ја потврдуваат потребата од побрза интеграција на регионалните пазари со Европската Унија и од забрзување на инвестициите во енергетската инфраструктура.

Интеграцијата со европскиот пазар влегува во нова фаза

Една од централните теми беше имплементацијата на Electricity Integration Package, кој треба да овозможи постепено поврзување на пазарите на договорните страни со единствениот европски пазар на електрична енергија преку market coupling.

Според Енергетската заедница, ова ќе овозможи поефикасно користење на прекуграничните интерконекции, подобро искористување на обновливите извори на енергија и поефикасно формирање на цените на регионалните пазари.

Електрификацијата како двигател на економскиот развој

Директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Артур Лорковски, порача дека електрификацијата е „предност пред пристапувањето“ што регионот треба да ја искористи.

Според него, доколку земјите настапат координирано во секторите греење и транспорт, можат да изградат економии засновани на домашна и достапна енергија.

Фокус и на природниот гас

Министрите разговараа и за понатамошното усогласување на гасниот сектор со европското законодавство, како и за мерките поврзани со диверзификацијата на снабдувањето.

Презентирани беа анализи кои покажуваат дека постепеното намалување на зависноста од рускиот природен гас може да се реализира без загрозување на сигурноста на снабдувањето.

Од 5 август, земјите членки на ЕУ треба да ги применуваат прекуграничните мрежни кодови на сите граници, а Енергетската заедница најавува паралелен процес за нивна примена и кај договорните страни.

Тоа треба да создаде услови за попредвидливи и подиверзифицирани текови на природен гас.

Нова порака за енергетската транзиција

Пораките од Приштина покажуваат дека европската енергетска политика влегува во нова фаза. Доколку претходната деценија беше обележана со климатските цели и намалувањето на емисиите, денес во прв план се енергетската безбедност, конкурентноста, електрификацијата и целосната интеграција на Западен Балкан во европскиот енергетски пазар.

ECI

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *