Речиси секое четврто броило во земјата веќе се чита далечински, а досегашните инвестиции во дигитализацијата на мерењето достигнаа околу 200 милиони евра
Повеќе од 900.000 корисници на електродистрибутивната мрежа во Србија веќе имаат паметни броила, како дел од широката модернизација на системот што ја спроведува „Електродистрибуција Србија“ (ЕДС), со финансиска поддршка од Европската Унија, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
Со досегашната реализација, речиси секое четврто броило во Србија се чита далечински. Според ЕДС, во поставувањето паметни броила досега се инвестирани околу 200 милиони евра, а стратешка определба на компанијата е секој нов приклучок да биде опремен со вакво мерно место.
Масовната замена на старите броила првично била поддржана со 110 милиони евра грантови од Европската Унија. Потоа биле обезбедени повеќе од 8 милиони евра грант преку WBIF и заем од ЕБОР во износ од 40 милиони евра.
Следната фаза предвидува замена на уште 400.000 броила, за што се подготвува финансиска поддршка од Европската инвестициска банка (ЕИБ), се наведува во официјалното соопштение на ЕБОР.
Попрецизни сметки и подобро управување со мрежата
Паметните броила овозможуваат автоматско и далечинско отчитување на потрошувачката, со што се намалува потребата од физичко читање на мерните места и се подобрува точноста на пресметките.
За корисниците тоа значи попрецизни сметки, полесен пристап до податоците за потрошувачката и поголема контрола врз трошоците за електрична енергија. За операторот на дистрибутивната мрежа, пак, податоците овозможуваат подобар увид во состојбата на системот, побрзо откривање на проблемите и поефикасно управување со мрежата.
ЕДС најави дека во текот на есента ќе биде пуштен и нов портал преку кој корисниците со паметни броила ќе можат континуирано да ја следат сопствената потрошувачка.
Подготовка за повеќе обновлива енергија
Модернизацијата на мерењето е значајна и за интеграцијата на новите технологии во електроенергетскиот систем. Кровните соларни електрани, топлинските пумпи, електричните возила и енергетските заедници постепено го менуваат начинот на кој електричната енергија се произведува, троши и разменува.
Според ЕБОР, дигитализацијата на дистрибутивната мрежа треба да ја зголеми нејзината сигурност и ефикасност, но и да овозможи поголемо учество на обновливите извори и поактивна улога на потрошувачите.
Проектот истовремено претставува дел од усогласувањето на Србија со енергетските правила на ЕУ и подготовките за постепена интеграција во единствениот европски пазар на електрична енергија, посочува Делегацијата на ЕУ во Србија.
ECI

